Фото: МИА

Пожарот во подрумските простории на Основниот суд Куманово е локализиран, но сè уште чади од просториите. На терен се сменија повеќе пожарникарски екипи. Од ТППЕ Куманово се надеваат дека за скоро време пожарот целосно ќе биде изгаснат.

Во изјавата за МИА, командирот на смена Борис Станковски кажа дека причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат, како и направената материјална штета. Од 1.40 часот откако е пријавен пожарот се сменија три екипи со единаесет пожарникари и четири возила.

– Како ТППЕ Куманово имаме вработено 50 луѓе. Моментално за ова ниво на пожар, немаме потреба од помош од соседните општини – изјави Станковски.

Пожарот бил пријавен во 1.35 часот. За пет минути пристигнала првата противпожарна единица. Просторијата што е зафатена е полна со архива.

– Над архивите има инсталација од цевки наменета за парно и вода, но тие се обложени со заштитна гума и таа дополнително прави проблем, бидејќи е зафатена од пожарот. Проблем е и непристапниот терен од лева и десна страна. Сѐ е со книги и имаме проблем за да влеземе повеќе луѓе – појаснува Станковски.

Претседателката на судот, Снежана Манев изјави дека има архива којашто е од почетокот на функционирањето на судот од 50-тите години од минатиот век. Според нејзините првични информации се работи за една до две простории. Таа вели дека веројатно има штета, но не можат да потврдат колкава е.

Одговарајќи на новинарски прашања дека јавноста се сомнева за причините за пожарот кога се работи за вакви институции, таа рече дека во моментот не може да прецизира, но се сомнева на проблеми со инсталацијата за електрична енергија.

– Штом се обезбедат услови, експертите ќе кажат што е причината. Кога ќе завршат, ќе кажеме. Оружјата навреме се предадени, може има некои куршуми, но тие се малку и се на другата страна. Нема опасност од запаливи работи во моментот – вели Манев.

Додава дека последниве години делумно се средени архивските предмети, кои сепак се во огромен број.

Судот беше реконструиран во 2000 и во 2018 година, а Обвинителството беше реконструирано пред неколку години.