Споменикот на Солунските атентатори во центарот на Скопје / Фото: Игор Бансколиев

„Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија“ – Јордан Поп Јорданов-Орцето

Повод: 120 години од саможртвата на
македонските гемиџии

Не можејќи да го поднесат страдањето на својот народ од турската тиранија, група млади македонски револуционери, во историјата познати како гемиџии, решаваат да преземат дејства преку кои ќе го актуализираат македонското прашање во Европа. За таа цел решаваат да извршат напади врз објекти на европскиот капитал во Турција, во случајов во Солун, по можност и да всеат колку што може повеќе хаос во градот преку напади врз државни објекти. Гемиџиите сметале дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и дека преку нивните поединечни акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење. Атентатите во Солун првенствено биле насочени против Европејците и европските институции, како закана и казна поради невмешувањето на европските нации во име на христијаните во Македонија.

Идеолошките основи на атентатите

Идеолошки гледано, солунските атентатори се рожба на еден кружок никнат во Бугарија, кој својот конечен лик го добил во Женева. Во 1896 година неколку ученици од пловдивската гимназија формираа тајна група за ослободување на Македонија преку револуција, подготвена внатре, во земјата. Нејзините членови се под влијание на неколку прочитани книги од руското народништво и нихилизмот и на одделни епизоди и херои од Француската револуција. Организатори и раководители на групата се двајцата гимназијалци – Михаил Герџиков, син на директорот на Народната банка во Пловдив, и Петар Манџуков, внук на пловдивскиот митрополит Натанаил. Женевската група испратила неколку свои члена во Македонија. Прв заминал Мерџанов; и посетил еден-два града за да се запознае со месните услови и се сместил во Солун.
Во Солун, Мерџанов наишол на подготвена идејна жртва во лицата на неколку ученици, главно велешанчиња, познати во гимназијата и надвор како неразделни другари, своеглави и непокорни. Тие се: Јордан Поп Јорданов (Орцето), Константин Кирков, Ив. Кирков (Коста), Тодор Богданов, Илија Тричков, Владимир Пингов и др. Тримесечното другарување со Мерџанов во Солун било доволно за да добие велешката група идеолошка боја. Знаењата на младите велешани сега се прошируваат од книгите, кои им ги доставуваат Мерџановци: „Подземна Русија, Поприштето на нихилизмот“ од Степњак, „Анархијата и општеството што умира“ од Шан Грав, „Историски писма“ од Лавров, „Што да се прави“ од Чернишевски и др. Сепак, според начитаноста и интелектот тие остануваат значително под интелектуалното ниво на своите учители од женевскиот кружок. Тие се далеку од разбирањето на анархизмот како филозофска концепција и се заведени главно од неговите терористички методи, пренесени врз почвата на месната борба против турската тиранија. Нивниот идеал се совпаѓа со општиот идеал на сите Македонци – реформи и автономија. Со Револуционерната организација одржуваа врски, но се однесуваа иронично кон нејзините методи на борба и кон вербата на нејзините водачи дека ќе можат да го подготват населението за востание. Сите организациски водачи првенци, со исклучок на Груев, Делчев, Сарафов и уште некои, во очите на гемиџиите се нешто архаично, назадно и еснафско, неспособни за големи подвизи. Гемиџиите ѝ даваат предност на саможртвата на македонската интелигенција по патот на храбри, до сатанизам, терористички акции, главно против европските установи и капитал во Турција. Оваа терористичка доктрина има анархистичка подлога и е донесена од женевскиот кружок на Герџиков – Мерџанов. Нејзините вистински родоначалници се ерменските револуционери, кои не само што ја усовршиле туку ја испробале и ја примениле во Цариград во 1896 година. Во таа фаза на усовршување, од нив ја презел Димитар Љапов, раководител на македонскиот револуционерен комитет во Цариград од 1894-1897 година.
За гемиџиите, Христо Силјанов ја дава следнава констатација: „Навистина има голема доза на наивност и несвесна противречност во верувањето кое ги насочуваше бомбите на гемиџиите главно против Европејците. Очекуваа слобода од интервенцијата на Европа, знаеја значи дека револуционерна Македонија нема сила сама да се пресмета со турската империја, па, сепак, веруваа дека европската интервенција ќе се предизвика побрзо и полесно преку теророт против истите Европејци – преку борба што по својата суштина буди кај Европеецот непобедлива одвратност и која, таксана како анархистичка, овозможува најпакосна експлоатација против македонските борци од страна на непријателите“.
Но, ако терористичката доктрина подлежи на критика, солунските динамитчии се најмалку одговорни. Таа се создаде порано и се прифати од револуционери со високи раководители и одговорни позиции во организацијата. Нејзин приврзаник беше и Гоце Делчев.

