Средбите со младите литерати и нивната љубовкон мајчиниот јазик се поттик и голема радост, како за членовите на одборот, така и за наставниците ментори, без кои овие талентирани деца денес не би биле тука, рече Јадранка Клисарова, претседателка на фестивалскиот одбор на „Ракатки“
Се одржа 19-то издание на републичкиот детски литературен фестивал
Година по година се нанижаа 19 години постоење на републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки“, кој се одржа во саботата, во дворот на училиштето „Браќа Миладиновци“ во општината Аеродром во Скопје.
Убавото време го направи уште поубав овој настан, кој искреше од позитивна енергија, од средбите со стари познаници и колеги, од желбата на младите таленти да ги прочитаат своите наградени творби. Се разбира, како и досега, „Колибри“ е тука сето тоа да го забележи на своите страници, а за успешната долгогодишна соработка добивме и благодарници.
За жал, манифестацијата не беше поддржана од Министерството за култура, а се одржа благодарение на хуманоста на неколку компании и со ентузијазмот на членовите на фестивалскиот одбор.
На почетокот присутните ги поздрави претседателката на фестивалскиот одбор на „Ракатки“, Јадранка Клисарова, која истакна дека врвни македонски писатели, наставници и лектори се дел од оваа успешна приказна, во која главни ликови се децата творци на прекрасна поезија и проза. Таа упати голема благодарност до идејниот творец на фестивалот Славка Арсова, која овој пат од оправдани причини не можеше да дојде, но во текот на подготовките на годинашното издание имаше голем удел.
– Средбите со младите литерати и нивната љубов кон мајчиниот јазик се поттик и голема радост, како за членовите на одборот, така и за наставниците ментори, без кои овие талентирани деца денес не би биле тука. Тие заедно ги следат и ги насочуваат детските мисли, нивните желби и мечти, кои се преточени во литературни творби напишани на македонски, албански, ромски, влашки, српски јазик, со заедничка цел – да ја покажат љубовта кон пишаниот збор – рече Јадранка Клисарова, која и самата е авторка на литературни дела, но и успешна и наградувана наставничка.
Годинава темата на која се пишуваше беше „Чистата средина – мост до моето здравје“, па ученици од цела Македонија испратија свои творби со „зелени“, но и со опоменувачки пораки.
Поголемиот дел од наградените ученици со менторите дојдоа на настанот и ги прочитаат своите стихотворби и раскази, а имаше и неколку музички точки што ги изведоа талентирани ученици.
Александра Велинова првпат учествуваше на „Ракатки“
Гостинка на фестивалот беше писателката за деца и возрасни Александра Велинова.
– Републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки 2023“ ја продолжи творечката нишка. Деветнаесет години детски творења и детски радости, сплотени во грст творби, објавени во алманахот „Ракатки-2023“, ова е ден што ја полни душата со детска возбуда и радост. Среќна сум што сум дел од 19-то издание на фестивалот, кој му пркоси на модерното време, во кое децата им робуваат на придобивките на модерната технологија. „Ракатки“ е тука да нѐ потсети на значењето на нејзиното височество – книгата. Пред сѐ затоа што книгите нѐ поттикнуваат да мислиме. Јас пишувам од девет години, првата песна ми беше посветен на мајката, а на 13 години ја објавив првата книга „Најубавите години“. Пишувам за возрасни, но и за деца, особено по раѓањето на синовите Стефан и Алексеј. А ако ве интересира како се станува автор, ќе ви речам со многу читање – им рече Велинова на младите литерати.
Таа прочита две необјавени песни, а „Брканица“ е една од нив.
Откако ги слушнавме наградените творби, вообичаено имаше и фотографирање и неформална дружба. А на крајот со желби за уште поуспешен нареден фестивал, организаторите порачаа: „Се гледаме в година, на јубилејните 20-ти „Ракатки“.
Снежана Петрова Џамбазова нѐ потсети на значењето на поезијата за деца
На присутните им се обрати и втората гостинка, писателката Снежана Петрова Џамбазова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, каде што работи како научна советничка и е редовна професорка. Пишува поезија за деца и возрасни.
