Фото: Википедија

Деловниот колапс на компанијата „Битлаки“ од Риека, непознат за пошироката јавност, веќе го нарекуваат „најголемата криптоизмама во Хрватска“. Буразер, 30-годишен режисер и познато лице на хрватската криптозаедница, ги „исчистил“ сите сметки на компанијата, по што станало јасно дека парите на инвеститорите исчезнале. Тој наводно се криел на непозната локација во Лика. Неговите клиенти и инвеститори за сѐ ја известиле полицијата и ангажирале адвокати. Неодамна Буразер испратил искрен мејл до сите клиенти на „Битлаки“ што вложиле пари кај него, со ветување за висока заработка при тргување со криптовалути

Криптоизмама од колосални размери ја тресе Хрватска

Откога постојат криптовалутите постојат и низа измами поврзани со нив. Досега низ историјата криминалистичките истраги и судските процесирања евидентираа голем број измами во многу различни форми и облици во врска со криптовалутите. Па, така, како еден од најголемите криптоскандали во минатото е забележана измамата на криптокралицата од Бугарија, Ружа Игнатова, а неодамна ваков скандал ја тресеше Црна Гора, каде што долго време се криеше криптоизмамникот До Квон. Деновиве, криптоизмама ја тресе и Хрватска.

Во Хрватска криптоизмама на Балканот од огромни размери

Инвестирањето во криптовалути се претвори во огромен ризик за стотици луѓе во Хрватска. Парите ги вложиле преку фирма од Риека, а сега по сѐ изгледа останале без ништо. Загубите се проценуваат на десетици милиони евра.
Риечката трговска компанија за криптовалути „Битлаки“ на директорот Лука Буразер наводно оштетила речиси илјада домашни инвеститори за најмалку 70 милиони евра криптовалути.
Деловниот колапс на компанијата „БитЛаки“ од Риека, непознат за пошироката јавност, веќе го нарекуваат „најголемата криптоизмама во Хрватска“.
Буразер, 30-годишен режисер и познато лице на хрватската криптозаедница, ги „исчистил“ сите сметки на компанијата, по што станало јасно дека парите на инвеститорите исчезнале. Тој наводно се криел на непозната локација во Лика. Неговите клиенти и инвеститори за целата оваа работа ја известиле полицијата и ангажирале адвокати.
Неодамна Буразер испратил искрен мејл до сите клиенти на „Битлаки“ што вложиле пари кај него, со ветување за висока заработка при тргување со криптовалути.
– Почитувани клиенти, за жал, со низа лоши постапки и одлуки ја доведов компанијата во кризна состојба, во наредните денови ќе имаме повеќе информации – стои во пораката испратена до клиентите.

Прекинати сите контакти со Лука Буразер

Претставници на повеќе медиуми се обиделе да стапат во контакт со Буразер, но младиот режисер го исклучил телефонот, не одговара на мејловите и ги избришал сите профили на социјалните мрежи. Иста е ситуацијата и со коосновачот на компанијата, обвинителот Еуген Траваља. На неколку инвеститори што се јавиле во компанијата во Риека, секретарката телефонски наводно им кажала дека „директорот полудел и ги потрошил сите пари“.
Цела Хрватска, па и Балканот, е во шок и со низа неодговорени прашања. Јавноста прашува дали хрватското МВР има информации за случајот и како планираат да постапат со него, со оглед на тоа што Хрватската народна банка смета дека криптовалутите „немаат вредност“ и дека нема јурисдикција над работењето на криптофирми. Од полициската Приморско-горанска управа одговорија дека „имаат сознанија“ и дека „за ова прашање им се обратиле одреден број граѓани“.
– Се собираат податоци за да се утврдат елементите за преземање мерки и дејства што би биле во надлежност на полицијата – велат оттаму, повикувајќи се на тајноста на истрагата.
Веста за кризата во „Битлаки“ и за изгубените милиони најпрвин протече во затворени групи на Дискорд, апликација за гејминг-заедницата, па на Редит, а потоа сè појави и на порталот „Криптовијести“. Уредниците на порталот „Криптовијести“ шпекулираат дека Буразер проневерил најмалку 70 милиони евра од своите клиенти.

