Фото: „Нова Македонија“

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (27)

Записите на познатиот османлиски патописец Евлија Челебија од XVII век претставуваат исклучително вредно сведоштво за урбаниот, стопанскиот и секојдневниот живот во македонските градови за време на Османлиското Царство. Во овој извадок од неговиот познат „Патопис“ (Seyahatnâme), тој дава живописен приказ на тогашните касаби Куманово, Кратово и Крива Паланка, опишувајќи ги нивните природни богатства, прочуените занаети, архитектурата и развиените рударски дејности што го обликувале животот на локалното население.
„Куманово: Таа касаба се наоѓа на територијата на Скопскиот Санџак и претставува еден војводалак. Тоа е кадилак од ранг на кадилак од сто и педесет акчиња. Само што најчесто се припојува кон скопскиот кадилак. Варошот е украсен со многу реки и накитен со шестотини куќи покриени со ќерамиди. Џамијата што се наоѓа во чаршијата е убава. Таму има теќе, медреса, ан, јавна бања (амам), доволен број дуќани и воденици. Климата е добра и пријатна. Има многу лозја и градини. Одејќи оттаму еден ден пешачење кон север, стигнавме во касабата Кратово.
Кратово: Името на таа касаба е искривено од зборовите кират-ова. Градската тврдина се наоѓала во ридовите, но Евренос-бег во времето на освојувањето ја урнал и разорил од темел. Тоа сега е довереништво (еминлик) на територијата на Скопскиот Санџак, (кое се издава под закуп) за седумдесет товари акчиња и со кое управува емин (довереник) со двесте луѓе, бидејќи во ридовите се наоѓа чист бакар и сребро. Сребрената жила ја фаќаат од седум наоѓалишта и вадат чисто сребро. Рајата што е вработена во рудникот за сребро (gümüş hane), и затоа е ослободена од вонредни давачки, дење-ноќе вади бакарна и сребрена руда и му ја предава на еминот. И денес во варошот се наоѓа стара ковница (darbhane). Згора на тоа, во таа ковница за време на владеењето на Мурат IV се ковале дирхами и динари, така што во осум парчиња од тие пари се наоѓал еден грам чисто сребро. И денес постои еден вид на кружни акчиња со натпис: ’…Azze nasruhu, duribe fi Kratova = Нека му е славно владеењето! Ковано во Кратово’. Јас, сиромавиот, успеав да го видам и да сочувам едно-две парчиња. Сега таа ковница на пари е запуштена, додека рудникот работи непрекинато. Варошката населба лежи во пространо поле меѓу ридови и има осумстотини куќи, приземни и на кат. Градени се од тврд материјал и сите се покриени со црвени ќерамиди и снабдени со рајски бавчи и жива вода. Месните првенци поради сребрениот рудник се многу богати и среќни. Кратово е еден угледен кадилак од ранг на кадилак од сто и педесет акчиња. Таму има дваесет џамии. Џамијата во чаршијата е убава и привлечна. Таму се наоѓаат: медреса, теќе, повеќе основни училишта и многубројни чешми и себиљи. Таму постојат две јавни бањи.

На тамошниот голем амам не му видов рамен во цела Румелија. Тој е удобен и пријатен, речиси како Чекур-амамот во Цариград, Дефтердарпашиниот амам во Дамаск и Абидинпашиниот амам во Каиро (Мисир), а дело е на неимарот Синан. Од ѕидовите на сите четири страни на тој амам течат разни чешми (како рајски извор) Селсебил. Во секое негово одделение (халват) шика вода од славините на шадрванот. Таков амам со доксати не постои во ниту една земја. Во едно одделение (халват) се наоѓа курна во облик на чаша; таа е украсена со многу скапоцени камења, кои сјаат. Однадвор и однатре се поставени разни ликови и изгравирани скапоцени камења, поврзани со разновиден мермер што восхитува. Сите сини куполи и сите чисти врати и ѕидови се украсени со разни длаборези и куполи, изработени според план. Осветлен е со прозорци од кристал и неџефско стакло, така што сончевата светлина ја осветлува внатрешноста на амамот. Силен мирис на мошус и килибар што струи од ѕидовите на амамот им ја освежува душата на оние што се капат. Од неговите куполи не паѓа ниту една капка роса. Накратко, тоа е толку познат амам што воопшто не е потребно да се опишува ниту да се прикажува. Сè на сè, има триста и педесет дуќани во кои се застапени сите еснафи. Особено е прекрасна казанџиската чаршија. Бидејќи во овој град се наоѓа рудник за бакар, такви бакарни садови какви што се изработуваат овде не се изработуваат ниту во Сараево ниту во Кастамону. Овде се изработуваат со жица исплетени свеќници, кандилници, фенери, легени и разновидни ибрици обложени со чисто злато, толку убаво што тоа не може да се опише.
На југоисточната страна од таа варош, на оддалеченост од еден конак одење, се наоѓа Штип, а на западната страна, повторно на оддалеченост од еден конак, лежи градот Скопје.
Оттаму тргнавме понатаму…“
Овие страници од патописот на Евлија Челебија нудат фасцинантен пресек на Североисточниот Регион на Македонија, ставајќи особен акцент врз Кратово како значаен занаетчиски, рударски и монетарен центар на Румелија. Преку неговиот карактеристичен стил често полн со восхит, детални описи на јавните објекти и раскошната архитектура, текстот останува незаменлив историски извор за проучување на балканското културно-историско и урбано наследство.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)

(превод на македонски од изданието Евлија Челеби – Путопис, одломци о
југословенским земљама, Сарајево, 1979)