Континуираните врнежи од дожд во изминативе два месеци придонесоа во кичевско-бродскиот регион да се појават поголеми количества на лисичарка, додека родот на вргањот се уште се очекува. Во изминативе десетина дена собирачите на шумски печурки собраа поголеми количества на лисичарка и сосема мали количества на вргањ, но останаа разочарани од драстичниот пад на откупната цена која од 600 денари на почетокот на откупот да се спушти на само 100 денари за килограм.
-Како и секоја година така и годинава нашите очекувања за богат род на печурките делумно се исполнети со добриот род на лисичарката, која може да се најде во шумскиот појас на места каде што има доволно влага и каде ја има во поголеми колонии, што може да придонесе со помалку пешачење да се соберат поголеми количества од оваа печурка. Ја има во речиси сите делови од кичевско-бродскиот регион и во текот на еден ден можат да се соберат и десетина килограми од оваа јадлива печурка. Но останува старата навика на откупувачите за многу кратко време да ја намалат откупната цена, што ни се случи и овој јуни, кога од почетните 600 денари за еден килограм лисичарка цената да се спушти на само 100 денари свежа лисичарка за килограм. Токму наглиот пад на цената ги дестимулира собирачите на шумски плодови повеќе време да посветат во собирање на овој вид печурка – вели Стојко Милошески искусен печуркар и поранешен откупувач од Кичево.
Допрва се очекува и вргањот да го има во поголеми количества, но само да затопли времето.
-Студените ноќи и покрај добрата почвена влага се причина родот на вргањот се уште да биде минимален и ако во наредните денови дојде до затоплување и повисоки температури во ноќните часови, тогаш треба да се очекува и добар род на вргањот, што последниве неколку години и не е чест случај – потврди Јане Јанески откупувач од Кичево. З.А.