Жените главно не поседуваат земја, ама ја обработуваат

  • Поради традиционалните и патријархалните обичаи, жените во многу мал процент се запишани како официјални сопственици на земјата (најчесто таа се пренесува од татко на син или се води на сопругот). Без сопственост на земја, тие потешко добиваат кредити и субвенции. Иако работат на нивите, тие поретко ги носат стратешките одлуки за тоа што ќе се сади, како ќе се продава и каде ќе се инвестира заработката

Светлана Слапшак, српско-словенечка научничка, антрополог, доктор по антички студии, универзитетска професорка, писателка и феминистка, уште пред повеќе од две децении ја напиша својата многу популарна книга „Женски икони на 20 век“, во која ги истражува животот, постапките и влијанието на жените што го обележија изминатиот век. Авторката анализира личности од различни области – политика, уметност, наука и социјален активизам, истакнувајќи го нивниот придонес во обликувањето на современото општество и културните вредности. Слапшак се фокусира на начинот на кој овие жени ги редефинирале традиционалните улоги и очекувања и како нивните идеи, храброст и достигнувања влијаеле на колективната свест и ги поместиле границите на општествените норми. Преку приказни за нивните животи, успеси и предизвици, читателот добива увид во сложената динамика на општествените промени и борбата за еднаквост. Во ова важно четиво за историчарите, социолозите, културните критичари и секој што сака да го види придонесот на жените во модерната историја и влијанието на нивните идеи врз современото општество, таа се осврнува меѓу другото и на жените земјоделци. На едно место Слапшак укажува и на некои податоци на Организацијата на обединетите нации (ООН), според кои, жените на планетата главно не поседуваат земја, но ја обработуваат; немаат капитал, но работат повеќе за помалку пари, особено кога ќе се земе предвид бесплатната работа, која во светската историја непогрешливо се поистоветува со робовската работа; според бројноста, тие се мнозинство од избирачите, но несоодветно претставени во власта; имаат помал пристап до културните добра и медиумите, иако ликот на жените во тие области масовно се злоупотребува; просветните, здравствените и академските институции нудат многу помалку пропустливост за жените…

Токму на оваа тема во „Јуроп хаус“ во Струмица деновиве се одржа панел-дискусија под наслов „Жетва без нејзино име: Руралните жени и невидливиот труд“. Во излагањата беше предочено дека над 38.000 жени во Македонија се регистрирани како земјоделки, но многу од нив немаат еднаков пристап до финансиска сигурност, породилно отсуство, здравствено осигурување и социјална заштита. Дискусијата отвори простор за разговор за системските и институционалните пречки, но и за предрасудите и нееднаквостите што го ограничуваат пристапот на жените во руралните средини до нивните права. Според податоците изнесени на настанот, жените земјоделци учествуваат во производството на храна и руралната економија, а истовремено најчесто се грижат и за домот. Сепак, нивниот труд и придонес често остануваат надвор од формалните економски и институционални рамки. Особено е загрижувачки пристапот до имот и земјиште: во 2021 година само 4,1 отсто од жените во руралните области биле евидентирани како сопственички на имот, додека на национално ниво земја поседуваат само 12 проценти од жените. Разговорот ги опфати причините за овие нееднаквости, вклучувајќи ги практиките поврзани со наследувањето. Иако ќерките имаат законско право да наследуваат, често се откажуваат од својот дел во корист на браќата. На тоа влијаат долгогодишните традиции и очекувањето дека по бракот ќерката ќе „припадне на друго семејство“.
Ако отидеме назад во историјата, жените отсекогаш имале клучна, историска и незаменлива улога во обработката на земјата, иако нивниот труд низ вековите често останувал невидлив и недоволно вреднуван. Според многу антрополошки и историски истражувања, жените биле првите што го развиле земјоделството за време на неолитската револуција. Додека мажите главно биле ориентирани кон лов, жените, собирајќи диви плодови, први ги уочиле циклусите на растење на растенијата, направиле селекција на првите семиња и почнале да ја обработуваат земјата. Денес, на глобално ниво, жените сочинуваат над 40 отсто од вкупната работна сила во земјоделството. Во земјите во развој и во руралните средини на Западен Балкан (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина), тој процент е исклучително висок.

Проблематично е што поголемиот дел од жените во село работат како „помагачки во домаќинството“. Тие ја обработуваат земјата, се грижат за стоката и ги извршуваат домашните обврски, но за тоа не земаат плата и често немаат здравствено и пензиско осигурување. Жените учествуваат речиси во сите фази на обработката – од сеење и садење, преку плевење и наводнување, па до берба и преработка на финалните производи, но и покрај огромниот физички и временски влог во обработката на земјата, постојат големи системски пречки. Поради традиционалните и патријархалните обичаи, жените во многу мал процент се запишани како официјални сопственици на земјата (најчесто таа се пренесува од татко на син или се води на сопругот). Без сопственост на земја, тие потешко добиваат кредити и субвенции. Иако работат на нивите, тие поретко ги носат стратешките одлуки за тоа што ќе се сади, како ќе се продава и каде ќе се инвестираат парите.
Организацијата на обединетите нации (ООН), со цел да го поправи овој јаз, ја прогласи 2026 година за Меѓународна година на жените земјоделци, ставајќи акцент на потребата за нивни еднакви права на сопственост, финансии и технологија. Тоа се и основните постулати околу кои треба да се гради една политика затоа што секој човек треба да биде ценет според своето залагање и придонес, независно од неговата родова припадност. Придонесот на жените земјоделци мора да биде препознаен и проследен со еднакви права и сигурност. Обезбедувањето пристап до имот, здравствено и социјално осигурување и права поврзани со работата е важен чекор кон поправедно и одржливо општество.