Изложбите на познатиот македонски ликовен уметник Горан Боев секогаш претствуваат празник на уметноста, па затоа утрешната изложба која треба да биде отворена во 13 часот во Вински музеј – Кавадарци по повод свтскиот ден на музеите ќе биде вистинско празнување за љубителите на неговата уметност и негови сограѓани.

Горан Боев е еден од најталентираните уметници на Македонија кој во својата потрага по убавината на најдобар начин не потсетува на нашата богата традиција, на боите на нашата земја и топлината, добрината и кроткоста на луѓето од Тиквешијата. Покрај тоа што неговиот потпис стои на фреските во новиот параклис во комплексот на манастирот Свети Јован Бигорски, тој е магистер на Факултетот за ликовна уметност, професор по ликовно воспитување, добитник на титулата „Почесен граѓанин“ на Кавадарци за своето уметничко творештво и член на здручението „Роднокрајци“.
Горан Боев досега има реализирано над десетина самостојни изложби и учество на бројни групни изложби и ликовни колонии.

Неговиот исклучителен талент се рефлектира во големиот опус на создадени ликовни дела со најразлични тематики но портретот уште многу одамна од времето на неговата рана младост па се до денес највеличенствено го отсликува неговиот раскошен ликовен ракопис и исклучително чуство за естетика. Без разлика дали се работи за детски, машки или женски портрет, особено во оваа време на рестрикции, војни и се поголема меѓусебна отуѓеност на луѓето тој смета дека повеќе од било кога имаме потреба од уметноста на портретот и убавината на човечкиот лик. Во своите размисли преку ликовните портрети Боев посочува дека можеби човештвото во својата суета и каприц денес премногу длабоко влезе во сферата на илузијата и лажните вредности, занемарувајќи го самиот човек како мисловно и емотивно битие и неговиот лик без разлика дали е тажен или среќен. Наспроти се поголемата поделба и разделеност токму сега е време на емотивно поврзување со меѓусебна грижа и наклонетост едни кон други.

Неговите прекрасни портрети отсликани во топли бои несомнено раскажуваат за убавината на женскиот лик. И во делата од оваа изложба токму во убавината на жената без разлика дали е во народна носија со шамија или венец од цветови во косите или зрели гроздови, Боев на најдобар начин ја отсликува „трагедијата“ на времето кое многу брзо поминува.
Женската убавина во својот зенит од една страна и и нејзината немоќност да опстои и трае, нејзината брза минливост од друга страна исто како и кај цвеќето станува негова главна заложба таа женска убавина да ја зароби на неговите платна и да ја зачува од заборавот. Можеби неговите портрети и уметноста воопшто е тука да потсети дека всушност постоиме едни за други.