Украина, Шведска и трошоците за одбраната во фокусот на Самитот на НАТО
Одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната, во однос на приближувањето на Украина во НАТО, но и дефинирање на трошоците за одбраната на земјите-членки ќе бидат дел од одлуките, кои ќе ги донесат лидерите на земјите-членки на НАТО на дводневиот Самит, кој почна денеска во Вилнус, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски при пристигнувањето на настанот.
Како што јави известувачот на МИА од Вилнус, Ковачевски ја предводи владината делегација на Самитот, во чиј состав се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Ова е исклучително важен состанок, доаѓа во важен момент кога практично се води војна во Украина. Состанокот доаѓа по Самитот во Мадрид, на кој беа присутни министрите за одбрана и за надворешни работи, како и претставниците во постојаното седиште на НАТО и од него се очекуваат важни заклучоци – рече премиерот.
На Самитот делегацијата на Македонија ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а во нејзиниот состав се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работ
Тој истакна дека најпрво ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната и тоа на копно и воздух, како и аспектите на кибер одбраната и хибридните напади. Планиран е пакет одлуки, додаде тој и во однос на соработката со Украина, напоменувајќи дека ќе биде формиран Совет НАТО-Украина, на кој во иднина ќе можат да се носат одлуки, кои се однесуваат на заедничката соработка во однос на финансирањето на сите зголемени потреби за одбраната.
– Во однос на идната соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна позиција. Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент. И она што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како никогаш досега и донесена е голема одлука со тоа што Шведска ќе биде 32-рата земја членка на НАТО – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека земјите-членки донеле голема одлука со отворањето на вратите на НАТО за Шведска, која ќе стане 32. членка, по вчерашните разговори меѓу генералниот секретар Јенс Столтенберг со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Се очекува и одлука во однос на финансирањето на обраната, односно како што појасни Ковачевски, минимум два отсто од БДП секоја членка да одвојува за одбраната, што е и заложба уште од Самитот во Велс во 2014 година, како и најмногу 20 отсто од буџетот да оди на модеранизација.
– Северна Македонија веќе инвестира 30 отсто од буџетот за одбрана на тоа – додаде тој.
Очекувам успешен состанок, истакна Ковачевски, кој напомена дека денеска има средба со неговата естонска колешка, Каја Калас, а за утре е закажана средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но и одделни состаноци со индопацифичките држави.
Вкупно 48 странски делегации со 2.400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави и влади и над 150 високи официјални претставници присустуваат на дводневниот самит. Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, на Самитот во Вилнус учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија.
Состанок на Северноатланскиот совет ќе се одржи денеска, на чиј почеток до лидерите на земјите-членки на НАТО, ќе се обратат Столтенберг и литванскиот претседател Гитанис Науседа. На состанокот освен лидерите на 31 земја-членка на НАТО ќе присуствува и Шведска.
Генералниот секретар на НАТО во изјавата на пристигнувањето на Самитот, оцени дека ова е историски настан, со оглед на тоа што сите сојузници, меѓу кои и Турција, се согласни дека Шведска треба да стане членка на НАТО. Нагласи дека тоа е добро за Турција, но и за Шведска и за целиот балтички и нордиски регион.
Од Самитот, како што посочи Столтенберг, ќе биде упатена јасна порака до Украина, дека НАТО стои до неа, а ќе бидат потенцирана и заложбата за потреба од обезбедување воена помош за ослободување на украинските територии.
Потсети дека предложил пакет со три елементи во однос на приближувањето на Украина, со кој меѓудругото ќе се обезбеди целосна интероперабилност на воените сили на Украина со НАТО стандардите. Нагласи и дека ќе биде воспоставен Советот НАТО-Украина, кој утре ќе одржи состанок и додаде дека се отстранува Акциониот план за членство (МАП) во процесот за влез на Украина, со тоа што, како што рече процесот се скратува.
Од Самитот очекува и дека сојузниците ќе го прифатат конечното реализирање на договореното од Велс, односно амбициозниот план за одвојување два отсто од БДП за одбранта. Тој го поздрави учеството на лидерите од Индо-пацификот, нагласувајќи дека нивното присуство тука покажува дека безбедноста не е регионална, туку глобална.
Главна задача, додаде тој, во моментов е да се сочува украинската независност, да се обезбедат оружје и муниција за земјата, бидејќи како што рече, доколку Украина не опстане како демократска нација во Европа, залудно се сите натамошни дискусии, па и тие за членство.
Во однос на можноста за распоредување руски боеви глави во Белорусија, Столтенберг истакна дека Русија мора да биде свесна дека нуклеарната војна не смее да биде опција и оти во неа нема победа.
-НАТО ја следи одблизу ситуацијата и засега нема промени во однос на евентуално распоредување боеви глави во Белорусија. Посветени сме да ги заштитиме сите НАТО сојузниците од потецијална опасност – рече Столтенберг.
Во однос на можноста за распоредување на припадници на Вагнер во Белорусија, Столтенберг рече дека според сознанијата на НАТО такво нешто во моментов не се случува во соседната земја на Литванија.
Самитот се одвива под зајакнати мерки за безбедност. За негово обезбедување се задолжени 12 илјади припадници на различни безбедносни структурки. Околу четири војници го обезбедуваат настанот, од кои околу илјада се испратени од 16 членки на Алијансата.
На Самитот на НАТО во Вилнус се акредитирани над илјада новинари и медиумски работници.