Две балерини од интернационалното училиште „Буллфрогс балет“ од Скопје третонаградени во Виена
Овој настан за нас беше многу поучно и богато искуство, кое ни донесе награда, нова мотивација и можност да го оцениме успехот, не само на учесничките туку и успехот на „Буллфрогс“ како училиште. Исто така имавме можност да се сретнеме со други уметници, педагози и учесници на натпреварот, кои ги запознавме за време на тие неколку дена поминати во Виена, вели Александра Никифоровски, педагог и уметничка директорка на „Буллфрогс балет“
Млади балерини од интернационалното училиште за балет „Буллфрогс балет“ од Скопје неодамна освоија трето место на Европското балетско гран при, кое се одржа во Виена, Австрија. Под менторство на уметничката директорка на училиштето, Александра Никифоровски, ученичките Елена Василевска (12) и Виола Имери (13 години) настапија со дуетот „Пицикато“ и ја освоија наградата трети лауреат во категоријата класичен балет за тинејџери (teens professional). Василевска и Имери се повеќегодишни ученички во „Буллфрогс балет“ и вежбаат со педагозите Александра Никифоровски и Ева Џингова. Европското балетско гран при е реномиран меѓународен балетски натпревар што се одржува секоја година во Виена, на кој учествуваат млади балетски уметници од земји од целиот свет.
„Буллфрогс балет“ е интернационално училиште, основано во 2009-та и веќе 13 години успешно спроведува балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, од основно и од средно образование. Низ годините има продуцирано девет балети и над 25 одиграни претстави, има снимено еден документарен филм и одржано пет театарски претстави, 16 летни балетски школи, како и повеќе од 20 работилници, мастеркласови и едукативни предавања
Поучно и богато искуство
– Настапот со кој Елена и Виола го претставија нашето училиштето, како и нашата држава, беше многу достоинствен приказ на квалитет, посветеност, континуитет и упорност. Синхронизацијата и усогласеноста во чекорите, како и одличната техничка подготвеност беа клучните атрибути со кои девојките заслужено ја добија оваа награда. Можноста да бидеме дел од настан како овој европски меѓународен натпревар со високо реноме, за нас е огромен успех и многу голема мотивација за идни уште повисоки достигнувања. Исто така, овој настан за нас беше многу поучно и богато искуство, кое ни донесе награда, нова мотивација и можност да го оцениме успехот, не само на учесничките туку и на „Буллфрогс“. Имавме и можност да се сретнеме и со многубројни уметници, педагози и други учесници што ги запознавме во тие неколку дена поминати во Виена. Многу се гордееме и се радуваме на секој успех на нашите ученици, бидејќи тоа за нас педагозите претставува огромен поттик за натамошната работа. Оваа награда е афирмација дека целиме кон добар и успешен пат со високи стандарди и очекувања – вели Александра Никифоровски.
Таа информира дека дуетот со кој се претставија, „Пицикато“, е добро познато балетско дело што често се изведува како дивертисман, краток танц во рамките на поголемите балетски продукции. Традиционално оваа точка ја изведуваат двајца танчари, еден маж и една жена. Но многу светски балетски компании, во согласност со контекстот и визијата, со цел да постават разноликост на сцената го прикажуваат овој танц изведен од две балерини. Се карактеризира со разиграна, жива музика и брза сложена работа со долните екстремитети. Танцот е именуван по музичката техника пицикато. Таа се користи и во музиката за дуетот, давајќи му лесен, стакато-квалитет што ја дополнува брзата изведба на танчарите.
– Генерално, импресиите и искуството од настапот на ова првенство се многу силни, а од целокупното искуство можеме да издвоиме дека „Буллфрогс“ поседува многу квалитетен педагошки кадар, одлично подготвени ученици, кои ги владееја кореографиите и сè повеќе од подготвени да исполнуваат многу комплексни задачи во однос на балетските вежби и танцот. Поуката со која се вративме и на која започнуваме да работиме е подигнување на самодовербата кај нашите ученици – ни рече Александра Никифоровски.
Два месеца интензивна подготовка
Европското балетско гран при е високорангиран балетски натпревар, кој годинава се одржа по шести пат. Професионалноста и квалитетот на учесниците, како и големите балетски уметници како членови на жири, се одлики со кои се препознава и карактеризира овој натпревар.
– Натпреварот е високорангиран бидејќи е поделен на професионална и рекреативна програма, која применува различен пристап во оценувањето на изведбите и, секако, дипломата/наградата има различна вредност. Нас ни беше голема чест да бидеме оценувани од таков профил на комисија, а наедно да бидеме и наградени од истата таа. Она што посебно ни се допаѓа е фактот дека наградите не се доделуваат по секоја цена и не значи дека во една категорија е задолжително да се додели награда. Сѐ е во зависност од освоените поени, преку оптичко оценување. На пример, во категоријата во која настапија Елена и Виола само тие две беа единствените што беа наградени. Прва и втора награда воопшто не беше доделена – нѐ информира Никифоровски.
Таа дополни дека одлуката да се учествува на овој натпревар е донесена многу лесно, бидејќи училиштето го посетуваат талентирани и надежни балерини.
– Подготовките започнаа постепено во однос на усовршување на балетската техника, која подоцна придонесе полесно да се усовршат танцовите точки со кои девојките се претставија. Интензивната подготовка, која вклучуваше вежбање минимум пет часа во денот, започна од средината на декември. Во целост имавме речиси два месеца поинтензивна подготовка – вели Александра.
Силна конкуренцијата Конкуренцијата на натпреварот била голема, но и една од клучните причини зошто го одбрале токму овој натпревар.
– Промислено ја донесовме таа одлука, бидејќи само на тој начин може да ги согледаме нашиот успех, начин на работа и квалитетот што го прикажуваме. Имавме можност да присуствуваме на мастерчасови, кои беа водени од педагозите што наедно беа дел од стручното жири. Тие часови беа одлична можност да ја споредиме нашата работа со работата на другите педагози. Споредбата се одвиваше преку анализирање на дефиницијата на телата на другите учесници, техничката подготвеност во однос на балетските движења, како и пристапот што другите ученици го применуваа во изведувањето на движењата, специфични за нивната возраст. Од целокупниот впечаток сумиравме дека анатомски одлично ни се поставени учениците, на што ние преку нашата програма целиме повеќе од шест години. Нашата програма се заснова на класичен балет со анатомија на балет и тоа се првите главни предмети што ги изучуваат нашите ученици, а тоа го правиме затоа што, пред сè, сакаме да изградиме физички здрави ученици – посочува Александра.
„Буллфрогс балет“ е интернационално училиште, основано во 2009-та и веќе 13 години успешно спроведува балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, од основно и од средно образование. Низ годините има продуцирано девет балети и над 25 одиграни претстави, има снимено еден документарен филм и одржано пет театарски претстави, 16 летни балетски школи, како и повеќе од 20 работилници, мастеркласови и едукативни предавања.