Фото: Лавров/инстаграм

Вооружениот конфликт во Украина ќе продолжи се додека Западот не се откаже од своите планови да доминира и да ја порази Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за индонезиски весник, пренесе „Хина“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Целта на „колективниот Запад предводен од САД“ е да ја зајакне својата глобална хегемонија – изјави Лавров за весникот „Компас“. Рускиот министер треба да присуствува на самитот во Источна Азија и на регионалниот форум на АСЕАН во Џакарта оваа недела, како и американскиот државен секретар Антони Блинкен.

– Зошто вооружениот конфликт во Украина не престанува? Одговорот е многу едноставен – ќе продолжи додека Западот не се откаже од плановите да ја зачува својата доминација и не ја надмине опсесивната желба да и нанесе стратешки пораз на Русија од нејзините киевски марионети – се вели во транскриптот од разговорот објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Лавров, исто така, го обвини Киев дека го игнорирал мировниот план на Индонезија и наместо тоа, промовирал сопствен „пакет ултиматуми“. Украина го отфрли индонезискиот план, кој вклучуваше повик за формирање на демилитаризирана зона, повторувајќи го ставот на Киев дека Русија треба да ги повлече своите војници од Украина – потсетува „Ројтерс“.