Уредите хромбук се популарна опција за училиштата поради нивната релативно ниска цена, а нивната популарност експлодира за време на пандемијата на коронавирусот, бидејќи децата посетуваа настава од дома. Меѓутоа, исто така излегува дека тие создаваат проблем.
Извештајот на американската истражувачка група ПИРГ вели дека многу уреди хромбук купени пред три години веќе се расипани, што резултирало со поголем електронски отпад и трошоци за даночните обврзници. Уредите се користат доста „грубо“ во училиштата, поправањето е клучен проблем поради недостигот од делови и скапите поправки, а пример е фактот што 14 од 29 заменски тастатури за „асер хромбук“ беа недостапни, а 10 од 29 чинат секоја под 90 долари, што е речиси половина од цената на некои модели.
– Овие високи трошоци може да ги принудат училиштата да ги преиспитаат уредите хромбук како стратегија за заштеда на пари – се наведува во извештајот.
Во друг случај, ХП имаше кабли за напојување и АЦ-адаптери за еден модел, но не и други делови.
Уредите имаат и вградени „датуми на траење“, по што завршува поддршката за софтверот.
– Штом лаптопите ќе „истечат“, тие повеќе не добиваат надградби и не можат да пристапат до безбедни веб-страници – се вели во извештајот.
„Гугл“ обезбедува осум години софтверски ажурирања за хромбук, но од датумот на лансирање на пазарот. Имајќи предвид дека училиштата купуваат и модели што беа актуелни пред неколку години, поддршката може да истече за половина од тоа време.
-„Хромбук“ не се направени за да траат. Професионалните техничари за поправка велат дека честопати мора да исфрлат добар хардвер, кој може да трае со години, само поради агресивните датуми на истекување на софтверот – изјави за ПИРГ Елизабет Чембрлен, директорка за одржливост на „ајФиксит“.
Овие рокови на употреба исто така претставуваат проблем за училиштата кога ги продаваат своите уреди. Компјутерите и мекбук имаат повисока цена, но лесно може да се продаваат по неколку години користење и може да се ажурираат подолго.
Удвојувањето на животниот век на уредите хромбук продадени во 2020 година, на околу 31,8 милиони, ќе ги намали емисиите на ЦО2 за 4,6 милиони тони, што е еквивалентно на отстранување на 900.000 автомобили од патот во период од една година. За да се случи тоа, „Гугл“ мора да го укине ограничувањето на периодот за надградба, додека неговите партнери треба да произведат 10 отсто повеќе резервни делови и да ги направат тие делови постандардизирани кај моделите. Исто така на потрошувачите треба да им се дозволи да инсталираат алтернативни оперативни системи, како Линукс.