Фото: Архива

Во првата фаза ќе мора да се стопира дотокот на вода во езерцата, за да може темелно да се исчисти. При таа постапка ќе се залови и згрижи рибниот фонд во соодветни услови за чување, за да може темелно да се исчистат езерцата и да се отстранат сите отпадоци фрлени во нив

ПО ПЕТ ГОДИНИ, КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ЧИСТАТ ЕЗЕРЦАТА ВО ГРАДСКИОТ ПАРК

По пет години, конечно започнува акција за чистење на езерцата во Градскиот парк. Досега езерцата, кои се замислени да бидат украс на паркот, беа валкани, со зафатен зелен слој нечистотија одозгора, и ја нагрдуваа идиличната слика што ја дава едно од најубавите места за одмор и рекреација во Скопје. Граѓаните досега реагираа дека езерцата се валкани и полни со ѓубре и на површината и во длабочините, па конечно таа слика ќе замине во историјата.

ЌЕ СЕ ПРАЗНАТ ЕЗЕРЦАТА

Според официјалните најави, јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје започнува со активности за чистење на езерцата и каналите во Градскиот парк.
Како што информираат оттаму, во согласност со Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, отворените канали, езерца и канали во Градскиот парк, по налог на Град Скопје екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ започнуваат со активностите за комплетно чистење на каналите и езерцата во првиот и во вториот дел од Градскиот парк, кои не се чистени околу пет години.
– Подготвителните активности за чистење на езерцата веќе се во тек, а екипите од понеделник ќе ги почнат активностите за чистење, кои ќе се одвиваат во неколку фази – информираат од претпријатието.
Во првата фаза ќе мора да се стопира дотокот на вода во езерцата, за да може темелно да се исчисти. При таа постапка ќе се залови и згрижи рибниот фонд во соодветни услови за чување, за да може темелно да се исчистат езерцата од сите отпадоци фрлени во нив, а потоа отпадоците соодветно да се отстранат.
– Со пумпи се вади преостанатото количество вода во езерата и се суши површината, по што во втората фаза следува машинско чистење на езерцата од лисја, отпадоци, мил и наноси од земја. Се чисти и каналот по кој тече вода во езерскиот систем во паркот, по што во завршната фаза се полнат езерата – велат од претпријатието.
Надлежните немаат прецизирано колку точно ќе трае чистењето, меѓутоа од „Улици и патишта“ апелираат до граѓаните да не фрлаат отпадоци во каналите и во езерцата и да ја одржуваат хигиената на зелените површини во паркот.

ГРАЃАНИТЕ: РЕДНО БЕШЕ

Редовните посетители на паркот со задоволство го поздравуваат овој потег на надлежните, коментирајќи дека долго време се очекувал. Тие велат дека конечно водата во езерцата ќе биде чиста и сите ќе можат да уживаат во прекрасната глетка.
– Тоа што езерцата останаа запоставени и неисчистени мислам дека е нехумано, прво заради тие риби што живеат во водите на езерцата, а потоа и за многубројните посетители. Водата беше во катастрофална состојба. Се гледаше ѓубрето фрлено во длабочините, се гледаше тињата, зелената мувла фатена одозгора или како и да се вика тој нанос непријатен за гледање. Навистина беше грдо да се гледа тоа – вели Митко Јовевски, посетител на паркот.
Впечатокот кај сите посетители е ист. Тие велат дека од езерцата дури и се ширел крајно непријатен мирис.
– Со мојата ќерка обично седиме во делот на паркот кај стадионот, каде што може да се седи до езерото. Тука вообичаено живеат и патки, за чие ранење редовно одевме. Земавме леб од дома и им дававме да јадат. Меѓутоа се ширеше навистина лоша миризба од застоената вода, која беше многу валкана, полна со ѓубре и листови од дрвјата, па гледавме да го избегнеме одењето во тој дел – вели Горан Цветковски, редовен посетител на паркот.
Градскиот парк е локација што во последно време е многу популарна кај младите двојки, кои сакаат својата свадбена фотосесија да ја реализираат токму тука. Меѓутоа, и тие велат дека нечистата вода што е на фотографиите мора да помине на фотошоп, бидејќи бојата ѝ е зелена и се гледа ѓубрето во неа.
– За свадбената фотосесија одлучивме да одиме во паркот, каде што сакавме да се фотографираме покрај природата и секако покрај езерцата, меѓутоа навистина имаше премногу ѓубре, па фотографите низ шега ни рекоа дека со фотошоп ќе го средат тој проблем – раскажува невестата Елена Стојановска.
Сепак, сите наши соговорници се единствени во констатацијата дека градот Скопје заслужува чисти и одржувани езерца, како впрочем што треба да биде и целиот Градски парк. Чистењето на езерцата е првиот чекор во тој правец и сите со задоволство го очекуваат.