Една деценија од почетокот на иницијативата „Појас и пат“ на Кина
Лансирана во 2013 година, иницијативата „Појас и пат“ (ПиП) – глобална стратегија за инфраструктура и развој што има цел да ги поврзе Азија, Африка и Европа преку мрежа на копнени и поморски трговски патишта – беше значајна пресвртница во надворешната политика на Кина и стана една од најамбициозните и најдалекосежни развојни иницијативи во историјата. Многумина на Запад, особено САД, ја сметаат оваа иницијатива за не толку суптилен обид на Пекинг да ги привлече кон себе регионалните политички поредоци.
Во оваа светлина, вреди да се разгледа влијанието на ПиП на Блискиот Исток. Кина сè уште е најголемиот странски инвеститор на Блискиот Исток и најверојатно ќе продолжи да игра клучна улога во развојот на тој регион
Д-р Мордехај Хазиза
Блискиот Исток е дом на растечката средна класа. Тој е и дом на неколку клучни меѓународни енергетски и поморски трговски патишта. Поради тоа, големата инвестиција на Кина на Блискиот Исток во последниве години, вклучувајќи и преку Појас и пат (ПиП), почна особено да го загрижува Вашингтон. Но токму една анализа за тоа како зафатите на ПиП поминаа и дејствуваа во изминатата деценија во регионот на Блискиот Исток може да донесе аргументи и факти, како и некои интересни реални сознанија и заклучоци.
Зошто ПиП е важен за Блискиот Исток
ПиП е првенствено серија проекти (која ги опфаќа и традиционалната физичка и дигиталната инфраструктура) дизајнирани да ги поврзат и интегрираат партнерите за соработка – градови, пазари и земји – низ регионите. Имајќи го предвид ова, степенот на поврзаност на одреден партнер игра поголема улога од другите фактори, како што е типот на режимот или уделот на пазарот.
За земјите од Блискиот Исток, поволната геополитичка локација и интеграцијата во клучните аспекти на глобалната економија играат суштинска улога во рамката на ПиП на Кина. Следствено, Кина разви комерцијално присуство во пристанишните градови и индустриски паркови што го поврзуваат Персискиот Залив со Арапско, Црвено и Средоземно Море. Мноштвото набљудувачи го сметаат ова присуство како визионерски начин Кина да ги обезбеди своите енергетски резерви, да ја прошири својата трговија и да стекне упориште во регионот.
Ангажманот на Кина на Блискиот Исток може да се припише на два основни двигатела. Прво, таа се стреми да го заземе заслужениот статус на голема сила во земјата и од другите држави. Блискиот Исток е стратегиски важен регион, а на ангажманот на Кина се гледа како на начин да ги зголеми своето влијание и удел во глобалниот поредок. Второ, имаше цел да ги обезбеди своите економски интереси во регионот преку рамката на ПиП и континуиран пристап до енергетските ресурси од кои е во голема мера зависна. На тој начин, ПиП е средство за Кина да ги зголеми своите канали за извоз на стоки, да го намали трговското триење, да го подобри пристапот до природните ресурси, да изгради синџири на снабдување и да создаде можности за кинеските компании да инвестираат во странство и да продаваат стоки и услуги. За таа цел, во текот на изминатите десет години, таа ја интегрираше рамката на ПиП со националните стратегии за развој на земјите од Блискиот Исток.
Бидејќи ПиП е долгорочна иницијатива што ќе продолжи да се развива во наредните години, Пекинг ќе треба внимателно да ги процени успехот и влијанието на неговите проекти на Блискиот Исток за да донесе информирани одлуки за тоа како да продолжи. Успехот на рамката на Блискиот Исток зависи од неколку фактори, вклучувајќи ги економската и политичката стабилност на регионот, квалитетот на проектите на ПиП и подготвеноста на земјите-домаќини да соработуваат со Кина. Уште поважно, проектите на ПиП се од суштинско значење за неразвиените држави на Блискиот Исток зависни од надворешни доверители за да воспостават критична физичка и дигитална инфраструктура. Овие проекти се веќе во функција или влегуваат во втората и третата фаза на развој. Доколку алтернативните кредитори не поддржат понатамошен развој, земјите од Блискиот Исток ќе продолжат да зависат и да работат со Кина.
Процена на проектите на ПиП на Блискиот Исток
Во моментов, проектите на ПиП опфаќаат петнаесет земји од Блискиот Исток и вклучуваат големи инфраструктурни и дигитални проекти на копно и на море. Статусот на овие проекти варира, при што некои се планирани, тековни, завршени, стопирани или откажани, обезбедувајќи увид во сегашната севкупна ситуација на ПиП. Развивањето подлабоко разбирање може да биде предизвик, сепак, поради 1) дефицит на препознавање во јавноста на проектите на ПиП и од страната регионалните земји домаќини и 2) тој е огромен обем на иницијативата, која опфаќа големи делови на континенти.
