Фото: Игор Бансколиев

И ПО ДВЕ ДЕКАДИ СЀ ПОДАЛЕКУ ОД ЕУ

Не е тајна дека многу можности се пропуштени и на двете страни. Се чини дека првичниот ентузијазам за реформи во Западен Балкан делумно испари во текот на двете децении и дека, како резултат на тоа, светлината на крајот од тунелот што укажува на членство во ЕУ се чини дека е подалеку отколку што се надевавме дека ќе биде во оваа точка…

Пред помалку од еден месец се навршија 20 години од самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун, Грција. Иако надежите тогаш беа големи и по две децении земјите од Западен Балкан се на иста оддалеченост, ако не и уште подалеку, од ЕУ.
– Не е тајна дека многу можности се пропуштени и на двете страни. Се чини дека првичниот ентузијазам за реформи во Западен Балкан делумно испари во текот на двете децении и дека, како резултат на тоа, светлината на крајот од тунелот што укажува на членство во ЕУ се чини дека е подалеку отколку што се надевавме дека ќе биде во оваа точка. Европската Унија сега е принудена да се справи со последиците од војната во Украина, што нѐ натера да го преиспитаме нашиот пристап кон процесот на проширување на ЕУ воопшто – оценуваат во заедничка анализа Наташа Пирц Мусар, претседателка Словенија, Роберт Голоб, премиер, и Тања Фајон, министерка за надворешни и европски работи на Словенија.

Тоа е само уште една потврда дека проширувањето воопшто не е меѓу приоритетите на Унијата. Патем, ова прашање не е ниту во агендата на Шпанија, како актуелен претседавач, но и на досегашните ротирачки претседавачи со ЕУ.

Нов начин за интеграција на Западен Балкан?!

Неодамна германскиот весник „Алгемајне цајтунг“ излезе со опсежна анализа во која се посочува дека се отвора голема дебата во ЕУ за „нов начин за интеграција на Западен Балкан“. Што значи тоа може само да се претпостави, но јасно е дека процесот ќе трае долго.
И претседателот на Франција, Емануел Макрон, на Форумот за безбедност во Братислава неодамна изјави дека „сегашниот статус кво ’не е опција‘, но и брзото проширување со нови членки, а без претходни реформи на институциите на ЕУ, исто така не е опција“.
Досегашните искуства, пак, со реформите внатре во Унијата покажуваат дека тоа се долги процеси, кои траат со децении.

Ова практично значи дека челниците на ЕУ воопшто не размислуваат за ново проширување, и тоа на подолги патеки. Дипломатите и аналитичарите исто така сметаат дека проширувањето е тргнато настрана.
– Создавањето на Берлинскиот процес во балканската јавност беше толкувано како намера на ЕУ да ја подзабави динамиката на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија или воопшто да нема полноправно членство на земјите на Западен Балкан во Унијата. Така беа толкувани и предлозите на францускиот претседател Макрон за проширување по реформирана ЕУ и создавањето ново европско тело за политичка соработка т.е. европска политичка унија – оценува дипломатот Мухамед Халили.

Иницијативите за ЕУ-интегрирање, всушност биле смислени најпрво да има регионално асоцирање

Во однос на успешноста на регионалните иницијативи, соговорникот Халили вели дека доколку бил успешен проектот Отворен Балкан, меѓународната заедница немало да го прогласи Балканот како многу опасен регион во кој речиси секој ден има опасности за дестабилизација на Европа.

– Нашата дилема сега е дали стоички да стоиме на нашиот пат на ЕУ-интеграција без резултати во реформите на судскиот систем, со пропаднато судство до дно, со корумпирани обвинители и судии за кои и странските амбасадори јавно почнаа да бараат оставки, со секојдневен раст на економскиот криминал, корупцијата и непотизмот или напоредно со тоа да почнеме да размислуваме да бидеме партнери со ЕУ во економски, образовни, културни и други инвестиции, а не идни членки на Унијата, како што пред четири години ни препорача Макрон – нагласува Халили.
Светлана Јовановска, долгогодишна дописничка од Брисел и одлична познавачка на случувањата и состојбите во Унијата, потврдува дека во рамките на самата Европска Унија, од неодамна, е започната внатрешна дебата во кој правец ќе оди Унијата и какви реформи треба да се направат.

