Виктор Карамарков и секирата со која ги убивал своите жртви

Македонскиот Расколников е прекарот што му беше доделен на Виктор Карамарков, роден во 1981 година. Тој ја стекна „црната популарност“ во 2009 година, кога уби четири постари жени во Скопје, во периодот од март до октомври истата година. Ги убивал жртвите гледајќи ги во очи, додека со десната рака ги удирал во десната страна на главата. Откако жените во безсознание ќе паднеле пред неговите нозе, ги кинел златните синџирчиња од нивите вратови и ги земал златните белегзии и прстени. Пред да го напушти местото на злосторството со клуч ја заклучувал влезната врата од домовите на жртвите. Откако ладнокрвно ги убивал, барал прошка од Бога, посетувајќи ја црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров

МАКЕДОНСКИОТ СЕРИСКИ УБИЕЦ ВИКТОР КАРАМАРКОВ

Науката вели дека сериските убијци се осамени луѓе што не бараат друштво, а мотив им е вниманието што им го даваат медиумите.
Кога ќе се спомене терминот сериски убиец, првата реакција е дека кај нас, на Балканот, нема такви луѓе. Токму тоа е и заблудата. Изненадува фактот дека токму тука, на Балканот, има голем број случаи на сериски убијци што немилосрдно убивале, без трошка милост, страв и сочувство. Некои од нив дури оставиле голем белег во светски рамки, а се дел од криминалната историја на земјите од кои потекнуваат и каде што ги убивале своите жртви. За жал, и Македонија има свои сериски убијци. Едниот од нив е Виктор Карамарков, а другиот Владо Таневски.

ПО секое УБИСТВО, ВО ЦРКВА ПО ПРОШКА

Македонскиот Расколников е прекарот што му беше доделен на Виктор Карамарков, роден во 1981 година. Тој ја стекна популарноста во 2009 година, кога уби четири постари жени во Скопје, во периодот од март до октомври истата година.
Роден е во скопската населба Ѓорче Петров, тој имал тешко детство, растејќи со психички нестабилна мајка, додека, пак, неговиот татко починал кога тој бил мал. Една од главните карактеристики што го издвојуваа беше осаменоста, но според соседите, тој бил високоинтелигентен човек, кој образованието го завршил со високи оцени. Бил првенец на генерација во ГУЦ (Градежниот училиштен центар „Здравко Цветковски“ во Скопје). Ја сакал руската литература, а особено бил импресиониран од делото на Достоевски, „Злосторство и казна“. Читајќи го ова дело, тој се идентификувал со главниот лик Расколников. Оттука и го добива прекарот.
Тој ѝ бил познат на полицијата поради многу кражби, три обиди за убиства, но бил и уживател на дрога.
Како и главниот лик во делото на Достоевски, Виктор целел кон стари, ранливи и немоќни жени, кои сакал да ги убие.
Убиствата не биле планирани и убивал без шема, а кога ги наоѓал стариците, им ѕвонел на вратите и им барал пари, тврдејќи дека собира средства за лекување на неговата болна мајка. Откако ќе влезел во нивните домови, тој вадел секира што ја чувал замотана во весник и лента, по што ги убивал жртвите.
Гледајќи ги во очи со десната рака ги удирал во десната страна на главата. Откако жените во безсознание ќе паднеле пред неговите нозе, ги кинел златните синџирчиња од нивите вратови и ги земал златните белегзии и прстени. Пред да го напушти местото на злосторството, со клуч ја заклучувал влезната врата од домовите на жртвите.
Откако ладнокрвно ги убивал, барал прошка од Бога, посетувајќи ја црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.

ЧЕТИРИ ЖРТВИ И НЕКОЛКУ НЕУСПЕШНИ ОБИДИ ЗА УБИСТВО

Прва беше убиена 83-годишната Љубица Христовска. Таа почина во својот дом во Бутел, како последица на повреда на главата.
Според првичната истрага, полицијата се сомневала дека сторител на свирепото убиство е некој близок на старицата, најверојатно член на нејзиното семејство, бидејќи немало никакви траги на насилство, ниту пак на кражба. Дополнително, истрагата ја отежнувал фактот што влезната врата на Христовска била заклучена однатре.
Второто убиство, Виктор го извршил врз 71-годишната Босилка Красојевиќ, во октомври. Овој пат, жртвата била убиена во својот дом на улицата Октомвриска револуција. Тука веќе се отвора првиот сомнеж, бидејќи убиството било идентично како и кај Христовска, а Босилка починала како последица на повредите на главата.
Третата жртва на Виктор, убиена истиот ден како и Красојевиќ, е 76-годишната Вера Богоевска. Нападот бил речиси целосно идентичен со нападите на претходните две жртви. Вера била нападната и убиена во својот дом на улицата Фрањо Клуз. И оваа жена починала како последица на нанесените повреди.
Во меѓувреме, тој имал и неколку неуспешни обиди за убиства. Тој во лифт во скопски Капиштец ја нападнал 79-годишната Марија Атанасовска, при што ѝ нанел повреди на главата. Имал намера да ја остави да искрвави до смрт, но бил затекнат од зетот на старицата, кој ја чекал на излезот.
Следен обид за убиство реализирал врз 73-годишната Смиља Петровска, исто така во октомври. Таа успеала да го избрка од нејзиниот дом. Истиот ден тој ја нападнал и 42-годишната Сание Сулејмани.
Последната жртва на Виктор е 69-годишната Елена Милева, убиена неколку дена по втората и третата жртва. И оваа жена беше нападната во својот дом во Бутел, на улицата Хо Ши Мин.
Кратко време по ова убиство, тој беше уапсен од полицијата поради кражба.

СВЕДОШТВАТА НА НАПАДНАТИТЕ СО НАЈГОЛЕМА ТЕЖИНА ЗА ЗАТВОРСКАТА ПРЕСУДА

Како што се составуваше сложувалката, полицијата откри дека станува збор за сериски убиец, чии жртви се постари жени на кои им нанесува повреди на главата. Од сите жртви тој украл златен накит.
Од нападнатите жени, кои, за среќа, преживеале, полицијата дознава дека станува збор за млад човек, на возраст до 30 години, кој оди од врата на врата со книга во рацете, барајќи помош за својата мајка.
На крајот на октомври, полицијата го фати како главен осомничен за кражба, но жртвите и оние што го виделе посведочиле дека токму тој е напаѓачот. При претресот на неговиот дом, полицијата ја пронајде секирата со која Виктор ладнокрвно ги убиваше своите жртви.
За да го расветли случајот, полицијата објави негова фотографија во медиумите, по што голем број жени пријавија дека тој им доаѓал на врата.
Карамарков, како што информираше тогаш полицијата, убивал од користољубие, со секира и без претходен план и шема за убиствата. Како што изјавил, губел контрола кога на стариците, од кои барал пари за лекување на својата болна мајка, ќе го видел златниот накит што го носеле.
Заработи доживотна затворска казна, а беше сместен и чуван во Идризово под посебни околности, бидејќи беше склон кон самоубиство. Пред да биде уапсен, се обидел да се убие со поголемо количество таблети.