Концерт во „Света Софија“ во Охрид
Македонски традиционални мелодии преработени уметнички како класични дела беа изведени на концертот што се одржа во организација на НУ „Охридско лето“. „Деспина“, „Дафино“, „Налеј, налеј“ „Чифлик“, „Тиквешки марш“ беа дел од композициите што ја воодушевија публиката во катедралната црква „Света Софија“. Концертот е авторски проект на еден од најистакнатите македонски уметници Љупчо Коскаров, кој настапи заедно со канонистот Филип Михајловски, пијанистот и композитор Дарко Мариновски, сопранистката Марина Јаневска, тенорот Илија Белистојаноски, како и со младиот виолинист Иван Трајковски.
– Настапивме со специјална програма. Станува збор за авторски проект подготвуван цели пет години. Минатата година програмата беше изведена премиерно во Истанбулската филхармонија и, еве, дојде денот кога треба и во Охрид да ја отсвириме „Деспина“, една од најубавите композиции од овој крај. Традиционалните македонски мелодии се нотирани и направени уметнички, за секстет, за симфониски оркестар, но и за други камерни ансамбли.Се трудиме да ги афирмираме овие композиции за да не одат во заборав. „Деспина“ како што се пее во Охрид, да се пее и во Париз, и во Истанбул и секаде каде што настапуваме. Тука е и „Тиквешки марш“, кој личи на „Радецки марш“. Сакаме како Македонци да кажеме, еве, и ние имаме таква композиција што со гордост ја претставуваме – изјави уметникот Коскаров.
Самата музика на композициите и концертот беа посветени на таткото на Коскаров, познатиот кларинетист Блажо Коскаров од Кавадарци, кој почина минатата година.
Коскаров појасни дека македонската класична музика е многу силна и, за разлика од порано, сега ја почитува целиот свет.
– Можам да кажам дека во текот на изминатиот период не им се посветуваше толку внимание на овие наши прекрасни композиции од нас, уметниците и композиторите, но ние се потрудивме, иако е многу тешко, да ги направиме во форма на сонати, свити…. да личат на класични дела. Тоа е начинот на кој нашата музика може да ја разбере целиот свет. Партитурите што ги свириме ние, можат да ги свират и во Париз, Минхен, Берлин, насекаде – вели Коскаров.
Програмата, која Коскаров заедно со секстетот ја донесе на концертот во Охрид, деновиве ќе биде изведена во Истанбул и Измир, Република Турција.