Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека ставот на Владата во однос на уставните измени останува непроменет. Тој изрази надеж дека дијалогот со Бугарија ќе даде резултат и ќе овозможи почеток на преговорите со Европската Унија, пренесе МИА.

Мицкоски оцени дека уставните измени претставуваат политички услов за земјата, покрај суштинските реформи што треба да се спроведат на европскиот пат. Според него, оваа ситуација е последица на политиките на претходната влада предводена од СДСМ и Демократската унија за интеграција.

-Што се однесува до уставните измени, нашиот став како Влада е јасен и тој е непроменет. За жал, поради експозициите и антидржавната политика на претходната влада на СДСМ и Демократската унија за интеграција, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени, иако многупати во тоа време предупредувавме, бевме опозиција, предупредувавме да не влегуваат во такви авантури – рече Мицкоски.

Тој посочи дека Владата продолжува да го води дијалогот со источниот сосед, изразувајќи надеж дека тој ќе резултира со напредок.

-Се надевам дека тој дијалог на крајот ќе вроди со плод и ќе можеме да зборуваме за процес што, конечно, 21 година по стекнувањето кандидатски статус и 26 години по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, ќе можеме да почнеме со процесот на преговори – истакна премиерот, кој денеска присуствуваше на настан во Пирава.

Очекува уште подобар извештај за реформите следната година

Во врска со извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата, Мицкоски се осврна на вчерашната изјава на евроамбасадорот Михалис Рокас, кој потврди дека годинава е забележан значителен напредок во реформите.

Премиерот нагласи дека извештајниот период завршува на 31 август и не ги опфаќа реформите реализирани по тој датум, вклучително и оние во областа на борбата против корупцијата и владеењето на правото.

-Амбасадорот вчера на прес-конференцијата рече дека во суштина, во споредба со минатогодишниот извештај, имаме значителен напредок оваа година. Но, важно е да се каже дека извештајниот период не ги опфаќа оние реформи што веќе се направени во меѓувреме и ќе се направат до крајот на годината, особено кога станува збор за борбата со корупција и владеењето на правото бидејќи извештајниот период завршува до 31 август – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата спровела бројни реформи во рамки на реформската агенда и очекува следната година извештајот да биде уште попозитивен.

-Така што, очекувам в година да имаме уште посилен извештај, со што ќе се потврдат напорите и амбициите на оваа Влада да биде реформска влада – порача премиерот.