Фото: Приватна архива

Читајќи многу, посакав да творам поетски и прозни творби, да рецитирам и да учествувам и на голем број литературни, ликовни, фото, рецитаторски и други конкурси како во нашата држава Македонија така и надвор од неа. На многу конкурси насекаде низ светот сум наградуван со пофалници, статуетки, плакети, а особено сум горд што моите творби се испечатени и во десетина книги и збирки со повеќемина автори, вели Горазд

Ви го претставуваме мултиталентираниот шестоодделенец Горазд Трајковски,
победник на конкурсот на „Колибри“ – „Херојот по кого мојата улица го добила името“

Во денешниот број на „Колибри“ ви го претставуваме 11-годишниот Горазд Трајковски, кој победи на нашиот конкурс „Херојот по кого мојата улица го добила името“, на кој ни испрати три творби, со двете литературни го освои првото место, а за убавиот цртеж и посветеноста му подаривме уште една книга. На наша голема радост откривме дека Горазд е многу успешен на повеќе полиња, а големиот број освоени награди се доказ за тоа.

Горазд, најпрво кажи ни неколку збора за тебе, за твоите интереси и кога кај тебе се роди љубовта кон читањето?
– Здраво, јас сум Горазд Трајковски, имам 11 години, учам во општинското основно училиште „Мирче Ацев“ во Скопје ,каде што од септември ќе бидам ученик во 6-а одделение. Со моето семејство – родителите и петгодишната сестричката Мартија – живееме во општината и истоимената главна улица Ѓорче Петров. Уште од најрана возраст ја сакам природата, ги обожавам прошетките и времето поминато на чист воздух. Голем вљубеник сум во убавиот пишан збор, а исто така обожавам да читам книги. Во мојот дом имам и сопствена библиотека. Најомилени ми се книгите од најдобриот светски раскажувач Роалд Дал, особено неговата книга „Чарли и фабриката за чоколада“, според која е снимен и филм со актерот Џони Деп, кој го глуми ликот на Виле Вонка. Го сакам и Александар Сергеевич Пушкин со неговите сказни, кои им се едни од најомилените на сите деца во светот, а би ја издвоил „Среќниот принц и другите приказни“, книга привлечна за сите генерации. Читајќи многу, посакав да творам поетски и прозни творби, да рецитирам и да учествувам и на голем број литературни, ликовни, фото, рецитаторски и други конкурси како во нашата држава Македонија така и надвор од неа. На многу меѓународни и интернационални конкурси насекаде низ светот сум наградуван со многу награди, пофалници, статуетки, плакети, а особено сум горд што моите творби се испечатени и во десетина книги и збирки со повеќемина автори.

Што би издвоил од твоите многубројни успеси?
– Од досегашните достигнувања од областа на литературното творештво, ликовната уметност, рецитаторските и фотоконкурсите ќе ги издвојам повеќето награди освоени во земјите од Балканот, Русија, Америка, Индија, Палестина, Сирија и Либан… Доделена ми беше и бронзена плакета за ликовна творба на свечена церемонија лично од рускиот амбасадор Сергеј Базникин. Би ја издвоил и интернационалната поетска втора награда посветена за нашата татковина Македонија и гран прито, добиени годинава. Неколку години по ред сум прогласуван за истакнат ученик во моето училиште, а бев и претседател во одделението. Дружељубив сум и секогаш активно сум вклучен во училишните хуманитарни или активности за збогатување на библиотекарскиот фонд. И самиот донирам книги, а бев избран и за најталентирано дете во Општината за изминатата година и ми беше доделена пофалница со ваучер од градоначалникот Александар Стојкоски на свечена церемонија што се одржа крај вовчето „Пампорче“.

Наброј некои од твоите спортски признанија?
– Имам натпреварувачки дух, а од спортовите тренирам карате и пливање. Би го издвоил бронзениот медал по карате во кати, индивидуално, на натпревар во Црна Гора, како член на карате-клубот Ѓорче Петров. Оваа година по предметот Физичко и здравствено образование освоив бронзен медал по карате во кати индивидуално, за нашето училиште, на Државното училишно првенство, а на регионалниот училиштен натпревар го освоив второто место.

