Демократската партија е на пат да освои мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, додека републиканците успеаја да ја задржат контролата врз Сенатот, покажуваат нецелосните резултати од вчерашните конгресни избори во САД.
Според резултатите од избраните 411 од вкупно 435 членови на Претставничкиот дом, демократите освоија 222 конгресмени, а републиканците 199.
Во Сенатот, пак, демократите освоија 45 места, наспроти републиканците кои веќе освоија 51 место, колку што е неопходно за сенатско мнозинство.
„Ви благодарам, утре ќе биде нов ден во Америка“, изјави лидерката на Демократската партија Ненси Пелоси на собирот во Вашингтон.
Меѓу сенаторите што ги задржаа своите места се независниот кандидат од таборот на демократите Берни Сандерс во Вермонт, демократотскиот потпретседателски кандидат на изборите во 2016 година Тим Кејн во Вирџинија, како и републиканецот Тед Круз во Тексас.
Во својата прва оценка на изборните резултати, американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека тие претставуваат „огромен успех“.
– Огромен успех оваа вечер. Ви благодарам на сите, напиша Трамп на Твитер, кој во текот на кампањата активно агитираше во прилот на републиканските кандидат, во обид републиканците да ја задржат контролата барем над еден од двата дома на Конгресот.
Што се однесува пак до изборите за гуверенерите на 36 од 50-те американски сојузни држави, републиканците успеаја да освојат 20 места, вклучително и оние во Флорида и Охајо, кои важеа за едни од најнеизвесните изборни трки. Покрај во овие две држави републиканските кандидати за гувернери победија и во Алјаска, Вермонт, Мериленд, Масачусетс и Тексас.
Демократите пак успеаја да победат на изборите за гувернер во 13 држави, меѓу кои и во Њујорк, Калифорнија, Пенсилванија, Колорадо, Мичиген, Канзас, Илиноис, Ново Мексико и Орегон.
Неизвесна битка се води во Џорџија, каде засега републикнецот Брајн Кемп има мала предност пред демократката Стејси Абрамс. Абрамс е првата Афроамериканка кој има шанси да стане гувернер на Џорџија.
Изборите беа одбележани со голема излезеност и долги редови пред гласачките места, но и со дефекти на гласачките машини во Џорџија.
Американските медиуми наведуваат дека на изборите забележителни резултати остварија претставниците на малцинствата.
Така, во трката за гувернер на Колорадо победи демократот Џаред Полис, кој е јавно деклариран хомосексуалец, а неговата сопартијка Шарис Дејвидс стана првата Индијанка избрана за член на Конгресот од Канзас.
Во Претставничкиот дом првпат се избрани и две муслиманки. Станува збор за Илхан Омар и Рашида Тлаиб, кои победија во своите изборни единици во Минесота, односно Мичиген.
Дваест и деветгодишната демократката Александрија Оказаио-Кортез со победата во изборната единици во Њујорк стана најмладата жена членка на Претставничкиот дом во историјата на САД.