Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.
-Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката – велат од ОЈОГОК.
По објавите во медиумите во однос на компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор, Антикорупциската комисија најави дека ќе ги провери наводите, а апели до оваа институција како и до Обвинителството за да се истражат сите постапки денеска повторно упати премиерот Димитар Ковачевски.
-За сите информации што се од јавен карактер и сите податоци за изборот и на проектантот, и на изведувачот, и на надзорот се јавно достапни во Бирото за јавни набавки. Може да отпочнат какви било постапки, а јас третпат го повикувам и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија да спроведат постапка за која имаат законска надлежност во однос на сите информации кои се достапни. А сите одлуки на Владата ќе бидат доставени со материјалите до Антикорупциската комисија – рече Ковачевски на седницата на пратенички прашања во Собранието.
Тој одговори на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на собраниската седница за пратенички прашања кој праша дали треба да се отвори истрага за фирмата за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д во вредност од 22 милиони евра и зошто е избрана фирма без искуство за надзор која, како што рече, преку ноќ добила лиценца за надзор, како и грант државни пари од ФИТР.
Како што рече Ковачевски, вредноста на надзорот е најниска во вкупното учество на изградба на патишта досега.
-За коридорот 8 и коридорот 10д, процентот на вредноста за надзор и изградба на патот е 1,69. Значи, од вредноста од една милијарда 300 милиони евра од Договорот за проектирање и изградба за коридорот 8 и коридорот 10д, надзорот е 22,3 милиони евра или 1,69 проценти, што е најниско учество на надзор во вкупен проект на кој било автопат досега во државата – посочи премиерот.
За надзорот на коридорите одговараше и вицепремиерот Артан Груби, кој е и претседател на Управувачкиот комитет на Владата за преговорите за изградба на двата коридора.
-Цела постапка е запазена и е помината низ сите управни постапки во државата – рече Груби.
Според најавите, стартот на проектот за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10 во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра е предвиден за почетокот на следниот месец.
Владата минатата недела на седница ја одобри и првата транша во износ од 87 милиони евра од вкупно 243 милиони евра предвидени за годинава.