Оштетени апроксимативно 800 луѓе

Груба процена е дека најмалку 700-800 луѓе останале без своите пари, а третина од клиентите не знаат дека компанијата пропаднала, велат од редакцијата на „Криптовијести“.
Сепак, според јавните податоци, компанијата основана во 2018 година во Риека забележала промет од 4,5 милиони куни приход и вкупна актива од 15 милиони куни во извештајот за 2021 година.
Бизнис-моделот на „Битлаки“ беше едноставен. Клиентите би му дале пари на Буразер, а тој дополнително би ги вложил тие пари во криптовалути. Најмалиот удел наводно бил околу 15.000 куни, но наводно имало и клиенти што инвестирале до 700.000 евра кај Буразер. Тој им ветувал на инвеститорите месечен профит од пет до 25 проценти. За тоа земал провизија од 20 до 40 проценти.
– На почетокот тоа беа сосема нереални ветувања. Се чини дека ова е веројатно планирана измама, понзи-шема – велат од „Криптовијести“.
Имено, Буразер ветил дека ќе инвестира само 20 отсто од вкупната инвестиција на клиентелата, но во одреден момент се откажал од тоа. Во последната година, кога бизнисот тргнал надолу, тој ги охрабрил клиентите да ги задржат своите пари во „Битлаки“ што е можно подолго и да не бараат исплати, затоа што „во моментов е вистинско време за инвестирање“.
Во исто време сите го опишуваат Буразер како тип што не оставал впечаток на измамник. Се вели дека тој добро го разбирал движењето на парите, состојбата на светските финансии и често успешно ги предвидувал подемите и падовите на вредноста на криптовалутите. Тој беше добропознат член во хрватската криптозаедница, чест учесник на разни конференции, тркалезни маси и криптосостаноци.

Никој не ги читал предупредувачките сигнали дека станува збор за измама

Познавачите велат дека имало и низа црвени предупредувачки знамиња и сигнали што фрлале сомнеж на работата и поведенијата на Лука Буразер.
– Да речеме, тој никогаш не сакаше да се појави во медиумите, не сакаше неговите слики да се гледаат на портали – анализира за јавноста уредникот на „Криптовијести“.
Хрватскиот инвеститор и криптоексперт Хрвоје Прпиќ, пак, вели дека од почетокот се сомневал дека целата работа на Буразер може да биде понзи- шема, односно инвестициска измама во која претприемачот ветува големи приходи, но смета на фактот дека клиентот нема да ги повлече своите пари.
– Тој, значи, ја исплатил добивката на друг клиент со инвестирање во еден клиент. Ветуваа плус од пет до 25 проценти месечно, а не е реално да се прават такви профити и сега се покажа дека е измама – изјави Прпиќ.
Еден од адвокатите, Иван Чизмиќ, истакна дека ги собрале сите јавно достапни информации.
– Ги собравме овие одредени јавно достапни информации, ги анализиравме и дојдовме до некои заклучоци, имено дека средствата на инвеститорите завршувале на централизирани берзи. Самите луѓе што се чувствуваат оштетено треба преку своите правни застапници да се обидат да дознаат каде им се средствата и што се случило потоа со таквите трансакции – изјави Чизмиќ.
Измамените инвеститори контактирале и со научникот за податоци Борис Агатиќ.
– Мислам дека ги задржаа повеќето пари од клиентите на платформата, се коцкаа и го правеа она што не треба. Луѓето едноставно веруваа, а овде во криптозаедницата уште од самиот почеток предупредуваме дека цените на начо, начомонетите и криптовалутите, ако му верувате на некој таков, тоа може да биде лоша инвестиција и да инвестирате во лоши проекти и, на крајот на краиштата, туѓите пари се фрлаат – вели Агатиќ.