– Ставот на Германија е дека прво треба да има реформа на Европската Унија, а потоа да има проширување. Таков е ставот и на Франција. Меѓутоа има друга група земји, кои сметаат дека не треба да има реформа и може нешто да се адаптира. Ако успее таа реформа, тогаш проширувањето ќе биде вистинско, но ако не биде така, тогаш ќе има, би рекла, некакви утешни награди, ќе ни дадат повеќе пари во ИПА-фондовите, ќе станеме дел од единствениот пазар итн. Многу зависи како ќе се одвива таа дебата и какви ќе бидат резултатите и заклучокот од таа дебата внатре во ЕУ – смета Јовановска.

Висока доза скептицизам од можностите за проширување на Европската Унија, дури и на среден рок, искажа и поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски.

Негова оцена е дека ЕУ нема став што ќе прави со самата себе во иднина, а не пак да прима нови членки од Западен Балкан. Затоа, според Црвенковски, целосно нереални и нелогични се најавите дека Македонија за четири, пет или седум години ќе стане полноправна членка на Унијата.

Инаку, дипломатите се на мислење дека токму новосоздадената европска политичка заедница ќе биде втората лига каде што Македонија и земјите од регионот ќе може, грубо кажано, да вежбаат и да се аспирираат со цел во некое скоро време да станат дел од ЕУ. Но само откако претходно целосно ќе се реформираат и ќе покажат резултати во сите сфери. Европските челници јасно ставија до знаење дека Брисел нема да прима нови држави и дека треба да се концентрираме само и единствено на реформите, велат соговорниците.

Од друга страна, резултатите од последните истражувања на јавното мислење во Македонија се дури попесимистички и од процените на дипломатите.
Така, повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Значи ако дипломатите го користат изразот некогаш, граѓаните се повеќе склони кон терминот никогаш во однос на шансите за влез во ЕУ.

На домашните политички лидери сега останува да ги разубедат песимистите и да ги уверат граѓаните дека сонот за ЕУ еден ден сепак ќе стане реалност. За да не се случи сегашните млади генерации Македонци како пензионери да влезат во ЕУ или претходно целосно да се иселат од Македонија во ЕУ и низ светот.


Интегрирачки проекти за „динамичен статус кво“

Иницијативата Отворен Балкан, првично наречена Мини-шенген, а потоа преименувана во Отворен Балкан, беше активирана на 10 октомври 2019 година во Нови Сад и беше потпишана од Македонија, Србија и од Албанија, но беше одбиена од Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Берлинскиот процес, пак, е меѓувладина иницијатива активирана уште во 2014 година од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел со цел да ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да им помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности.

Во суштина и двете иницијативи се фокусираат на поголемо регионално интегрирање и поголемо финансирање за земјите од Западен Балкан. Со други зборови, идејата е Западен Балкан да служи како своевидна тампон-зона, која ЕУ максимално ќе ја користи за свои потреби (политичко влијание, извор на евтина работна сила итн.), но сепак ќе го држи регионот подалеку од себе. Затоа, сиве изминати години и декади, од Брисел постојно се изнаоѓаат нови иницијативи, нови методологии, нови предлози – како сега со четирите столба на Урсула фон дер Лејен, потоа предлогот за европска политичка заедница, или таканаречена втора или трета лига за ЕУ итн. Сето тоа се паркиралишта на долг рок за земјите од регионот, вклучувајќи и за Македонија, додека истите тие целосно не се реформираат, а тоа може да трае со децении, тврдат аналитичарите и познавачите на европските околности.