Откако тргнаа од пристаништата во западна Шведска, воените конвои од разни држави-членки на НАТО ги преплавија шведските улици, па полицијата издаде предупредувања за метеж во сообраќајот. Конвоите се упатија кон Норвешка, каде што од 25 октомври до вчера околу 50.000 припадници на воздухопловните и на поморските сили учествуваа во најголемата воена вежба на НАТО во изминатиот период. Операцијата „Здружен трозабец“ имаше јасна цел, а тоа е да го покаже капацитетот на Алијансата во одбраната на Норвешка против надворешен непријател.
Нема потреба да се именува можниот непријател. Очигледно не станува збор за Шведска или за Финска, затоа што двете држави ги вклучија своите војници во воената вежба. За време на Студената војна, Финска повремено се наоѓаше под советски притисок затоа што Кремљ сакаше да го прошири своето влијание за да добие простор за маневри. Но таа отсекогаш цврсто го бранеше својот нордиски и западен идентитет.
Слично на тоа, Шведска никогаш не сакаше да стане членка на НАТО поради долгогодишната геополитичка неутралност и поради солидарноста кон Финците. Иако Данска и Норвешка се приклучија кон Алијансата, тие одбија да примат распоредување на странски сили во време на мир.
Но во изминатите неколку години се промени безбедносната состојба во Северна Европа. Како одговор на руската агресија и ревизионизам, НАТО распореди еден баталјон борбени единици во Естонија, Летонија и во Литванија, како и воздухопловни ескадрони да го надгледуваат воздушниот простор на тие држави. Во Шведска и во Финска се зголемија воените трошоци и исто така постојано се дебатира за тоа дали да се подобри привилегираното партнерство со НАТО во целосно членство.
Од своја страна, Шведска веќе дозволи нејзината територија да се користи во рамките на операциите на НАТО доколку се случи конфликт во Северна Европа и ваквата одлука веќе навлезе во нејзината безбедносна политика и во одбранбените подготовки. Во шведската надворешна политика е познато дека секоја закана по суверенитетот на балтичките држави или по Норвешка би значела и закана по шведската безбедност. Оттаму, Шведска не само што учествуваше во „Здружен трозабец“ туку таа развива и безбедносно партнерство со Полска за да учествува во одбраната на балтичката област.
Проширеното партнерство на Шведска со НАТО е многу различно од нејзината доктрина на неврзаните од Студената војна. Тогаш поборниците за неутралност ќе го сметаа секој знак на соработка со НАТО и со Западот за предавство. Стратегијата беше да се убеди Кремљ дека никогаш нема да се случи нешто такво.
Се разбира, ова беше една голема измама. Советскиот Сојуз регрутира доволно високи елементи од шведската влада за да знае за нејзините тајни врски со Западот. Колку и да веруваа Швеѓаните во неутралноста на нивната држава, Советите знаеја дека тоа е лага. Сега повеќе нема лаги, затоа што ќе се случи целосна интеграција во НАТО.
Сепак, целосно членство во НАТО е контроверзно прашање за Шведска. Порано, шведската надворешна политика беше растргната меѓу два целосно различни пристапи. Од една страна, Шведска беше отворен активист и потсетуваше повеќе на невладина организација отколку на една држава. Од друга страна, таа ја зачува хиперреалистичната политика на „длабока безбедност“, иако во неа се зборуваше тивко зад затворени врати. До денес, истиот судир на култури ја спречува рационалната дебата за безбедносната политика.
Што се однесува до Финска, таа отсекогаш го користела вториот пристап, никогаш првиот. Но поради немањето домашни несогласувања, таа многу полесно се приспособи на новата геополитичка реалност. На пример, Финска експлицитно покажа дека членството во НАТО го смета за важна опција за нејзината безбедносна политика, која е нешто што шведската умерена левица сè уште не сака да го прифати.
Сепак, со „Здружен трозабец“, Шведска имаше шведски предводена бригада (од шведски и фински единици) што им се приклучи на силите на НАТО во големата воена вежба. Тие видоа до кој степен се интегрирани шведските, финските и норвешките воздушни сили и следеа како Финска ги предводи поморските вежби во Балтичко Море.
Во наредните години, Шведска ќе продолжи да се движи поблиску до НАТО. Здружените вежби ќе придонесат за подлабоко операциско усогласување и формирање заеднички одбранбени капацитети за цела Северна Европа и балтичката област.
Во секој случај, мобилизацијата не е поттикната од сериозната закана од Русија. Но руските агресивни напори да ја модернизира својата војска му наложуваат на Западот да ги зголеми безбедносните капацитети во регионот. Потребно е да испратиме јасна порака дека ќе следува одговор на опортунистичките чинови на агресија сега и во иднина. Со подготвување соодветна одбрана, можеме да обезбедиме мир и стабилност во регионот, што е предуслов за чекор понапред во една поконструктивна врска со Русија на долг рок.
Авторот е бивш премиер и министер за надворешни работи на Шведска