Хрватот Мануел Вулиќ (37) повеќе од десет години се наоѓаше на листата на Интерпол за најбарани бегалци во светот, а на неколку континенти успешно ѝ бегаше на светската полиција, сѐ додека на крајот на минатата недела не беше уапсен во долго подготвувана акција од страна на колумбиската полициска управа за истраги и меѓународна полициска соработка (ДИЈИН). Акцијата за апсење, во која учествуваа повеќе од педесет полицајци, ја водеше лично началничката на ДИЈИН, бригадната генералка Олга Салазар, позната во Колумбија како еден од најспособните оперативци во борбата против наркобандите
Крај за десетлетието за Мануел Вулиќ на листата на најбарани наркокриминалци во светот
Еден од најбараните хрватски бегалци Мануел Вулиќ, по кого трагаше и Европол, неодамна беше уапсен во Колумбија. Повеќе од десет години Вулиќ се наоѓаше на листата на Интерпол за најбарани бегалци во светот, а успешно ѝ бегаше на полицијата на неколку континенти, сѐ додека неодамна не беше уапсен по долгомесечна детално испланирана операција на колумбиските полициски власти, со помош на меѓународна полициска соработка.
Во полициските извештаи се наведува дека во долго подготвувана акција на колумбиската полиција е уапсен хрватскиот дилер со кодно име Отров, кој успешно ѝ бегал на правдата повеќе од десет години.
Хрватот Мануел Вулиќ (37) повеќе од десет години се наоѓаше на листата на Интерпол за најбарани бегалци во светот, а на неколку континенти успешно ѝ бегаше на светската полиција, сѐ додека на крајот на минатата недела не беше уапсен во долго подготвувана акција од страна на колумбиската полициска управа за истраги и меѓународна полициска соработка (ДИЈИН). Акцијата за апсење, во која учествуваа повеќе од педесет полицајци, ја водеше лично началничката на ДИЈИН, бригадната генералка Олга Салазар, позната во Колумбија како еден од најспособните оперативци во борбата против наркобандите.
Дел од картелот на Шариќ
Мануел Вулиќ е внук на Петар Ќосиќ, кој важи за еден од најблиските соработници на Дарко Шариќ. Како што им е познато на луѓето упатени во оваа област, Шариќ е човек кого американската агенција за борба против наркотици ДЕА го прогласи за најголем наркобос на Балканот, што не е чудно, имајќи предвид дека е осомничен од криминалистите дека во Србија и Црна Гора испрал најмалку 4 милијарди евра пари заработени од наркотици. На Шариќ му се судеше 12 години за шверц на кокаин – прво доби 20 години, па 15 години, а потоа апелацискиот суд му ја намали казната за една година – според пресудата од крајот на минатата година, тој беше осуден на 14 години затвор.
Според достапните информации, Вулиќ е дел од картелот на Шариќ, а хрватската Канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) пред нешто помалку од еден месец поднесе обвинение против него, против неговиот братучед Петар Ќосиќ и уште шест лица поради сомнение дека прошверцувале најмалку 609 килограми кокаин, вреден 16,4 милиони евра. Освен за шверц, Вулиќ е осомничен и за помагање во организирањето на убиството на поранешната десна рака на Шариќ, Милан Миловац. Шариќ решил да му го одземе животот на Миловац затоа што му ги уништил врските со доставувачите на кокаин во Еквадор и Колумбија, па Вулиќ нашол луѓе што ќе најмат атентатори да го убијат Миловац во Еквадор.
Луѓето на Вулиќ го следеле Миловац со мотор додека одел во вежбалница, а на 13 ноември 2020 година го пресретнале во еквадорскиот град Самбороднон, додека возел – отвориле оган врз автомобил „форд експлорер“ и тешко го раниле во вратот. Тој останал парализиран, но преживеал. Но егзекуторите по тој инцидент не се откажале. Тие ангажирале локални криминалци, Колумбијци, чија задача била да го докрајчат Миловац во болницата. Двајцата биле фатени и уапсени во непосредна близина на болницата, а кај едниот од нив полицијата пронашла шрафцигер. И покрај сите напори да биде елиминиран Миловац, за да не остане жив сведок соработник, на крајот тој закрепнал и бил ослободен да си оди дома. Меѓутоа, веќе следниот ден му се слошило и починал од срцев удар.
