Владо Јаневски, писател, автор на „Изгубени низ дупки во џебовите“
„Изгубени низ дупки во џебовите“ на Владо Јаневски е книжевно дело за читателите што сакаат литература што не се плаши да постави големи прашања: што е слобода, што останува од човекот кога системот се обидува да го контролира или збрише и дали навистина може да постои нов почеток по мракот. Романот е богат со симболика, со низа неочекувани пресврти и со отворен завршеток што навестува дека секоја генерација добива шанса да го закрпи она што ненаучената лекција од историјата го искинала. Ова е четиво за љубителите на Борхес, Булгаков и Кафка, но и за сите што сакаат да почувствуваат како фикцијата може да биде и предупредување и утеха, пишува писателката Сузана Камберова во рецензијата за романот.
„Изгубени низ дупки во џебовите“ е објавен од издавачката куќа „Бата-прес“ во Скопје. Книгата беше претставена во Абу Даби, како дел од „Балкан калчр“, на неодамнешниот Саем на книгата во Франкфурт, а има интерес за објавување и во Египет.
„Изгубени низ дупки во џебовите“ е ваш седми роман. Кога вие би го пишувале резимето во неколку реченици, што би склопиле?
– За себе би кажал дека сакам да пишувам, а најчесто пишувам додека патувам – досега сум престојувал во над 80 земји. Член сум на ДПМ. Покрај седумте романи за возрасни, објавени се и мои збирки раскази и поезија, а повеќепати сум бил и наградуван. Објавени се и неколку мои книги за деца, а мојот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ три години континуирано се објавува во прилогот „Колибри“. Наградуван сум и за неколку бајки. Покрај пишување и патување, сликам и се занимавам со наука. Мојот најнов роман, „Изгубени низ дупки во џебовите“, жанровски ги преплетува магичниот реализам, футуристичката дистопија и политичката алегорија. Во неговата основа е прашањето: што ако Југославија не се распаднала во 1990-тите, туку завршила во алтернативна иднина управувана од воен режим на еден генерал? Тоа е генералот Ратимир, на Запад познат како „вториот Тито“. Тој успева да го спречи распадот на земјата за време на кризата, но потоа ја трансформира државата во тоталитарен режим заснован на страв и постојан надзор. Меѓу другото, тој ја преместува владата од Белград во Скопје, бидејќи смета дека Македонците се помирен народ, кој ретко протестира. Од оваа замисла се роди „роман-сложувалка“ во кој ме интересираа теми како слободата, тоталитарната контрола, вештачката интелигенција, меморијата и смртта како чин на катарза.

Во вашиот романот се отвораат прашања за дистопијата, вештачката интелигенција и роботизацијата, па дали романот е предупредување за иднината или, пак, приказна за можноста човекот повторно да се врати кон она што го прави човек?
– Во романот е присутен булгаковскиот дух, особено оној од „Мајсторот и Маргарита“. Ликот на мачката Аурора има улога на демистификатор, кој ги расветлува злосторствата на режимот. Сузана Камберова во својот поговор ја споредува Аурора со мачорот Бегемот на Булгаков, кој на сличен начин дејствува субверзивно и придонесува за растурањето на тоталитарните стеги. Аурора има способност да се движи помеѓу јавето и соништата и го претставува пркосот. Таква е и сцената во која агентот Злокапа и отецот Ламбе се обидуваат да ги истераат „лошите сили“ од Аурора со читање псалми и прскање со света вода во полициска станица. Тоа е една типична булгаковска гротеска: системот се соочува со нешто натприродно што не може да го контролира. Има и преобразба, која е директна, но обратно поставена референца на онаа кај Кафка. Наместо човек да се претвори во инсект, овде една лебарка се преобразува во жена, откако еден од главните ликови со влечка ја сплескува нејзината мајка. Темата на роботизацијата и вештачката интелигенција е развиена во две наративни нишки. Роботизацијата на државната безбедност е претставена како крајно скалило на репресија. Во исто време, „Коњите сме ние“, романот во роман, е алегорична парабола во која еволуирани, интелигентни коњи создаваат вештачка интелигенција. Тој дел е предупредување за она што може да го очекува човештвото ако слепо се потпре на технологијата. Наспроти тоа, го поставувам симболичниот сојуз меѓу хуманиот пристап кон технологија на Теута и Квантимус и невиноста на детето, претставена преку Феникс. Во нив гледам можност за излез од мракот на режимот.
