Фото: Принтскрин

Славниот чешки писател Милан Кундера почина на 94 години, објави чешката државна телевизија.

Роден во Брно во 1929, Кундера емигрираше во Франција во 1975 откако се најде во немилост на властите поради критикувањето на советската инвазија на Чехословачка во 1968.
Неговите литературни дела имаат освоено многубројни признанија и награди. Овој „француски писател со чешко потекло“, како што почна да го нарекува неговиот француски издавач „Галимар“ пред дваесет години, е еден од ретките писатели што за време на неговиот живот влегол во познатата француска библиотека „Плејада“, во 2011 година.

„Неподнослива леснотија на постоењето“, „Шега“ и „Идентитет“ се едни од неговите најпознати обележја.

Кундера велел дека се гледа себеси како француски автор и инсистирал неговите дела да се проучуваат како француска литература.

Поетската збирка „Човек широка градина“ е неговото прво издадено дело, а првиот роман „Шега“ го издал во 1967 година. По преселбата во Франција продолжува да пишува и да издава нови дела, а некои ги пишува и за Чехословачка.

Сепак, и по Кадифената револуција во 1989 и по поделбата на Чехословачка, Кундера никогаш не се врати да живее во родната земја.

„Фестивалот на безначајноста“ му е последен роман кој го издава во 2014 година. Во 2019 година, чешките власти му го враќаат чешкото државјанство.