Саможртвата на македонските идеалисти

Во пролетта 1902 година гемиџиите успеале да обезбедат 300 кг динамит и го довршиле каналот до Отоманската банка во Солун. Иако тие планирале што побрзо да ги извршат нападите, Даме Груев им сугерирал да почекаат и да ја синхронизираат нивната акција со претстојното востание. За разлика од Груев, Борис Сарафов им дал морална и материјална поддршка на гемиџиите.
Групата решава атентатите да започнат на 28 април 1903 година. Планот составен на последното советување одржано надвор од градот бил следен: да се потопи францускиот брод, да се минира пругата во близината на солунската станица, да се запали резервоарот за газија од кој се осветлувал градот; да се дигне во воздух Отоманската банка, да биде запален „Бошнак-ан“ и да почнат улични борби со бомби и револвери. Прекинувањето на осветлението и фрлањето на градот во темнина требало да биде знак за почетокот на акцијата.
Секој точно знаел каква била неговата задача во определеното време за акција. Во врска со прашањето дали атентаторите треба да загинат при акциите дошло до различни мислења. Поп Јорданов, Кирков и Мечев го застапуваат ставот дека атентаторите треба да го положат својот живот, додека Шатев, Арсов и Бошнаков не се согласуваат со тоа. На крајот е одлучено секој сам да си го направи изборот.
На 28 април околу пладне во близината на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција излегла двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул – Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај. На 29 април вечерта, околу 20 часот, Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница и без вода. Во целиот град владее паника, хаос и страв.
Десетина минути по исклучувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби, по што Јордан Поп Јорданов-Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката. Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов фрла бомба во летниот театар „Алхамбра“, Илија Трчков фрла две бомби на главната улица, Димитар Мечев фрла две бомби пред хотелот „Египет“, Константин Кирков фрла бомба пред „Гранд хотел“, а Георги Богданов пред кафеаната „Ноја“. Владимир Пингов предизвикува пожар кај „Бошњак-ан“, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.
По овие акции, Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и оттаму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби се самоубиле за да не бидат фатени од турските власти. На 30 април, во борба со турската војска и полиција загинува и Jордан Поп Jорданов. На 1 мај се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенска станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми-паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба.
Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време. Нивниот план бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани. Билансот на атентатите бил следен: директно од динамитот на гемиџиите настрадале „Гвадалкивир“, „Банк Отоман“, гасоводните цевки, „Гранд хотел Солун“, кафеаните „Алхамбра“ и „Ноја“ и „Бошнак-ан“. Биле урнати Германскиот клуб, кафеаната „Египет“ и неколку други локали.
Во борбите со османлиската војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија). Д.Ст.


Потекло на името „Гемиџии“

Постојат повеќе верзии за тоа како кружокот го добил името „Гемиџии“. Една од нив е дека гемиџиите го добиле ова име затоа што сакале на симболичен начин да кажат дека тие биле луѓе што веќе се простиле од животот и го пуштиле својот чун (гемија) во бурното море, со што или ќе успеат да го извадат на брегот или ќе го разбијат од карпите, односно нема да успеат. Друга претпоставка е алегоријата „гемии на суво“, со што тие сакале да ја искажат положбата на својата земја.


Јордан Поп Јорданов-Орцето

Роден е во Велес, како помлад брат на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов. Се школува во родниот град и во Солунската бугарска машка гимназија. Како шестокласник го прекинува образованието и заминува во Софија, од каде што се префрла во Солун. Тој е еден од поистакнатите членови на гемиџиите, а подоцна и негов водач. Претходно среќавајќи се со Слави Мерџанов во Цариград (1899), ја прифаќа неговата идеја за минирање на Отоманската банка во Солун и настојува да ја реализира. На 29 април 1903 тој ќе го активира динамитот во прокопаниот тунел и ќе ја крене во воздух Отоманската банка. Потоа фрла бомби пред хотелот „Салоник“. Загинува херојски на 30 април 1903, во куќата во која живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници што го држеле под опсада.
Орцето бил голем идеалист. Тој и со својата смрт сакал да биде корисен за револуционерното дело и својата татковина Македонија. Непосредно пред Солунските атентати се осигурил во друштвото Њујорк на 10.000 франци, и тоа на името Симеон Радев. Орцето го замолил Симеон Радев осигурените 10.000 франци по неговата смрт да му ги предаде на Борис Сарафов затоа што тој им дал 10.000 франци на гемиџиите и ги помагал на разни начини. Во писмото до Радев, тој истакнал: „Пред неколку месеци се осигурив на 10.000 франци, која сума по мојата смрт ќе ти биде исплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија.“


Гемиџиите биле група со крајно индивидуалистички убедувања

Групата била самостојно основана и дејствувала независно од Внатрешната организација. Основното јадро на групата се состоело претежно од младинци од Велес, ученици во Солунската гимназија. Групата била основана во 1899 година од Јордан Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Илија Трчков, Владимир Пингов и др. Подоцна кон нив се приклучиле Павел Шатев и Марко Бошнаков. Гемиџиите се стремеле да извршат редица атентати врз железничките линии, турските достоинственици и европските банкарски институции. Преку овие терористички акции се надевале да предизвикаат интервенција на големите европски сили и автономија за Македонија.
Во 1899 година била одржана средба помеѓу Слави Мерџанов, Јордан Поп Јорданов и Константин Кирков, на која бил изработен план за дејствување, односно извршување редица атентати во големите градови во европска Турција. Поткрепени финансиски од Сарафов, групата Мерџанов, Соколов, Манџуков и Шатев започнале со прокопување канала под Отоман банката во Цариград, а гемиџиите под раководство на Орце започнале со прокопување канал во Солун. Поради недостиг од финансиски средства, двете групи ја прекратиле својата дејност. Орце заминал за Женева и Париз. Остварил средба со Сарафов, кој целосно ја прифатил тезата на гемиџиите и обезбедил финансиски средства. Во почетокот на 1902 година, Орце ја напуштил Женева и преку Софија пристигнал во Солун.