Џамбазова се осврна на развојот на македонската поезија за деца.
– Да се пишува за најмладите не е лесно, тоа е сериозна и ангажирана работа. Треба песната да има цели, образовни, воспитни, естетски, таа треба да биде блиска до децата, да ги погоди нивните интереси, стихот да биде чист, музикален, јазикот близок до возраста на децата, да нуди авантури, да биде прозорец во нови непознати светови. Да зрачи со оптимизам и верба во доброто, но и да предупредува на стапиците што ги чекаат децата во животот. Овој предизвик го прифатиле многу македонски творци, кои сѐ уште ја надградуваат македонската поезија за деца. А таа за децата нуди еден поинаков, бајковит свет, вистински добродетели што се добиваат само со борба за нив. Се надевам и дека меѓу наградените ученици има такви што ќе тргнат по нивните стапки – посочи Снежана Петрова Џамбазова. Таа се претстави со песничката „Мрза“.
БРКАНИЦА
Со мама и тато Стефан
во парк шета,
кога една пчелка
на сладоледот му слета.
Тој луто одмавна
со неговата рака,
да го дели сладоледот
со никој не сака.
И рече: „Види колку цветови има,
на некој од нив слетај.
Не јади од мојот сладолед
те молам, не ми сметај.“
Пчелката се исплаши,
ја оттргна подалеку од себе.
„Ако не даваш ништо,
никој нема да си игра со тебе.“
„Ајде не биди скржавец
само еднаш да лизнам,
таа се врати кај него,
ако не ќе те гризнам.“
Стефан бега и гласно вика:
„Сладолед не се дели!“
Се налути пчелката,
му потекоа обравчињата цели.
Сладоледот на тревата му падна,
почна да го јаде пчелката гладна.
Мама и тато го смируваа со лед,
„Па, нели пчелките јадат само мед?“
МРЗА
Една мрза многу брза
да ме стигне да ме фати,
да ме зграпчи да ме смати
Да оставам молив книга
да замижам два-три мига
да оставам бои блокче
да испијам едно сокче.
Џагор детски надвор слушам
да излезам да се мушнам
Телевизорот и таа ѕвезка
од аголот сал ме мерка
пак со него да се дружам
и на кревет да се спружам.
Верувајте вина немам
книга не можам да земам.
Како раце да ми врза
една мрза многу брза.
Чиста животна средина секој да има
Еден сончев пролетен ден
Јана го славеше својот роденден.
Излезе во паркот со другарките свои
да собере цвеќиња во различни бои.
Тогаш пред неа се отвори слика тажна
која за многумина не беше важна,
ѓубришта во паркот насекаде беа
и болести и зарази насекаде сееја.
Јана се зафати со работа веднаш
ги засука ракавите и стана вредна,
собираше ѓубре без некој да ѝ рече
зашто знаеше дека времето тече.
На крајот ѓубрето беше собрано цело
и таа направи добро дело.
Пораката на Јана беше јасна:
„Чиста животна средина за секој да има,
за да имаме добра клима“.
Димитриј Ефтимовски, 4-а одделение
ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ – Скопје.
Менторка: Весна Бошковска
Чиста средина – мост до моето здравје
Еве сега до прозорец седам
и екоприказна во глава си плетам.
На природата ќе ѝ ветам:
– Јас тебе, природо, добро ќе те чувам.
за тебе ќе се грижам,
во чиста средина здраво да се движам!
Кога има многу сонце,
воздух чист и вода,
здрава храна за растење,
тоа е жива згода.
Тогаш јас здрава ќе бидам
со црвени образи и ведра лика,
со насмевка која секогаш блика.
Чиста средина, вода, воздух,
е здравје за сите нас,
нив треба да ги негуваме, чуваме
и секогаш да се потсетуваме:
Чистата средина е мост до нашето
здравје!
Матеа Ѓоргова, седмо одделение,
ООУ „Пере Тошев“ – Росоман
Менторка: Данча Давчева