Критија не е особено познат филозоф. Познат е, помеѓу другото, по тоа што бил вујко на Платон и безмилосен подржувач на тиранијата во Атина. Познато е и неговото дело „Сизиф“, од кое се останати само некои фрагменти. Во него Критија тврди дека постоел период во кој луѓето живееле без какви било правила или норми, слично на ѕверовите. Немало закони, ниту морални норми, па и немало кој и според што да ги казнува, ниту да ги наградува за нивните дела. Бидејќи луѓето, верувал Критија, според својата природа се лоши, егоистични суштества, лесно можело да дојде до уништување на човековиот род. Затоа, луѓето се договориле да донесат закони, со кои би се казнувале злите дела, а добрите би биле наградувани. На тој начин настанала државата, како своевиден општествен договор. Сепак злата, поради својата лоша, егоистична природа, луѓето продолжувале да не ги почитуваат законите, надевајќи се дека нема да бидат откриени, па според тоа и казнети. Во таква ситуација, продолжува Критија, некој мудар човек ги измислил боговите. Боговите се бесмртни и сеприсутни. За нив остануваат нескриени и најдлабоките намери на луѓето. Меѓутоа, поради својата лоша природа, луѓето продолжиле со лошите дела. Ниту државата, ниту религијата помогнале да се санкционира злото што постоело помеѓу нив.
Подоцна, Томас Хобс (на свој начин) ја презел идејата на Критија за општествениот договор во создавањето на државата. Тоа значи и во создавањето на законите, на моралните норми, како и во санкциите. Државата била слична на библиското чудовиште Левијатан, кое голта сѐ во себе. Така е, впрочем, насловено и неговото значајно дело – „Левијатан“. Меѓутоа, државата, сеедно дали е република или монархија, ништо суштинско не променила и тоа може емпириски да се потврди. Светот, колку и да е трагично, и понатаму е полн со зли мисли и намери, со агресија и зли дела.
Во 1963 година Конрад Лоренц ја објавува книгата „За агресијата“, во оригиналното издание насловена „Das sogenannte Böse. Zur Naturgeschichte der Aggression“. По професија Лоренц бил и етолог. Етологијата е наука што го истражува однесувањето на живиот свет, вклучувајќи го и човекот. За својот придонес во науката, десет години подоцна, Лоренц ја добил Нобеловата награда од областа на медицината/физиологијата. И Лоренц бил заинтересиран за агресијата – за нејзиното потекло, како и нејзината функција. Особено го интересирала агресивноста во видот, сфатен како биолошка категорија. За него значајно прашање не било како да се објасни борбата помеѓу различните видови – зошто, на пример, волкот се однесува агресивно кон јагнето или лавот кон газелата. Тоа е агресија, тоа е борба за опстанок, бидејќи секој од нив има потреба од храна за да може да преживее. Меѓутоа, како да се објасни борбата во видот – помеѓу лавот и другиот лав, помеѓу волкот и другиот волк? Притоа, таа војна може да биде многу посурова отколку борбата помеѓу различните видови. Лавот, на пример, е сосема кроток кон газелата кога е сит. Меѓутоа, сосема е поинаков кон другиот лав, сеедно што е сит. Одговорот Лоренц го нашол во природната селекција. Ако борбата помеѓу видовите го овозможува опстанокот на видот, борбата во видот ја овозможува природната селекција, бидејќи мора да се одмерат силите во видот, за да се утврди кој е најмоќниот за да може го преземе лидерството со стадото, групата, толпата. Значи, вистински противник, вистински ривал на лавот не е газелата, туку другиот лав. Оттука и може да се објасни жестокоста во видот. Човекот, според Лоренц, не е исклучок. И тој е дел од животинскиот свет. Според тоа, и со него владеат истите закони на однесување. Притоа, ако доследно се следи мислата на Лоренц, лесно може да се дојде до заклучокот дека селекцијата не се врши помеѓу, на пример, различните партии, групи или народи, туку внатре, во нив. Конкурент на либералот не му е нелибералот, туку другиот либерал – и обајцата се борат кој да биде партиски лидер. Или, на Сталин ривали не му биле некомунистите, туку комунистите. Комунистот на комунистот му е конкурент, како и либералот на либералот. Затоа и борбата се води внатре во партијата, помеѓу комунистите или либералите. Во работните логори на Сталин најчесто беа испраќани комунистите, а не класниот непријател, кованица специфична за тој период. Истото тоа важи и за Голи Оток. Таму биле испраќани другите, за некого лошите комунисти. Нешто слично е и со граѓанските војни, кои се водат помеѓу припадниците на еден ист народ, на една иста нација-етнос. Тие се многу пожестоки отколку што се меѓуетничките војни.
