Дали сте знаеле
Пехчевските Водопади се наоѓаат на десетина километри југоисточно од Пехчево, во горниот изворишен дел на реката Брегалница. Реката овде е длабоко всечена помеѓу планината Влаина на север и Малешевските Планини на југ, така што на некои места има кањонест изглед. Токму тука се создале пет поголеми водопади и голем број каскади на Брегалница и нејзините притоки, каде што чистата и студена вода весело жуборејќи го пренесува зборот за убавините на Малешевијата. До водопадите се доаѓа по локалниот асфалтен пат од Пехчево до туристичката населба Равна Река. Следејќи ја долината, прв е Спиковскиот Водопад на Спиковска Река, десната притока на Брегалница. Кон водопадот висок осум метри води добро уредна пешачка патека долга 500 м, со поставени летниковци и клупи за одмор. Потоа следува Црнодолскиот Водопад на истоимената притока на Брегалница, висок околу пет метри. Уредената пешачка патека што води до овој водопад e долга околу 400 м, со многу летниковци и места за одмор на посетителите и е доста погодна за пешачење.
Скокото е третиот водопад што се наоѓа на самата река Брегалница веднаш по спојувањето на Љутачка и Ж’тачка Река. Водопадот е висок околу седум метри и располага со големо количество вода. До самото место води уредена пешачка патека со должина од околу 1.500 метри. Водопадот на Љутачка Река е четвртиот по ред, со височина од околу 10 м. По патот до него има поставено клупи за одмор. Петтиот и последен поголем водопад е Ж’тачкиот Водопад на истоимениот поток, кој со своите 14 м е највисок. Иако долго време не била позната нивната атрактивност, тие денес се достапни за вљубениците во природата и за туристите. Сите водопади изобилуваат со планинска убавина. Водопадите се пристапни, означени со добра сигнализација и инфотабли. Целиот простор е убаво уреден, во прекрасна планинска област со густи шуми и чист воздух.