Фото: Пиксабеј

Светската здравствена организација (СЗО) повеќе не го класифицира ковид-19 како вонредна глобална здравствена опасност, но научниците сè уште работат напорно за да разберат повеќе за вирусот и неговото влијание – вклучително и за начините на кои коронавирусот влијае на телото и доведува до смрт. Новата анализа сугерира дека голем процент од луѓето со ковид-19 на кои им била аплицирана кислородна поддршка, брзо развиле секундарна бактериска пневмонија. Оваа пневмонија била одговорна за стапка на смртност повисока и од онаа на самата инфекција со коронавирус, пишува „Саенс алерт“.

Оттука, и покрај тоа што ковид-19 бил тој што ги донел овие пациенти во болница, всушност употребата на механички вентилатор е она што најверојатно било причина за смрт кај многу хоспитализирани пациенти.

-Нашата студија ја нагласува важноста од превенирање и агресивно лекување на секундарната бактериска пневмонија кај критично болни пациенти со тешка пневмонија, вклучително и кај оние со ковид-19 – вели Бенџамин Сингер, пулмолог на Универзитетот Нортвестерн во Илиноис.

Истражувачкиот тим ги разгледа податоците за 585 лица примени на единицата за интензивна нега во болницата Нортвестерн Меморијал. Сите имале тешка пневмонија и/или респираторна инсуфициенција, а 190 од нив имале ковид-19. Истражувачите ги групираа пациентите врз основа на нивната состојба и времето што го поминале на интензивна нега. Наодите ја побиваат тезата дека цитокинската бура по заразувањето со ковид-19 – масивно воспаление што предизвикува откажување на органите – е одговорна за значителен број смртни случаи. Кај испитуваните пациенти немало никакви докази за откажување на повеќе органи. Наместо тоа, пациентите со ковид-19 имале поголема веројатност да развијат пневмонија поврзана со подолгата употреба на респиратор.

-Оние кои биле излечени од нивната секундарна пневмонија имале поголема шанса да преживеат, додека кај оние чија пневмонија не била излекувана, постоела поголема веројатност да умрат. Нашите податоци сугерираат дека смртноста поврзана со самиот вирус е релативно ниска, но другите работи што се случувале за време на престојот на интенивна нега, како секундарната бактериска пневмонија, ја направиле „белјата“ – вели Сингер.

Овие резултати сугерираат дека конечниот исход кај пациентите на интензивна нега би можел да се подобри доколку има поквалитетни стратегии за дијагностицирање и лекување во епизодите со респиратори – нешто за кое истражувачите велат дека треба да се реши во иднина. Сепак, треба да се има на ум дека иако ставањето на пациентот на респиратор поради лекување на компликации од ковид-19 може да резултира со секундарна пневмонија, тоа не значи дека инфекцијата со коронавирусот е помалку опасна, ниту пак го намалува бројот на смртни случаи предизвикани од него.

Како што нагласија авторите во нивната студија, релативно долгиот болнички престој кај пациентите со ковид-19 првенствено се должи на продолжената респираторна инсуфициенција, која ги става во поголем ризик од секундарна пневмонија, предизвикана од машините за кислородна поддршка.

Воедно, ова е уште еден пример за тоа како вештачката интелигенција и машинското учење може да обработат огромни количини на податоци и да забележат обрасци невидливи за нас, луѓето – без оглед дали се работи за анализа на протеини или математичко прогресирање.

-Примената на машинското учење и вештачката интелигенција при обработка на клинички податоци може да биде корисна за пронаоѓање подобри начини за лекување на болести како ковид-19, како и да им помогне на лекарите од интензивна нега, кои ги третираат овие пациенти – вели Кетрин Гао, исто така пулмолог во Нортвестерн.

Подготви: Валбурга Батева Николоска