Во културниот центар „Јадро“ е отворена заедничката изложба „Стаорска трка“ на уметниците Ертунч Сали и Ангела Бошевска. Изложбата го истражува современиот начин на живот како бескрајна трка по успех, статус и моќ. Поттикнати од филозофски теории околу вредности, дисциплина и илузија, мотивите на тркачите, ловците и мршојадците стануваат симболика преку која авторите го разгледуваат циклусот на натпреварување, пад и опстанок, кој се повторува од генерација на генерација.
„Стаорска трка“ поставува прашања за вредностите што ги наследуваме, идеите за „успешен“ живот и моментот кога личниот избор станува општествено очекување. Преку слики, скулптури и инсталации, изложбата создава простор во кој трката не останува само на метафора туку станува и физичко и визуелно искуство.
Ертунч Сали (1990) својата високошколска едукација ја завршува на Факултетот за ликовни уметности во 2013 година како дипломиран графички уметник и дизајнер. По завршувањето на своите студии, своето дејствување го продолжува во Скопје со отворање ателје во скопската стара чаршија, која понатаму ќе биде собирна точка на ателјеата на колективот „Кула“. Ангела Бошевска (2000) дипломира на Факултетот за ликовни уметности во 2024 година во класата на Јован Шумковски. Нејзините практики вклучуваат дигитална уметност, сликарство, скулптура, 2Д-анимација, фотографија, 3Д-моделирање и 3Д-печатење.