Западните земји ќе се изложат на „колосални ризици“ доколку ја снабдат Украина со борбени авиони Ф-16, го цитираат денеска руските агенции рускиот заменик – министер за надворешни работи Александар Грушко.
Тој одговараше на прашање за импликациите од испраќањето млазни авиони, кои Украина ги бара од земјите-членки на НАТО.
Киев сè уште не го осигури ветувањето за испраќање авиони, но американскиот претседател Џо Бајден вчера им рече на лидерите на Г7 дека Вашингтон ги поддржува програмите за обука на украински пилоти на авиони Ф-16 – изјавија високи американски претставници.
– Гледаме дека западните земји и натаму се придржуваат до сценариото за ескалација. Тоа вклучува колосални ризици за нив. Во секој случај, тоа ќе биде земено предвид во сите наши планови, а ние ги имаме сите потребни средства за да ги постигнеме целите што си ги поставивме – додаде Грушко.