Повод за нашиот разговор е твојата награда освоена со песна во акростих, состав и цртеж, што ни ги испрати на нашиот конкурс „Херојот по кого мојата улица го добила името“. Што те поттикна да учествуваш?
– Сосема случајно конкурсот го пронајдов на Интернет. Вашата објава ми се појави низ пребарувањето и темата беше мошне интересна, предизвик беше да се пишува за нашата татковина Македонија и чедата што таа ни ги дала. Љубовта кон татковината е вечна инспирација, убаво е да сме горди на своето, горди ѓорчепетровци! Кинеската литература ми е особено интересна и презадоволен сум од вашиот избор на двете книги во издание на „Македоника литера“, многу ви благодарам за наградата.

Мајка ти вели на полиците нема веќе место за твои награди.
– Мајка ми Марија е мојата безрезервна поддршка. Вниманието што таа ми го дарува од најмала возраст, еве сега резултира со успех. Љубовта кон читањето сум ја наследил од неа и на тоа сум многу горд. Мајка ми и татко ми Гоце ме подучуваа секогаш да ја искажувам мојата креативност и да се трудам сето тоа да го направам на најдобар начин. Ме советуваа да бидам искрен и праведен и дека добрината секогаш ќе ми се врати со добро. Така самоуверено и храбро чекорам кон нови успеси. Секоја моја освоена награда е уредно документирана во повеќе кластери, бидејќи навистина на полиците нема веќе место за награди.

Те привлекуваат и природни науки. Кои се последните успеси на тоа поле?
– Уште од мал ја сакам природата, ме воодушевува, а пројавувам интерес и воодушевување за растенијата, инсектите, животните воопшто. Ботаничарче – често ми вели баба ми Марина. Оваа година освоив второ место на училишниот натпревар по природни науки, на општинскиот бев трет, а на регионалниот втор.

Кои се твои омилени спортови?
– Ги сакам сите спортови, потекнувам од спортско семејство, но и од спортска општина, бидејќи името Ѓорче Петров е познато и во светски рамки, но најмногу се пронаоѓам во каратето и пливањето. Ова се двата спорта што активно ги тренирам два-три пати во неделата.

Од кого ги научи првите чекори во овој спорт?
– Љубовта кон каратето ја наследив од мојот дедо Зоран Најдановски, тренер на карате-клубот Ѓорче Петров, а секако и од моите родители, кои заедно уште од мала возраст тренирале и се натпреварувале за истиот клуб. Се разбира,тренер им бил дедо ми. Оваа семејна традиција ја негуваме, еве, трета генерација. Јас се натпреварувам во кати, а ги сакам и кумите-борбите. Велат дека имам одлична ножна и рачна техника, најверојатно благодарение на гените. Најинтересни ми се карате-семинарите организирани од мојот тренер,дедо Зоки, кои последниве неколку години се одржуваат во Суто Море, Црна Гора. Дружбите со каратистите се едукативни, но овие патувања имаат и авантуристички и забавен карактер, зашто има сѐ, од водени лудории и кондициски натпревари на плажа до карате-натпревари во сала.

Летото и пливањето добро одат заедно, дали и овој спорт те привлекува?
– Љубовта кон пливањето кај мене беше на прв поглед, започнав уште како мал, паметам не сакав да имам ниту капка вода на лицето, но со преубавиот пристап на мојот тренер по пливање Дарко Поп Ацев (братот на нашиот најдобар повеќекратен светски првак во маратонско пливање Евгениј Поп Ацев), неговата целосна посветеност и пријателскиот карактер научив и совладав многу. Последните мерења во јуни ми беа 25 метри за 25 секунди – краул, а 50 метри за 54 секунди.