Како ѝ падна на полицијата во раце
Кога станува збор за минатонеделното апсење на Вулиќ, тоа се случи во близината на градот Переира, на западот на Колумбија, каде што Вулиќ, за да го прослави роденденот, изнајмил два апартмана за себе и своето семејство во луксузен хотел, во кој една ноќ чини околу 1.000 долари. Но тој не бил уапсен пред очите на сопругата и децата, бидејќи полицајците, кои цело време го набљудувале, чекале да се оддалечи од нив, а потоа ја искористиле шансата да го пресретнат додека сам го возел автомобилот. Кај него пронашле словенечки пасош, но и словенечка лична карта и возачка дозвола, како и полициска значка со името Борут Мозган. Имено, Вулиќ долго време користел идентитет на словенечки полицаец и се претставувал како некој ангажиран од дипломатски претставништва да работи во Колумбија.
Според порталот „Семана“, кој прв ја објави информацијата дека Вулиќ „паднал“, на колумбиските полициски сили многу им помогнале американските колеги, кои им доставиле на Колумбијците неколку документи со кои откриле дека Борут Мозган не бил Словенец, туку криминалец што израснал на загрепскиот асфалт. Колумбиската полиција добила информација од агенти од САД дека наводната група на која ѝ припаѓал Вулиќ имала контакти во Перу, Еквадор и Бразил со кои превезувала дрога. Во дополнителниот надзор што следувал, тие откриле и дека кодното име на Вулиќ во комуникацијата што ја водел со другите членови на наркобандата е Венено или, во превод, Отров.
Проширување на истрагата
ДИЈИН тврди дека имаат намера да ја прошират истрагата против него бидејќи се сомневаат дека соработувал со милитанти од ФАРК (Револуционерни вооружени сили на Колумбија), но и со други организации, како што се „Клан дел голфо“ (Заливскиот клан), ЕЛН и „Сегунда маркеталиа“, кои го држат најголемиот дел од колумбискиот нелегален пазар на дрога. Инаку, неодамнешното обвинение на Вулиќ за УСКОК не е прво, бидејќи во 2012 година тој беше обвинет и дека бил дел од групата предводена од неговиот братучед Петар Ќосиќ, која шверцувала 339 килограми кокаин од Бразил. Групата беше разбиена во мај 2011 година, во меѓународна операција предводена од американската ДЕА, која беше именувана „Догма“. Оттогаш Вулиќ успеваше да избега од рацете на правдата.
Европските пристаништа како „пајажина за шверцерите“
Вулиќ по роденденската прослава заврши во затвор во Колумбија. Во Хрватска веднаш се јавија експертите, кои ја објаснуваат новонастанатата ситуација и што ќе се случува понатаму. Криминологот и експерт за безбедност Жељко Цвртила за медиумите изјави како се стекнува довербата на „наркосите“ во Јужна Америка.
– Таму довербата се стекнува со почнување со мали суми и ако си успешен тие суми и доверба се зголемуваат – вели Цвртила.
Вулиќ во Колумбија се претстави како меѓународен полицаец, па и тој момент предизвика посебно внимание.
– Тоа е добро покритие пред полицајците, кои се редовни на улица, а кои не можат секогаш да знаат за што точно станува збор. Затоа и овој човек можел толку лесно да се преправа. Досега често имавме само хрватски фалсификувани документи, но очигледно и нашите соседи не се непожелни во тој свет, па и зад нивни документи можат да се кријат криминалците – вели Цвртила.
Дубравко Клариќ, криминолог и експерт за дрога, додава дека пристаништата во Европа се вистинска пајажина за шверцерите.
– Во северниот дел на Јужна Америка, во оние локации каде што криминалните групи се исклучително силни, очекувано е дека и европските групи се вклучуваат и се поврзуваат. Не е проблем да се поврзете, штом имате пари и штом ве интересира, лесно е да се организира бизнис и шверц. Ова апсење е капка во морето каде што како актери се појавуваат хрватски државјани, кои се и организатори на бизнисот. Тие се поврзани со криминалното милје во северниот дел на Јужна Америка и, секако, потоа таа дистрибуција оди преку океанот, па доаѓа до територијата на Хрватска по разни средства и патишта – изјави Клариќ.
Клари додава штом пратката ќе влезе во шенген-зоната, во европската зона, тогаш е многу полесно да стигне до дестинацијата за која е наменета и за каде што е склучен договорот.
Сѐ уште не се знае дали на Вулиќ ќе му се суди во Колумбија или ќе биде екстрадиран во Хрватска.