Овој недостиг од препознавање е голем предизвик за истражувачите и креаторите на политики, кои се обидуваат да ги разберат ПиП и неговите импликации. Сепак, сè уште има големо количество информации достапни за разгледување. На пример, меѓународниот институт за стратегиски студии (ИИСС) „Чајна конектс“ дава вреден преглед на кинеските инвестиции и кредитирање на ПиП на Блискиот Исток. Базата на податоци, исто така, вклучува информации за инвестициите во дигиталниот пат на свилата (ДСР), што може да се сфати како технолошка компонента на ПиП – проект за градење дигитален мост наменет за промовирање нов тип глобализација преку дигитална трговија, дигитална инфраструктура, прекугранична е-трговија, мобилни финансиски алатки, технологии на четвртата индустриска револуција (големи податоци, дигитални валути, обработка во облак и така натаму).
Во секој случај, податоците на ИИСС „Чајна конектс“ покажуваат дека Кина инвестира многу на Блискиот Исток, со 266 проекти на ПиП помеѓу 2005 и 2022 година. Повеќето од нив се или во тек или се завршени, а има само неколку проекти што се откажани или стопирани. Ова е позитивен знак за Кина, што покажува дека иницијативата добива сила во регионот.
За одбележување е она што се финансира. Податоците покажуваат дека Кина инвестира многу во дигиталната инфраструктура во регионот, што најверојатно ќе продолжи и во наредните години бидејќи Пекинг се обидува да го прошири својот глобален досег. Кинеските компании инвестирале во 202 проекта за ДСР (76 отсто од вкупната инвестиција) во споредба со 64 традиционални проекти за физичка инфраструктура (24 отсто). Овие инвестиции веројатно ќе имаат големо влијание врз економиите и општествата во регионот и ќе биде важно да се следи влијанието на овие инвестиции во наредните години.
Поделувајќи се по категории, гледаме различни нивоа на напредок. Во однос на традиционалните активности за физичка инфраструктура, од 64 проекти на ПиП, има четири планирани проекти, 20 проекти во тек, 37 завршени проекти и три откажани проекти.
Извлекување заклучоци
Она што го покажува базата на податоци ИИСС „Чајна конектс“ е дека, од милијардите долари заеми и инвестиции што Кина ги има за земјите од Блискиот Исток од лансирањето на ПиП, повеќето од нив се за дигитални инфраструктурни проекти, како што се телекомуникациите и широкопојасните мрежи. Ова илустрира дека спротивно на популарната концепција дека ПиП е целосно фокусирана на физички инфраструктурни проекти, постои значителна побарувачка за дигитална инфраструктура.
Тоа не значи дека не се одвива и градежништвото: патишта, железници и пристаништа, секако, се градат.
Меѓутоа, во исто време, базата на податоци ИИСС, исто така, покажува дека кинеските заеми и инвестиции на Блискиот Исток се намалени во последниве години. Овој пад најверојатно се должи на неколку фактори, вклучувајќи ги глобалното економско забавување и пандемијата на коронавирусот.
Сепак, на крајот, базата на податоци ИИСС е веројатно нецелосна. И покрај амбициозните цели на ПиП, има малку веродостојни информации за тоа како се развива. Ова е делумно затоа што не постои договорена дефиниција за тоа што се квалификува како проект ПиП. Како резултат на тоа, проектите што започнале со години порано често се бројат, а банерот на ПиП виси над сеопфатна и постојано проширена листа на активности. По дизајн, ПиП е повеќе флексибилна програма отколку програма со строги критериуми. Овој недостиг од јасност го отежна точното разбирање на влијанието на ПиП. Резултатот е спротивставени толкувања на неговите ефекти: некои тврдат дека ПиП е главен двигател на економскиот раст и развој, додека други предупредија дека тоа води до нешто сосема спротивно, вклучувајќи и деградација на животната средина.
Но она што е сигурно, сепак, е дека Кина сè уште е најголемиот странски инвеститор на Блискиот Исток и веројатно ќе продолжи да игра клучна улога во развојот на регионот. Акцентот на дигиталната инфраструктура е нешто за што повеќето западни набљудувачи можеби не се свесни и би било добро да размислат. Во меѓувреме, како што минува десетгодишнината на ПиП, Кина ќе направи преглед на својата оригинална агенда и ќе ги направи неопходните приспособувања за да се усогласи со нејзините сегашни домашни и глобални приоритети. Блискиот Исток ќе остане клучен регион за ПиП и очигледно е дека Пекинг ќе продолжи со својот ангажман во годините што доаѓаат.
Д-р Мордехај Хазиза е виш предавач на Катедрата за политика и управување и на Одделот за мултидисциплинарни студии за општествени науки на академскиот колеџ „Ашкелон“ (Израел) и научен соработник на Одделот за азиски студии на Универзитетот во Хаифа. Тој е специјализиран за анализи на кинески надворешни и стратегиски односи.