Во лето има повеќе време за читање лектири, но и други книги по избор. Кои дела се на твојот список?
– Лектирите ми се одамна прочитани, затоа сега ќе уживам во читањето книги по сопствен избор. Најверојатно ќе започнам со научнофантастичната книга „Архангел – ослободување на ѕверот“ од македонскиот автор Даниел Бибовски, а потоа ќе ги читам и книгите што вие ми ги одбравте како награда.

Имаш ли време да се дружиш со другарите?
– Секако, слободното време за дружба го користам организирано да прошетам со другарчињата во паркот Сарај, кој ми е во непосредна близина. Имаме коњички клуб, составот на двете реки Вардар и Треска е прекрасен, како и висечкиот мост, високите тополи, бујниот растителен и животински свет, особено птиците и верверичките. А тука се и дрвените летниковци и клупи за одмор и старото дрво чинар во средината на паркот. Има и детски игралишта, алатки за вежбање и уште многу други убавини што ни ги нуди ова место.

Имаш ли желба да посетиш некоја посебна земја?
– Имам желба да ја посетам државата Исланд, која изобилува со зачудувачка природа, а има и интересни традиции и богата историја. Таа е нордиска држава и го има сето она што го изучив оваа година по предметот Природни науки, за плочите, гејзерите и вулканите, глечерите. Има и интересен студен топлински појас и многубројни фјордови. Сепак, најмогу од сѐ ме импресионира поларната светлина, аурора бореалис, што е нешто несекојдневно и магично.

Што е за тебе убаво поминат ден и кога си најсреќен?
– Уживам времето да го поминувам во дворот на моите баба Марина и дедо Зоран, поради пространоста. Таму имам доволно слобода и избор на игри, можам да берам овошки, да сликам на платно со акрилни бои, особено во пролет. Исто така обожавам да сликам „шакура“ расцветани цветови на гранчиња низ дворот, а во лето сликам зајдисонца, тоа ме исполнува. Фамилијарен ручек и дружба со најблиските за мене е убаво поминат ден, тогаш сум најсреќен!


Сестрано дружељубиво дете и гордост на дедо

Ги замоливме родителите на Горазд, Марија и Гоце, во неколку збора да го опишат својот син.
– Горазд е сестрано дружељубиво, посветено и трудољубиво дете, точно знае што сака, се бори за своите ставови, сака да патува и да изучува нови нешта. Неговата петгодишната сестричка Мартија е копија на бато Горазд, како што вели таа, „моето братче“. Го обожава и се радува на секој негов успех. Иако разликата во годините им е голема, сепак знаат заедно да си играат, Горазд ужива да ѝ чита бајки и сказни и е многу грижлив кон неа – велат гордите мама и тато.
Горд на својот внук е и дедото Зоран Најдановски.
– Горд сум како дедо на успесите на мојот внук постигнати на полето на училишните обврски, во ликовното и поетското творештво и на полето на спортот. Како негов дедо, пред сѐ би сакал да го насочам и научам да се изгради во една комплетна човечка личност со сите позитивни особини. Да му ги пренесам сите мои животни искуства што би можеле да му користат во животот и патот што го трасира како иден квалитетен академски граѓанин – ни рече Зоран Најдановски.


Животот ти е на дланка,
оствари ги своите сни

Животот е сонце,
животот е водата во реките и езерата,
животот се растенијата,
ливадите и животните во шумата.
Животот е убав во природа,
да ја чуваме и негуваме сите сложно.

Животот е да ги сакаш најблиските,
своите другарчиња од училиште,
нашите игри и лудории.
Животот е храбро да чекориш
кон своите сни и никогаш да не се откажуваш.

Животот е залезот на сонцето,
тишината во ноќта и сонот,
а сонот, мили мои,
безброј сказни крои.
Месечината и ѕвездите спијат,
неуморен до утрото пајакот мрежа сплете,
сакам да биде среќно секое дете.
Со труд и верба,
да ги остваруваме своите сни,
животот ни е еден,
ама вреден во дланките наши.

Горазд Трајковски

Фото: Приватна архива