Минатата недела, на 2 април, демократијата и граѓанството извојуваа една мала, но значајна победа против геополитиката на Балканот. Во Црна Гора вечниот лидер Мило Ѓукановиќ убедливо беше поразен во вториот круг од претседателските избори од младиот и досега непознат Јаков Милатовиќ. Ниту еден од балканските проследувачи на состојбите не веруваше дека таков резултат е воопшто возможен, а многумина и уште не веруваат дека во мај ќе се случи самата инаугурација на Милатовиќ и конечната детронизација на Ѓукановиќ.
Зошто толку гласно одекна оваа вест од најмалата балканска држава? Мило Ѓукановиќ на Балканот беше симбол за идеолошката флексибилност на посткомунистичките елити. Тој успеа да се преобрази себеси од југословенски младинец, преку антибирократски поддржувач на Милошевиќ, јуришник кон Дубровник во име на големосрпството, потоа во реформски лидер, па во борец за независна Црна Гора, за на крајот да пристигне до „бранител на атлантизмот и на европската идеја“ против „назадните сили на минатото“. Имајќи ја предвид актуелната балканска, европска и глобална архитектура, за жал, токму на последната точка тој беше еден од лидерите на Балканот што имаа поддршка од земјите на Европската Унија и на НАТО, дури и наспроти јасно изразената демократска волја на граѓаните.
За несреќа, Мило Ѓукановиќ не беше првиот лидер на некоја од балканските земји што владеел благодарение на геополитиката, наместо врз основа на демократски изразената волја на народот. Дури се случувало и балканските лидери неколкупати да го одат патот од демократски избрани лидери кон геополитички вазали и обратно. Меѓутоа, си постои една закономерност во балканската политика, а тоа е дека геополитичките интервенции никогаш не завршуваат добро ни за спонзорите на превратот ни за вазалите, а најмалку за граѓаните на земјите од Западниот Балкан.
Демократизацијата си има своја врвица што не признава странски интервенции, забрзувања или скратени патчиња. Едноставно, кога ќе се стави една земја на патеката на демократизацијата треба докрај да се изоди тој пат, но внатре, во самото општество. Секој груб прекин на демократизацијата значи дека при следниот обид не се започнува од точката каде што се случило излегувањето од врвицата на демократизацијата, туку се отпочнува од почеток, а често дури и се почнува и од далеку полоша состојба и почетна позиција. Не постои демократизација со декрет, а посебно не постои демократизација со туѓински декрет.
Тука на Балканот западните интервенции, воени и цивилни, имаа некој логика и можеше да им се најде оправданост во моментите кога беснееја тукашните етнички војни и крвави судири. Во моментите кога Европа се обединуваше и кога земјите зад некогашната железна завеса го одеа својот демократизирачки пат, Југославија потоа во хаос и безредие. Едноставно немаше место за етнички главатари во 1990-тите години насред Европа, а посебно апсурден беше подемот на етничкиот национализам во најмултикултурната земја во овој дел од светот, Југославија. Во историјата нема „што би било, кога би било“, но јасно е дека крвавите балкански војни избувнаа и продолжија, меѓу другото, и поради промената на администрацијата во Вашингтон, кога искусниот и тестиран надворешнополитички тим на Џорџ Буш Постариот беше заменет со екипата на Бил Клинтон, која долго време беше слепа и незаинтересирана за Балканот. Исто така, и Европа тогаш се занимаваше со своето економско и политичко обединување, како и со последиците од колапсот на Варшавскиот пакт и на Советскиот Сојуз, па сите подзаборавија на југословенските простори.
Американските воени интервенции од 1990-тите, како и подоцнежните американско-европски цивилни мисии за стабилизација и за утврдување на мирот ставија точка на воените судири на Балканот. Не само тоа, туку и Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, со седиште во Хаг, имаше цел да ги криминализира војната и воените дејства како средства на политиката на Балканот. Дотука беа јасни западните интервенции на Балканот.
Меѓутоа, потоа некако се изгуби правецот и се измешаа целите, па се случуваше во регионот да бидат поддржувани лидери што испраќаа сигнали дека беспоговорно ќе ги слушаат сите насоки од Вашингтон и од Брисел, независно од волјата на сопствените граѓани, во замена за „слобода“ да прават што сакаат во сопствените земји. Некои ова погрешно го нарекоа „стабилократија“, но всушност стануваше збор за најсоголен вазалски однос.
Јасната поддршка за западните дипломатии кон овие лидери што глумеа некаква прозападна ориентација, всушност, доведе до влошување на угледот на САД, Европската Унија и на Велика Британија во сите земји низ регионот. Огромен дел за ова рушење на рејтингот на западните партнери играше и вечниот лет во место на земјите од Западен Балкан во нивната европска интеграција.
Овие вазали играа едноставна игра – го делеа сопствениот народ, измислуваа туѓинско влијание и се утврдуваа себеси како гласни корифеи и спасоносци за западните вредности, демократијата и граѓанството на Западен Балкан. Реалноста, пак, во самите земји беше и останува многу сурова – вазалите беа недемократи, ги рушеа сите принципи на владеењето на правото, демократијата, граѓанството, борбата против корупцијата и мултикултурализмот. Цели етнички групи, религиозни заедници и политички движења беа целосно изопштени од политиката и од пристапот кон државните услуги само затоа што некој ги боеше со најцрни бои, а на Западот имаше такви ликови што ги купуваа овие измислици.
Во нам пријателска и братска Црна Гора во неделата беше ставена точка на тие поделби и се одлучи да се тргне повторно на демократизирачката патека. Кај нас, во Македонија, нашата несовршена демократизација беше прекината во 2017 година со востоличувањето на Зоран Заев во премиерската функција. Оттогаш тој и неговите пулени владеат со истиот рецепт – етнички поделби, оцрнување на опозицијата и измислување непостојно антизападно влијание. Црногорците ставија точка на неправдата на демократски избори и одбија да влезат во измислените агенди на туѓинските вазали. Нам во Македонија ни останува да си ја чекаме шансата на следните избори, а се надевам дека ќе имаме доволно мудрост да ги отфрлиме поделбите во кои нѐ туркаат вазалите, како и да ги исмееме сите нивни обиди да нè бојат со црнила. Време е Македонија повторно да започне да го оди својот пат на врвицата на демократизацијата!
Ивица Боцевски