Руската државна телевизија го нападна шефот на паравоената група Вагнер, Евгениј Пригожин, кој започна вооружен бунт минатиот месец, и рече дека „истрагата за тоа што се случи сè уште енергично се води“.
Пригожин, кој е во егзил, ја презеде контролата врз јужниот руски град Ростов на Дон на 24 јуни, зазеде команден центар таму каде Русија ја координира својата војна во Украина и испрати борци кон Москва пред да се откаже откако склучи договор со Кремљ.
Во емисијата „60 минути“ емитувана во средата навечер на државниот ТВ канал Русија-1 е прикажано она што беше најавено како ексклузивна снимка направена за време на полициските рации во канцеларијата на Пригожин во Санкт Петербург и на еден од неговите имоти во тој град.
Водителот на програмата, пратеникот Евгениј Попов, го нарече Пригожин „предавник“, а видеото го презентираше специјално поканет гостин – новинарот Едуард Петров – „како доказ за криминалното минато на Пригожин и лицемерието во прозивките за корупција во вооружените сили“.
На видеото се прикажани кутии полни со пари во неговата канцеларија и купови долари во неговата луксузна резиденција, заедно со, како што се вели, неговиот личен хеликоптер, складиште за оружје, колекција на перики, комплетно опремена просторија за медицински третмани.
-Никој не планираше да го затвори овој случај. Истрагата е во тек -, рече Петров, кој додаде дека „инспекторите заклучиле дека видеото што го користел Пригожин како изговор за започнување на бунтот, на кое се гледа наводен руски напад врз платенички камп, е лажно“.
Петров истакна дека во становите и канцелариите на Пригожин биле пронајдени пари во вредност од 600 милиони рубли (6,58 милиони долари).
Пригожин рече дека Вагнер работи само со готовина, која ја користел за да ги плаќа трошоците. Путин рече дека државата го финансира Вагнер.
Во емисијата беа прикажани повеќе пасоши што ги користел Пригожин, а кои носат различни имиња.
-Не може нормален човек да има толку пасоши. Зошто оваа личност имаше толку чудни овластувања како сериозен водач на некаква криминална група. Мораме да откриеме кој бил на чија страна (во бунтот). Мораме да ги казниме и да ги гониме- рече Петров.