Фото: Игор Бансколиев

Црвено-жолтите денеска гостуваат кај Луксембург и со победа ќе останат во трка за пласман на осмото европско првенство. Досега место на ЕП 2024 обезбедија Германија (како домаќин), Шведска, Шпанија, Данска (првопласирани на ЕП 2022), Австрија, Франција, Унгарија, Португалија и Словенија (по четири кола од квалификациите)

Македонската ракометна репрезентација денеска (20.15 часот) гостува кај Луксембург, во меч од петтото коло во групата 1 од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија. Со победа, Македонија ќе остане во трка за пласман на континенталното првенство. Во првиот меѓусебен дуел во овој циклус квалификации Македонија дома го победи Луксембург со 38-24. Во вториот меч од ова коло Турција ја пречекува водечката во групата Португалија.
Македонија досега има седум настапи на европските шампионати и осум на светските првенства (СП), од тоа 12 во низа на двете натпреварувања заедно, од 2012 година без ниту една година пауза. Во последното, шесто, коло од овие квалификации Македонија игра со Турција, в недела, во Скопје.
Од осумте квалификациски групи, на ЕП 2024 ќе се пласираат првите две селекции од секоја група, како и четирите најдобри меѓу третопласираните. Директен пласман обезбеди домаќинот Германија, како и Шведска, Шпанија и Данска, првите три репрезентации од минатото ЕП, во 2022 година.
По четири кола од квалификациите, пласманот на 16-то континентално ракометно првенство го обезбедија и селекциите на Австрија, Франција, Унгарија, Португалија и на Словенија. Сите тие девет репрезентации играа и на претходните две европски првенства. На ЕП 2024 треба да настапат 24 репрезентации. Н.М.


ГРУПА 1

Турција – Португалија 17 ч.
Луксембург – Македонија 20.15 ч.

ТАБЕЛА
Португалија 4 4 0 0 8
Македонија 4 2 0 2 4
Турција 4 2 0 2 4
Луксембург 4 0 0 4 0