Овој чекор со „црните списоци“ е огромна грешка во Северна Македонија, рече европратеникот Андреј Ковачев, кому на 6 мај не му бил дозволен влез во Македонија, пренесуваат бугарските медиуми.
Како што Ковачев истакнал, за него потегот бил огромно разочарување.
– Скопје должи јасно објаснување зошто го направија тоа. Прво треба да ги слушнам нивните објаснувања, тие треба да бидат официјални. Во Европскиот парламент се сменија односите, секој пратеник мисли дека треба слободно да патува – коментира Ковачев.
Тој кажа дека имал разговор со министерот Бујар Османи пред само неколку дена, и немало навестување за ваква одлука.
– Немаше ни трошка сомнеж или исчекување за тоа што ќе дојде – коментира тој.
Ковачев смета дека забраната сигурно ќе се одрази на преговорите за членство на Македонија со Европската Унија.
МВР викендов потврди дека на 6 мај околу 11 часот на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Бугарија.
– Македонската полиција нема да дозволи ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата – соопшти МВР.