Денеска на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ е ден за независната продукција .Три претстави од независната сцена, една дипломска претстава и промоција на книга ќе бидат на програмата на третиот фестивалски ден на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Од 11часот ќе биде проморана книгата „Две интерактивни драми“ од Милорад Павиќ, во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, актерот Томислав Давидовски и преведувачот Марио Стојаноски Од 12 часот се закажани разговорите на тркалезната маса, со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, која синоќа доби стоечки аплаузи од публиката.
Во 17 часот ќе гостува „Под.готвено“ во режија на Дејан Спасовиќ, а продукција на „Ракатрак.“ во „Монарка гастробар“. Во претставата играат Слаѓана Вујошевиќ, Биљана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Елсезер. Претставата е работна според текстови на: Едвард Олби, Ѓоко Здравески и Елизабета Баковска. За сценографијата се погрижи Мартин Манев. Костимите се на Емилија Ивановска Атанасовска.
Во 19 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Мировна акција со претставата „Заминувања“, колективно авторство во режија на Драгана Гунин. Четири актерки, два јазици, иста болка е можеби наједноставното објаснување на оваа претстава. Сместена во еден меѓупростор меѓу минатото и сегашноста, „распната“ меѓу личното и туѓото, претставата комуницира со публиката на неколку нивоа. Улогите ги толкуваат: Емилија Мицевска, Мелика Кастрати, Симона Димковска, Афродита Џафери.
Во 20 часот ќе гостува „Театар за сите“ со претставата „Скопјани“ во режија на Милош Б. Андоновски во ресторанот „Македонска куќа“. Станува збор за колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Улогите ги играат: Ангела Стојановска, Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска. Претставата е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Оливера Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје.
Еден час подоцна во театарот ќе биде изведена дипломска претстава на студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје со претставата „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона. Во претставата игра класата на проф. м-р Мими Таневска-Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.
Гостин на фестивалот на вториот ден беше и јапонскиот амбасадор во земјава, н.е. Оцука Казуја, кој заедно со директорката на фестивалот, Ана Стојаноска ја погледнаа изложбата на стари фестивалски фотографии, се дружеше со скомрахите и живите статуи, а присуствуваше и на отворањето на изложбата на Благој Мицевски. Ка.М.