Државата се уште ги исплаќа парите од фасадите и спомениците што ги градеше ВМРО-ДПМНЕ, ги враќа долговите од изминатите десет години. Точно, мала е реализацијата на капиталните трошоци, но ако сте чесни, кажете зошто е тоа така и кои се причините, реплицираа пратениците од СДСМ по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека актуелната власт со предлог-ребалансот на Буџетот драстично ги крати средствата за образованието и за здравството, а изминатите 12 месеци не остварила ништо од она што ветила.
-Ништо што ветивте, не остваривте. Кратите основни капитални проекти, пари што сами сте ги проектирале. Ние изградивме фасади и споменици, но оставивме и спортски сали и училишта и градинки. Продолжете и вие да градите, а не да кратите. Ги стопирате гасификацијата и изградбата на новиот клинички центар во Скопје, а намалени се и 60 милиони денари за загадувањето, рече Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ во попладневната собраниска расправа по ребалансот на Буџетот, откако претходно, во претпладневниот дел министерот за финансии Драган Тевдовски ги образложи проекциите.
Кузмановска оцени дека е катастрофална економската политика што ја води СДСМ. Зголемени се, рече, јавниот и државниот долг, а во однос на ребалансот, решението за поддршка на општините не е добро.
На тоа реагираше министерот Тевдовски, напоменувајќи дека сите фискални параметри се одлични и остварувањето на приходите е според проекциите. Ваква ситуација, потенцира, немало со години.
Дека поддршката на општините е лоша пракса, укажа и Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, за економските параметри најдобар показател е последниот извештај на ММФ.
– Се она што кажавте, дека оваа Влада работи идеално, паѓа во вода. За кои инвестиции зборувате кога не дојде ниту една и за кои нови вработувања кога сите државни институции го удвоија бројот на вработените. Тоа се вашите вработувања, а велевте дека ќе ја прекинете праксата на вработување во администрацијата, нагласи Стевананџија.
Томислав Тунтев од СДСМ потсети дека долговите на општините не настанаа последнава година, туку се резултат на работењето на градоначалниците од претходните години поради што и не можат да се подмират за една година.
За Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, не држат веќе оправдувањата на власта од типот: грешки во проекти, непланирани клучки, промашена траса.
– Економските параметри се лоши, катастрофална е реализацијата на капиталните инвестиции, а и министерот Тевдовски најпрво велеше дека нема потреба од ребаланс. Ако се плаќаа долгови од претходната влада, ќе имаше поголема реализација, рече Цуклев, додавајќи дека буџетската дупка изнесува 65 милиони евра.
И неговиот колега Илија Димовски се осврна на, како што рече, нереализацијата на капиталните расходи на централната, но и на локалната власт. Во забелешките за долговите на општините, ги спомна концертите на српската фолк естрада кои, рече, ги организирале и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не било во ред. И сам, дополни, пишувал на времето колумни со критики за ваквиот начин на трошењето буџетски пари.
Укажа и дека е „глупост“ најавеното зголемено оданочување.
– Најдобар одговор за сиромаштијата е создавање јака економија каде секој ќе има шанси да заработи, истакна Димовски.
Реплицираше министерот Тевдовски, повторувајќи дека првпат по подолго време проекциите на приходната страна на Буџетот не потфрлаат. Во врска со оданочувањето, пак, уште еднаш рече дека рамните даноци се карактеристика само на поранешните комунистички земји, а напредните држави имаарт прогрсивни даноци.
-Во капиталните инвестиции влегуваа споменици што се лееја во Италија и притоа, парите не се враќаа кај граѓаните, туку одеа во џебовите на поединци, подвлече министерот, одговорајќи на дел од расправата на Димовски.
Пленарната расправа за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот, во второ читање, почна денеска и согласно собранискиот Деловник, може да трае три дена.