Импликациите од истражувањата на Конрад Лоренц се навистина застрашувачки, бидејќи од нив следува дека човекот на човекот му е најголемиот непријател/ривал. Како да не важи човек на човека му е волк (homo homini lupus est), туку човек на човека му е човек (homo homini homo est), меѓутоа не како свето, туку како туѓо суштество. Ривалството е помеѓу луѓето, а не помеѓу нив и животните.
Неколку години по објавувањето на книгата „За агресивноста“, Ерих Фром ја објавува својата книга „Анатомија на човековата деструктивност“, во која се спротивставува на многу Лоренцови ставови, сметајќи ги симплифицирачки, донесени според аналогија, еден од најпроблематичните методи во донесување заклучоци, односно ставови. Помеѓу другото, Фром забележува дека Лоренц воопшто не прави разлика помеѓу поимите „агресија“ и „деструкција“, кои колку некому и да му изгледаат слично, или идентично, не се тоа. Агресијата и за Фром е во човековата природа и служи за неговиот биолошки опстанок. Човекот мора да јаде. Значи, да се однесува агресивно. Тој, исто така, ако неговиот живот е доведен во прашање, има право на одбрана, вклучувајќи и убиство на оној што го загрозува. Меѓутоа, како да се објасни непредизвиканата агресија? Која, значи, не е реактивна, која не претставува одговор на нечија туѓа агресија. Мора, смета Фром, нејзиниот корен да се бара во општествените односи во кои живее одредена единка. Болните, нездравите односи создаваат болни, нездрави односи, како што и искривоколчените вредности создаваат искривоколчени луѓе. На забелешката дека околностите ги создаваат луѓето, бидејќи тие односи не се паднати од небото ниту се дело на природен феномен, одговорот може да се најде кај Маркс, кој во овој поглед е дециден. Вистина е дека луѓето го создаваат својот живот, значи и својата историја, меѓутоа не според својата волја, туку според затекнатите односи, односно според околностите во кои се наоѓаат, во кои живеат. Духот на мртвите генерации како мора го притиска мозокот на живите генерации. Оваа Марксова теза, која во значајна мера е Хегелова, ја презема и Фром. Тоа не значи дека луѓето се автомати и дека немаат одговорност, туку дека станува збор за заемен, проникнувачки, дијалектички однос. Луѓето ги создаваат околностите, меѓутоа, кога веќе ги создале, и тие ги создаваат луѓето. Секој едностран одговор, значи одговор што инсистира само на еден фактор, е сличен на прашањето што е прво: кокошката или јајцето?
Неколку реда погоре напишав дека Фром прави разлика помеѓу агресијата и деструкцијата, односно (според неговата терминологија) помеѓу бенигната и малигната агресија. Првата има биолошко оправдување; другата, деструкцијата, не води кон одржување на родот, туку кон негово деструирање/уништување. Може, донекаде, да се разбере убиството на непријателот. Меѓутоа, како да се разбере понижувањето и изживувањето пред да биде убиен, а веќе е онеспособен? Која е природната, биолошка цел на тоа? Лавот, на пример, го победува другиот лав-ривал и со тоа играта е завршена. Понатаму, која е целта да се рушат и спалуваат куќите на освоените територии? Одговорот Фром го наоѓа во заболените, деструктивните човекови нагони и вредности, како резултат на заболените/деструктивните општества и околности.
НАПОМЕНА. Текстот го напишав поттикнат од настаните во Србија, меѓутоа и во светот воопшто, без претензии да се опфатат сите аспекти, ниту да се дадат конечни објаснувања. Ова е само можен пристап кон некои трагично-насилни однесувања/ситуации.