Шпанецот Маркез ќе ја пропушти следната трка за ГН на Аргентина, бидејќи вчера во Мадрид му беше оперирана раката, по судирот со Оливеира
МОТОЦИКЛИЗАМ
Актуелниот шампион во Мото ГП, Италијанецот Франческо Бањаја со триумф започна во одбрана на шампионската титула, откако славеше на воведното гранпри во Португалија. Возачот на Дукати ден пред тоа победи и на првиот спринт во Мото ГП. Шпанецот Марк Маркез и неговиот сонародник Жорге Мартин во еден свиок имаа колизија, а Маркез притоа се судри со Португалецот Мигел Оливеира, а тоа го искористи Бањаја, кој го презеде водството на патеката и до крајот на трката не го испушти, триумфирајќи со 0,687 секунди пред Шпанецот Маверик Вињалес. Трет низ целта мина дебитантот, Италијанецот Марко Брацеки.
Возачот на Хонда, Маркез, ќе ја пропушти следната трка за ГН на Аргентина, бидејќи вчера во Мадрид му беше оперирана раката, стои во соопштението на официјалниот сајт на Мото ГП-шампионатот.
Маркез по предизвиканата несреќа за ГН на Португалија мораше да се откаже од трката. По враќањето во Мадрид му беа извршени детални лекарски прегледи, во кои беше утврдено дека ја скршил првата метакарпална коска, поради што веднаш бил опериран.
Во соопштението од таборот на Хонда се наведува дека Маркез ќе ја пропушти следната трка во Аргентина, која ќе се вози на втори април, за целосно да закрепне и да биде максимално подготвен за продолжението на сезоната. Маркез е казнет и со два круга на следната трка, поради предизвиканиот инцидент во Португалија. Г.И.