Премиерот Димитар Ковачевски вели дека има конкретни сигнали од опозицијата за поддршка на уставните измени.
-Конкретни сигнали има дека некои од овие пратеници би гласале. Процедурата е почната и ќе продолжи – истакна Ковачевски во вечерашното тв гостување на Канал 5.
Според него, земјава преговара со ЕУ, а не со Софија.
-Ние ги исполнуваме нашите обврски во преговарачката рамка. Еден од условите е вметнување на други делови од народи во нашиот Устав, ќе влезат и Црногорците и Хрватите и Евреите се предлог. Ова е прв пат во историјата блокадата да не доаѓа од надвор, туку од внатре – рече Ковачевски.
Тој уште еднаш повтори дека обврска на секоја политичка партија и на секој пратеник е остварување на стратешката цел на државата.
На прашањето дали ќе има 80 пратеници за уставните измени, Ковачевски одговори дека верува во остварувањето на целта и дека работи на тоа.
-Но, тоа зависи и од сите пратеници. Ова е моментот кога е отворена вратата за членство во ЕУ. Не може да бидеме заложници на еден човек. Овој процес не е процес на еден човек, на една партија и една Влада. Опозицијата има можност да се приклучи на европскиот фронт – потенцира премиерот.
Според него, процедурата за уставните измени е веќе почната и ќе продолжи, а поддршка има и од САД и од ЕУ.
Прашан за средбата со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Ковачевски рече дека од американска страна беше испратена јасна, директна, силна и недвосмислена поддршка за македонското интегрирање во ЕУ. Во таа насока, како што рече, се разговарало за предизвикот што го има државата, а тоа е токму носењето на амандманите, со цел продолжување на европскиот пат и отворање на поглавјата