На кој начин структурата на романот го принудува читателот да престане да биде пасивен набљудувач и да стане активен соучесник?
– Романот се одликува со фрагментирана, нелинеарна нарација. Поделен е на четири поглавја, насловени како „џебови“, во кои минатото, сегашноста и иднината се присутни истовремено. Воениот режим на генералот Ратимир ја искривува вистината, недолжни граѓани исчезнуваат, а почнува да се прави дупка и во самиот простор. Во еден момент тоа се манифестира преку надреалното исчезнување дури и на цела десеткатна зграда во Скопје. Не сакав на читателите да им понудам готови одговори. Напротив, сакав тие самите да ги поврзуваат или склопуваат парчињата и да ја составуваат сложувалката. Затоа романот бара од читателите и интелектуален напор, но и емпатија.
Во романот не исчезнуваат само луѓе туку постепено и вистината, сеќавањето, згради, села, па дури и делови од минатото. Што ви беше најважно кога ја градевте таа идеја – да покажете колку лесно може да се избрише реалноста или колку човекот може да се спротивстави на таквото бришење?
– Не се обидував да ги раздвојувам бришењето на реалноста и спротивставувањето на таквото бришење. Во романот тие се во меѓусебна зависност. Мотивот на бришењето и физичкото исчезнување го користам како метафора за начинот на кој тоталитарниот режим со искривувањето на вистината и секојдневните лаги ја разјадуваат реалноста. Но токму затоа што нешто се обидува да биде избришано, се појавува и потребата од отпор. Ликот на научничката Теута е добар пример за тоа. Режимот ѝ ги брише сите заслуги и признанија, ѝ ја уништува кариерата, сведувајќи ја на затворска хигиеничарка, но таа не очајува и не се предава. Наоѓа начин да се бори. Покажува дека нејзината внатрешна сила и човечкиот дух не можат едноставно да бидат задушени или избришани. Оттука доаѓа и насловот на романот — можеме лесно да се изгубиме низ дупките во џебовите кога сме само пасивни набљудувачи, сè додека не се разбудиме и не решиме да се спротивставиме. „Изгубени низ дупки во џебовите“ е за читателите што сакаат литература во стилот на Булгаков, Кафка или Борхес. Но, пред сè, сакав да создадам дело што ќе поставува прашања за тоа што останува од човекот кога системот ќе се обиде да му ги одземе слободата, меморијата и идентитетот.
Вашите романи често отвораат големи филозофски теми и дилеми, што би сакале овој пат читателот да понесе со себе по завршувањето на романот?
– Ситуациите во моите романи честопати се гротескни и надреални, исто така и апсурдни, но целта никогаш не им е само да шокираат. Апсурдот го користам како огледало. Преку него ја соголувам човековата природа, го разоткривам општеството што нè опкружува и допирам до едно подлабоко сознание за моралот. Ликовите се заробени во состојби на умот, мртвите се „поживи“ од живите. Се создаваат гротескни ефекти што сакам да го натераат читателот да се запраша за вредноста на животот и степенот на отуѓување во модерното време. Ситуациите на прв поглед се апсурдни, но во својата суштина се длабоко логични. По читањето на „Изгубени низ дупки во џебовите“, би сакал читателот да понесе со себе визија за иднината, олицетворена во ликовите на Феникс, Теута и Квантимус.
Романот веќе наоѓа пат и надвор од македонската книжевна сцена, па што ви значи тоа што една ваша приказна почнува да комуницира со читатели и издавачи надвор од Македонија?
– Би било прекрасно ако некој од моите романи биде објавен и надвор од нашата книжевна сцена. Пишувам за теми што се универзални и блиски до читателите од различни делови на светот. Најновиот роман, „Изгубени низ дупки во џебовите“, веќе е преведен на англиски јазик и се надевам дека тоа ќе му помогне да го најде својот пат до издавач надвор од Македонија.

































