Фото: Архива

Податоците за количеството превезена стока се реален одраз на кондицијата на националната економија, како и на кондицијата во која се наоѓаат домашните компании, по минатогодишната комплексна криза, а особено по енергетската криза, чии последици продолжуваат и на почетокот на 2023 година, велат од здруженијата на патничките транспортни компании

Намалените количества превезена стока се одраз на општата економска состојба

Неповолната економска клима за домашните компании, кои се одраз на високите влезни, а и производствени трошоци, како и тешкотиите во одвивањето на производствениот процес, влијаеше и на транспортниот сектор во делот на испратената, односно превезената стока. Од почетокот на годинава намален обем на транспорт има кај трите вида сообраќај во Македонија: во товарниот патен превоз, кај железничкиот и воздушниот сообраќај.

Државниот завод за статистика забележа драстичен пад

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во првото тримесечје од 2023 година, во споредба со првото тримесечје од 2022 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е намалено за 14,4 отсто, во железничкиот превоз е намалено за 40,8 отсто, додека во воздухопловниот превоз е намалено за 8,1 отсто. Во делот на превозот на патници, во првите три месеци од годината, има позитивни трендови или во апсолутни бројки во патниот патнички превоз бројот на превезените патници изнесува 899 илјади, во градско-приградскиот превоз 12.097 илјади, во железничкиот превоз 102 илјади, додека бројот на превезените патници во воздухопловниот превоз изнесува 493.096.
Податоците за количеството превезена стока се реален одраз на кондицијата во која се наоѓаат домашните компании, по минатогодишната енергетска криза, чии последици продолжуваат и на почетокот на 2023 година, велат од здруженијата на патнички транспортни компании. Додека кај патничкиот сообраќај има подобрување во зголемениот број на патници, кај транспортот на стоки има сериозни намалувања. Гледано низ статистиката, само кај товарниот патнички превоз има две илјади тони помалку во однос на првото тримесечје од 2022 година.
– Обемот на превезената стока во една земја е реален показател за состојбата во која се наоѓа некоја економија. Транспортерите се само посредници во трговската размена меѓу производителите и потрошувачите. Ако има поголемо домашно производство, тоа значи дека ќе има и поголема потрошувачка или извоз, а со тоа и ние како транспортери ќе имаме и поголема вредност на превезените количества на стоки. Поради моменталната состојба во економијата се соочуваме со привремен вишок на превозни средства, кои би можеле да бидат ангажирани за подалечни дестинации. Во основа, домашните превозници работат претежно за транспорт на стока при увози и извоз. Тоа што е како пазар во Македонија е недоволно и главно превозот на стоки кај нас се однесува на дистрибуција со сопствен превоз. Но, како што гледаме, и таму има намалување на превезеното количество во првите три месеци. Во вакви услови се обидуваме да добиеме повеќе дозволи за надворешен превоз за нашите транспортни компании – ни изјави Билјана Муратовска од Здружението за транспортни превозници.

Ако германската економија влезе во поголеми проблеми, тоа стравотно ќе се одрази и на нашите компании

Годинава продолжија неповолните економски состојби, што се однесува до прекинатите транспортни врски со Русија и Украина, велат превозниците. Главната причина за намалување на количеството на превезената стока се однесува и на намалување на економските активности во земјите од Европската Унија, која во изминатиот период се соочуваше со сериозни притисоци од порастот на инфлацијата и влегувањето во зоната на рецесија. Намалената трговска размена со Унијата се одрази и на македонските транспортери, а најмногу од нив работеа за Германија и нејзини компании што имаат деловни релации со македонски фирми. Во првите три месеци од 2023 година, германската економија се намали за 0,3 отсто, покажуваат податоците на државната агенција „Дестатис“, што е намалување на првичната прогноза за раст од нула проценти. По падот за 0,5 проценти во последните три месеци од 2022-та, тоа е втор последователен квартал на негативен раст на германската економија, што е основа за „техничка рецесија“. Причина за негативниот тренд се високите цени на енергентите по руско-украинската војна, кои особено влијаат врз домаќинствата и стопанството.
– Ако германската економија влезе во поголеми проблеми, тоа ќе се одрази и на компаниите. Нашата загриженост се однесува на тоа дека Германија е главен трговски партнер за Македонија. Тоа ќе влијае и на идните одлуки за инвестиции и намалување на новите набавки, а кои со затегнувањето на монетарната политика дополнително ќе го загрозат и економскиот раст. Тоа би значело помало производство на стоки и услуги, а со тоа и дополнително намалување на превезената стока – велат од здруженијата на стопанственици.
Кај железничкиот превоз намалувањето во првиот квартал од 2023 година е за 150 илјади тони, од кои речиси целиот превоз се однесува на меѓународниот транспорт. Преносот на стоки преку железница во Македонија е во занемарливо количество, но и тука има видливо намалување. Намалувањето на превезените стоки за 40 отсто се должи и на неколкудневните прекини на железничкиот сообраќај во Македонија поради штрајкот на железничкиот персонал, поради неисплатени плати.


Германија во техничка рецесија

Германската економија влезе во т.н. техничка рецесија во првиот квартал од оваа година. Имено, два последователни квартали со негативен раст дефинираат техничка рецесија. Податоците на германскиот завод за статистика покажаа пад на БДП од нула на -0,3 отсто за првите три месеци од годината. За обележување е дека Германија забележа пад од 0,5 отсто во последниот квартал од 2022 година. Така, Германија всушност влезе во период на „техничка рецесија“. Германската економија беше под значителен притисок, особено со руско-украинската војна, како и последователната одлука на европските лидери да ги прекинат врските со Москва.
За издвојување е дека според германскиот завод за статистика, германските домаќинства потрошиле многу помалку во првиот квартал, при што расходите за финална потрошувачка паднале за 1,2 отсто во тој период, бидејќи потрошувачите не сакале да ги трошат своите пари на облека, мебел, автомобили и слично.
– По сѐ, Германија падна во рецесија на крајот на минатата година, бидејќи шокот во цените на енергијата влијаеше врз трошењето на потрошувачите – рече Клаус Вистесен, главен економист за еврозоната во „Пантеон макроекономикс“, во белешката до клиентите.
Сепак, тој истакна дека е малку веројатно германскиот БДП да продолжи да паѓа во наредните квартали, „но не гледаме ниту силно закрепнување“.
Гувернерот, пак, на германската централна банка Јоаким Нагел изјави оваа недела дека ЕЦБ има уште „неколку“ зголемувања на каматните стапки. Тој е еден од најтврдите членови на централната банка, во врска со водењето ваква монетарна политика.
– Повисоките каматни стапки ќе продолжат да тежат и на потрошувачката и на инвестициите, а извозот исто така може да страда поради економската слабост на другите развиени пазари. Нашата прогноза е за натамошни контракции во третиот и четвртиот квартал – пишува „Капитал економикс“.
Најновиот економски развој се одвива во услови на висока инфлација и високи каматни стапки низ целиот регион. Европската централна банка се очекува повторно да ги зголеми стапките на следниот состанок, на 15 јуни.

М.Ј.