Деновиве во трпезаријата од црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево беше спроведена хуманитарна акција во која зедоа учество голем број жители на Кичево и компании од градот. Беа собрани поголеми количества прехранбени артикли како и средства за лична хигиена кои пред најголемиот христијански празник Велигден им беа доделени на 40 социјално загрозени семејства на кои преку ноќ им го разубавија големит празник.
-Трета година по ред во соработка со црковниот храм „Свети Петар и Павле“ од Кичево организираме хуманитарна акција во која учествуваат поголем број жители на градот и локални успешни компании. Беа собрани поголеми количества на прехранбени продукти како брашно, шеќер, зејтин, јајца, сокови и средства за лична и хигиена во домот. По однапред подготвени списоци на ранливи категории граѓани хуманитарната помош беше поделена на 40 семејства од градот и едно од Македонски Брод, на кои за час им ги разубавивме деновите пред и најголемиот христијански празник Велигден – рече Билјана Дејаноска организатор на оваа акција.
Таа им се заблагодари на сите хумани граѓани и компании што се вклучија во оваа хуманитарна акција и изрази посебна благодарност кон младите Дарија и Леонид кои на своја иницијатива се вклучија во оваа хуманитарна акција за што им беше доделена благодарница за посебен придонес. З.А.