Непознат, познат свет (15)

(Из)насилен разговор
– Ми го украдоа велосипедот – изусти, со некое глупаво, неприлично чувство на вина како да се оправдува за грешката.
– Не ме чуди. Кога си таква, изгубена во просторот. Од каде ти го зедоа? – сестра ѝ Софија веднаш ја нападна, а преку телефонот како додаток се зачу гласната смеа на докторот, кој сигурно се натопорил врз каучот и оттаму се кикоти.
– Го оставив пред самопослуга. Можеби мојот ангел чувар некаде заскитал – се обиде да се пошегува, но без успех. Сестра ѝ ја прекина: – Го остави пред самопослуга?!
– Ама јас… само на две минути влегов да купам шише „јана“. Мислев…
– Е па, слабо мислиш – докторот пак се засмеа прегласно. – Стопати сум ти кажала, не оставај го велосипедот незаклучен надвор! И сега што ќе правиме?!
– Мислев да пријавам на полиција. Кај другарка ми Веси.
– Инспекторката Весела Андоновска Смилев – иронично го нагласи презимето. – Прави што сакаш. Јас морам да брзам. Имам предавање на Институтот, ми доаѓа амбасадорот на Холандија.
„И тој сигурно вози велосипед. И таму не ги заклучуваат“, сакаше да каже, ама Софија веќе го затвори мобилниот.
*
Додаток: уште една белешка за новелата со мистерија, додека се испишува:
Уште не завршив со пишувањето на првиот дел (случај) на „Непознат, познат свет“, а веќе почнав да го смислувам вториот. Ракописот го бараше тоа, ликовите што ги вплеткаа своите животи сакаа да го продолжат своето постоење – ете, во тоа е опасниот предизвик на подолгата проза, што во квантитативната поплава тежнее да ги достигне високите креативни дострели какви што имаат поезијата, расказите, па дури и драмските дела. Аргументот на борхесовската критичност кон романот има поткрепа во макотрпноста на авторскиот напор да го додржи наративниот интензитет. Поради тоа, „Непознат, познат свет“ го поделив на сцени од кои некои можат да функционираат како самостојни фрагменти (постапка што ја користев во подолгите прози „Таа го сака Чехов“ и „Ѕиркачот“). На тој начин, одделни ликови и односите меѓу нив, кои можеби се чинат маргинални, добиваат поважна позиција, повеќе место низ страниците на книгата што се пишува и што токму поради тоа така ја насловив. Таа низа од сцени ги поврзува, понекогаш ги претркува времето, зашто во исто време во големиот свет се случуваат многу поважни промени, но јас се обидувам да се сосредоточам на т.н. „обичен“ живот, во кој се случуваат и необични нешта, кои, за разлика од јавните настани, остануваат невидливи. Детективските вметнувања, освен поради намерата да го раздвижат текстот, се помош да се внесе необичноста во обичното.