Фото: Пиксабеј

Пекинг одговори на обвинувањата на НАТО дека Кина ги доведува во прашање интересите и безбедноста на Алијансата и се спротивстави на секој обид на западниот воен блок да го прошири своето присуство во азиско-пацифичкиот регион, пренесe „Танјуг“.

Во соопштението објавено среде дводневниот самит во литванската престолнина Вилнус, НАТО рече дека Кина, со своите „амбиции и политика на принуда“, ги доведува во прашање интересите, безбедноста и вредностите на Алијансата.

Кинеската мисија во Европа одговори дека содржината на изјавата поврзана со Кина ги игнорира основните факти, ја искривува позицијата и политиката на Кина и намерно го дискредитира Пекинг, пренесе „Ројтерс“.

– Ние цврсто се спротивставуваме и ги отфрламе таквите тврдења – се вели во соопштението на кинеската мисија.

Кинеската мисија соопшти дека Пекинг цврсто се спротивставува на „движењето кон исток во азиско-пацифичкиот регион“ на НАТО и предупреди дека секоја акција што ги загрозува правата на Кина ќе биде дочекана со решителен одговор.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг им рече на новинарите на самитот дека иако Кина не е „противник“ на Алијансата, таа сè повеќе го предизвикува меѓународниот поредок заснован на правила со своето „присилно однесување“.

– Кина сè повеќе го предизвикува меѓународниот поредок заснован на правила, одбивајќи да ја осуди руската војна против Украина, се заканува на Тајван и спроведува значително воено засилување – рече Столтенберг.