Српска листа за бојкотот на локалните избори
Српската листа денеска соопшти дека одлуката да не учествува на претстојните локални избори на северот на Косово е „последица на континуираното институционално насилство врз Србите од страна на режимот на Албин Курти“.
Во соопштението, Српска листа потсетува дека не се исполнети барањата што тие ги поставуваат како услов за враќање во косовските институции, формирање Заедница на српски општини (ЗСО) и повлекување на сите специјални единици од северот на Косово.
– Во претходните две години, антисрпскиот режим на Албин Курти им го скрати правото на косовските Срби да гласаат на избори и референдуми, ја забрани вакцинацијата против коронавирусот и спречи испорака на лекови и медицински материјали, апсеше, прогонуваше и обвинуваше Срби без никакви докази – наведуваат од Српска листа.
Тие го обвинија Курти дека „и покрај договорот од Брисел“, спречил употреба на регистарски таблички на КМ и со тоа „го лишил српскиот народ од правото на слободно движење“.
– Казнените орди на косовските специјалци им ја одземаа земјата на српските домаќини во Зубин Поток и Лепосавиќ и изградија диви бази во овие општини, а тие секојдневно го малтретираат српскиот народ и пукаат во Србите. Го потсетуваме Албин Курти дека од почетокот на годината од службеното огнено оружје на припадниците на КБС е пукано врз српските деца Стефан и Милош во Штрпац, а од зад грб на мостот Бистрица е пукано во Миљан Делевиќ – се додава во соопштението.
Од Српска листа наведуваат дека со „односот кон српскиот народ Курти го покажал и со поставувањето на нему лојалните Срби, како Ненад Рашиќ за министер, иако нема поддршка од граѓаните и од ниту еден пратеник во парламентот во Приштина, како и со одбивањето да ја почитува одлуката на Уставниот суд за враќање на земјиштето на манастирот Високи Дечани.
– Со оглед на сето горенаведено, Српската листа, согласно ставовите на граѓаните кои ги застапуваме со години, одлучи да не учествува на овие избори. Недовербата што Србите ја чувствуваат кон Курти е забетонирана со неговите последни потези – се наведува во соопштението.
Локалните избори во четири општини на северот на Косово се најавени за 23 април, а рокот за пријавување партии и кандидати истече вчера.