Фото: ЕПА

Сега овој меч е како плејоф. Можеме да се браниме подобро во некои сегменти од играта, а можеби и да нападнеме малку поинаку, смета Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, РЕВАНШ-ДУЕЛ

Кој ќе оди во големото финале во Лигата на шампионите (ЛШ) на 10 јуни во Истанбул, Реал Мадрид или Манчестер Сити. Првиот меч одигран во Мадрид заврши без победник 1-1 (поведе Реал преку Винисиус Жуниор во 36-та, а израмни Кевин де Брујне во 67-та минута), така што пред почетниот удар во реваншот во Манчестер, вечерва (21 ч.), ниту една екипа нема да има гол-предност. Но Манчестер сити сепак ќе биде во мала предност, оти натпреварот ќе го игра пред своите бучни навивачи, кои сигурно ќе му претставуваат ветер во грбот.
– Сега овој меч е како плејоф. Можеме да се браниме подобро во некои сегменти од играта, а можеби и да нападнеме малку поинаку. Алаба и Рудигер беа толку блиску до Ерлинг Холанд во првиот меч, така што имаше многу малку место за наоѓање. Можеби можеме да приспособиме неколку работи – вели Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити за официјалната страница на УЕФА.
Свое мислење за реваншот искажа и тренерот на Реал Мадрид, италијанскиот стратег Карло Анчелоти.
– Имавме добра контрола на играта во првиот натпревар во Мадрид. Кога Манчестер сити имаше многу посед на топката, ние имавме контрола во одбраната, тогаш кога ние почнавме да играме, имавме тешкотии – рече искусниот Анчелоти.

Првиот натпревар одигран на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ беше повеќе трилер со неизвесна завршница до самиот крај и потсетуваше на полуфиналето од минатата сезона, кога Реал Мадрид одигра извонреден реванш-меч за да ги победи избраниците на Пеп Гвардиола со вкупни 6-5. Можеби овој пат клучно ќе биде тоа што реваншот се игра на стадионот на Манчестер сити, каде што домашните се во извонредна серија од 14 меча без пораз, со комбиниран резултат 49-7.
Она што сепак треба да ги радува Шпанците е фактот што Едер Милитао повеќе не е суспендиран, а Ферланд Менди повеќе не е повреден и секако се добредојдени опции за стратегот Анчелоти, како на играчки така и на тактички план. Тензијата, возбудувањата и секако елитниот фудбал се загарантирани. Ова може да биде нова класика во ЛШ.
Полјакот Шимон Марчинијак ќе биде судија на реваншот од полуфиналето на ЛШ на овој дуел во Англија, соопшти вчера УЕФА. Ќе му помагаат сонародниците Павел Соколнички и Томаш Листкијевич, а за четврти арбитар е именуван Иштван Ковач од Романија. Во ВАР-собата ќе бидат Полјаците Томаш Квјатковски и Бартош Франковски. Г.И.