ФУДБАЛ
- Торенсе е второлигаш, но како победник на Купот на Португалија сезонава настапува во Лига Европа. Од 1999 година до денес, само седум клуба од пониски лиги играле во групната или во лигашката фаза од европските купови, пишува ЕСПН. Тимовите од пониските рангови беа почеста појава во европскиот фудбал во времето на некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК)
Пауло Сареира, 49-годишен сопственик на хотел во малиот град Торес Ведрас, чија лојалност е кон ФК Торенсе, никогаш не очекуваше дека неговиот локален тим ќе освои трофеј, но бајковитата серија во минатогодишниот Куп на Португалија, вклучувајќи ја и драматичната победа во финалето со Спортинг благодарение на голот во продолжението од 38-годишниот бек на Зелено’ртските Острови, Стопира, му овозможи на Торенсе да стане првиот освојувач на Купот надвор од највисоката лига на Португалија, пишува ЕСПН. Не само тоа, туку тој успех на клубот му обезбеди место во Лига Европа сезонава.
– Моите сеќавања на финалето уште се многу живописни. Сите мои пријатели од Торес Ведрас, кои го сакаат Спортинг, сакаа Торенсе да победи. Сите на стадионот знаеја дека е можно, но да се случи тоа беше целосно лудо. Забавата продолжи до наутро, имаше огномет, музика и говори од играчите. Вистински магичен и незаборавен момент – вели Сареира за ЕСПН.
Еуфоријата беше ублажена откако Торенсе не се пласира во Примеира лига, бидејќи загуби во плејофот од Каса Пија четири дена подоцна, оставајќи го клубот во Втората дивизија во пресрет на нивната прва европска сезона. Тие го имаа своето европско деби неодамна во Норвешка против Лилестрем, кој, исто така, го освои домашниот куп како второлигашки тим, но се пласира во највисоката лига. Торенсе ќе игра и со Арарат, Сандерленд, Сосиедад, Селтик, Олимпијакос, Ференцварош и со Лех. Сареира ги планира своите европски гостувања со Торенсе и се надева дека ќе присуствува и на домашните мечеви, но тие нема да се играат на стадионот на клубот. Стадионот со капацитет од 2.500 места не ги исполнува критериумите на Европската фудбалска унија (УЕФА), принудувајќи го клубот да се пресели, првично на 240 км оддалеченост во Алгарве, пред да се префрли во Леирија, на 80 км.
– Секогаш е фрустрирачки да не можеш да играш на свој стадион. Но не мислам дека ова ќе влијае на тимот. Сѐ што ќе произлезе од овие мечеви ќе биде позитивно, пазарната вредност на играчите, искуството и натпреварувачкиот ритам ќе се зголемат и, пред сѐ, името на Торенсе и на португалскиот фудбал ќе се однесе на сите четири страни на светот – вели Сареира, пренесе ЕСПН.
Сепак, тој вели дека влијанието нема да биде исклучиво позитивно.
– Вистинскиот проблем ќе биде првенството, со три натпревари неделно. Тимот би можел физички да страда и можеби нема да се справи со толку многу средби за краток временски период – вели тој.
Тимовите од пониските лиги беа поредовна карактеристика на европскиот фудбал во времето на стариот Куп на победниците на куповите (КПК). Првиот пример беше Сент Етјен, кој го освои Купот на Франција во 1962 година во истата сезона кога испадна. Но најекстремниот случај беше Мертир Тидфил, кој го освои Купот на Велс во 1987 година додека беше во англиската седма лига и се соочи со Аталанта, тогаш од Серија Б, во исклучително редок континентален меч помеѓу два тима од пониските лиги, пишува ЕСПН. Откако Купот на победниците на куповите (КПК) беше укинат во 1999 година, а во Купот на УЕФА се воведе групна фаза во 2004 година, само седум клуба од пониските лиги успеаја да се натпреваруваат во групната или во лигашката фаза од европските купови. Покрај Торенсе, во Лига Европа играа и Цирих (сезона 2016/2017), Виган (2013/2014), Бирмингем (2011/2012) и Лозана (2010/2011), додека во Конференциската лига настапи Вадуц (2022/2023). Серијата ја започна германскиот тим Алеманија Ахен (2004/2005) во тогашниот Куп на УЕФА, кој се пласираше како финалист во националниот куп и до денес останува единствениот второлигашки клуб што успеал да стигне до нокаут-фазата, пишува ЕСПН.
– Тоа беше првата сезона во која Купот на УЕФА имаше групи, што беше злато за Алеманија. Бев на домашните мечеви во Келн (80 км од Ахен). Имаше натпревар против Лил. Тоа е првиот натпревар во групата и победувате против француски тим од првата лига. Потоа мислам дека загубивме со 2-0 на гости против Севилја и ремизиравме 2-2 дома со Зенит. Видовме дека можеме да се натпреваруваме. И велевме: „Добро, имињата веќе не играат улога“ – вели новинарот Јонас Бек, роден во Ахен, кој ги посетувал натпреварите од групната фаза како гледач и работел како практикант во медиумскиот оддел на клубот за време на нокаут-фазата.
Алеманија влезе во нокаут-фазата, а серијата беше прекината од АЗ Алкмар во осминафиналето, но гледачите никогаш нема да ја заборават магијата на нивната европска авантура.
– Беше неописливо, речиси како да си во транс од квалификациите до нокаут-фазата – вели Бек, кој ја истакна и огромната финансиска добивка за тим од втора лига. „Тој успех го стави клубот во сосема нова финансиска сфера“ вели тој, пренесе ЕСПН.
Денес, натпреварувањето носи многу поголеми финансиски награди. Торенсе ќе заработи 4,31 милиони евра само за учество во Лига Европа, секоја победа вреди 450.000 евра, а секое реми носи 150.000 евра. Дополнителни пари се можни во зависност од нивниот пласман на табелата. За клуб чија вкупна пазарна вредност на тимот, според „Трансфермаркт“, е под 20 милиони евра, тоа е трансформативна сума пари, дури и ако ги загубат сите осум натпревари од лигашката фаза, но, што и да се случи, барем засега, тимот од Торес Ведрас ќе го има неподеленото внимание на навивачите од својот роден град, пишува ЕСПН. Н.М.
































