Фото: ЕПА

Испишав историја на овој прекрасен турнир, играјќи финале со легенда на нашиот спорт, рече Карлос Алкараз, пренесе АТП, по победата на мечот со Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон, за втора тениска гранслем-титула во кариерата

ТЕНИСКИ ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР ВИМБЛДОН

Тоа е остварување на сонот за мене. Се разбира дека е одлично да се победи, но дури и да загубев, ќе бев навистина горд на себе со оваа неверојатна серија. Испишав историја на овој прекрасен турнир, играјќи финале со легенда на нашиот спорт, рече Карлос Алкараз, пренесе Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), по победата на мечот со Новак Ѓоковиќ, со 1-6, 7-6, 6-1, 3-6, 6-4, во финалето на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон.
За Алкараз (20) ова е втор гранслем-трофеј (лани победи на САД опен), а Ѓоковиќ има 23, од нив седум во Вимблдон. Наедно, Алкараз стана само петтиот тенисер во т.н. опен ера (од 1968 година) што освоил барем две гранслем-титули пред да наполни 21 година.
– Неверојатно е за момче од 20 години да дојде до ваква ситуација навистина брзо. Навистина сум горд на себе и на тимот што го имам, на работата што ја вложуваме секој ден, за да можеме да го освоиме ова – вели Алкараз.
Алкараз ја прекина серијата од 34 победи на Ѓоковиќ на Вимблдон со победата за четири часа и 42 минути.
– Многу ме инспирираше играјќи тенис, те гледав уште од раѓање. Веќе освојуваше турнири. Веројатно си во подобра форма од мене. Триесет и шест се новите 26, ти правиш да се случи тоа. Неверојатно е – рече Алкараз, свртувајќи се кон Ѓоковиќ на церемонијата на доделувањето на трофеите.
Ѓоковиќ беше полн со пофалби за Алкараз.

– Мислам дека луѓето зборуваа во претходните 12 месеци за играта на Алкараз што се состои од одредени елементи од Роже Федерер, Рафаел Надал и од мене. Би се согласил со тоа. Мислам дека во основа го има најдоброто од сите тројца. Тој ја има оваа ментална отпорност и зрелост за некој што има 20 години. Тоа е доста импресивно. Тој го има овој менталитет на „шпански бик“ на компетитивност и борбеност и неверојатна одбрана што ја гледаме кај Рафа низ годините. И мислам дека има некои убави бекхендови со лизгање што има некои сличности со моите бекхендови. Бекхенд со две раце, одбрана, можност за приспособување. Мислам дека тоа беше мојата лична сила многу години. Тоа го има и тој. Никогаш не сум играл со играч како него, да бидам искрен. Роже и Рафа имаат свои очигледни силни и слаби страни. Карлос е многу комплетен играч. Неверојатни способности за приспособување, кои мислам дека се клуч за долговечност и за успешна кариера на сите површини – рече Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ вели дека ривалството со Алкараз е добро за спортот.
– Тој ќе биде на турнејата подолго време. Не знам колку долго јас ќе бидам. Имаше само три натпревари што ги одигравме еден против друг. Три навистина тесни натпревари. Два годинава, во подоцнежните фази на гранслем-турнирите. Се надевам дека ќе играме на САД опен. Зошто да не? Мислам дека е добро за спортот, првите двајца во светот што се соочуваат еден со друг во речиси петчасовен трилер од пет сета. Не може да биде подобро за нашиот спорт воопшто – вели Ѓоковиќ. Н.М.


Шпанецот веќе е повеќе недели прв на АТП-листата од 12 други поранешни водечки тенисери

Карлос Алкараз (Шпанија) го задржа првото место на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) со победата во епското финале на гранслем-турнирот Вимблдон на мечот со Новак Ѓоковиќ (Србија), во пет сета. Алкараз ја почна својата 29-та недела на врвот. Со само 20 години тој веќе го има првото место подолго од 12 други поранешни светски рекети број 1, вклучувајќи ги Матс Виландер (20 недели), Данил Медведев (16), Енди Родик (13), Борис Бекер (12) и неговиот тренер Хуан Карлос Фереро (осум), пишува АТП. Алкараз води пред Ѓоковиќ со 880 поени. Ниту еден друг тенисер не е во рамките на 2.000 поени од двојката, со што ја поставува основата за голема трка за првото место до крајот на годината. Лани Алкараз стана најмладиот што на крајот на годината бил прв. Ѓоковиќ, пак, е рекордер за најмногу први места на крајот на годината, седум.