За претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и претседател на Извршниот одбор на СЗПМ повторно е избрана досегашната претседателка Станка Трајкова
На седницата на собранието на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија едногласно, со акламација, повторно за претседател на Сојузот и на Извршниот одбор беше избрана Станка Трајкова.
Станка Трајкова е дипломирана правничка, со големо искуство од пензионерската проблематика, стекнато за време на нејзиниот работен век во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, каде што извршувала повеќе одговорни задачи и функции на повеќе нивоа, сѐ до помошничка на генералниот директор на Фондот.
По пензионирањето, Трајкова веднаш се приклучува во пензионерското организирање, најпрво како секретарка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, каде што се користат нејзиното знаење и богато искуство како експертка во проблематиката. Нејзиниот придонес е значаен во стекнувањето на правата на пензионерите преку Законот за ПИОМ, бидејќи за време на својот работен век работела меѓу другото и на реформите на пензискиот систем во Македонија, а учествувала и во подготовката, измените и доградувањата на овој закон, како и во други важни акти од овој домен.
Нејзината стручност и компетентност се препознаени и Трајкова е избрана за прв претседател жена на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, по 73 години, за мандатниот период 2019-2023 година.
Активноста на Трајкова како претседател на Сојузот е обележена со голема ангажираност, трудољубивост и инвентивност. Резултат на тоа се голем број проекти и иницијативи од интерес на пензионерската популација во нашата земја, од подобрување на животниот стандард до зголемување на правата на пензионерите, како и грижата за посодржајни и исполнети пензионерски денови и нивно активно стареење. Детално сите овие набројани резултати се објавени во весникот „Пензионер плус“, во весникот „Коха“, во билтените и други форми на информирање, што се негува во континуитет во Сојузот, а на што Трајкова за време на својот мандат му посветуваше особено внимание.
Во периодот на пандемијата, како ретко каде, пензионерите во Сојузот беа сплотени, информирани и хуманитарно поддржани, се разбира со заеднички напори и на државата во границите на можностите, а благодарение и на заедничката соработка на сите институции и организации со кои Трајкова имаше одлична плодна соработка. Така беше и за време на кризите што се појавија во нашата земја како резултат на глобалните движења во светот, прeдлагајќи антикризни мерки до Владата. Изборот Станка Трајкова да биде претседател во наредниот четиригодишен мандат ќе донесе повеќе бенефиции за Сојузот, од социјална сигурност на пензионерите до континуитет на традиционалните и започнати активности преку донесување закон за пензионерско организирање. Сето ова ќе биде полесно остварливо и преку добиениот статус од јавен интерес на Сојузот, што исто така се вбројува во нејзините и активностите на нејзиниот тим, како и пристап до европски и други фондови.
Изборот Станка Трајкова да биде претседател во наредниот четиригодишен мандат ќе донесе и поголема меѓународна соработка и афирмација на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, не занемарувајќи ја нејзината ангажираност 53-те здруженија да си останат како правни субјекти потпомогнати од Сојузот, но и од ЗЕЛС и од општините во кои живеат пензионерите.
Ова се само посочени сегменти од нејзината досегашна работа што упатуваат дека изборот на Трајкова е добар и корисен за сите 290.000 пензионери членови на Сојузот, но и за сите пензионери во нашата земја, се вели меѓу другото во официјалното соопштение на СЗПМ.