Поранешниот министер за правда Михајло Маневски на 30 мај поднел кривична пријава против премиерот, министри и функционери поврзани со потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“.
Од обвинителството потврдија дека пријавата е примена во скопското обвинителство и веднаш е распределена на јавен обвинител.
-Надлежниот обвинител ја проучи пријавата по што на 15 јуни 2023 година донесе одлука со која дел од пријавата достави на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во останатиот дел од пријавата јавниот обвинител продолжи да постапува – соопшти обвинителството.
Маневски во пријавата ги осомничил премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерите Артан Груби и Бојан Маричиќ, министерот Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми за дело злоупотреба на службена положба и овластувања.
Делото според Маневски го сториле со потпишување на договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10д и преземање на други активности предвидени со договорот. Како што пишува во поднесената кривична пријава наведените лица сториле кривично дело злоупотреба на службена должност по став 5 од членот 353 од Кривичниот законик.
Маневски беше министер за правда речиси цела деценија во кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски.