Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопјани во последно време сѐ позачестено се соочуваат со агресивно однесување од страна на дечиња питачи, кои доколку не го добијат посакуваното, бурно реагираат, а некои и се одмаздуваат. Мини-анкета со граѓани покажува дека тие деца стануваат премногу нападни и агресивни. Анкетираните граѓани исто така велат дека помагаат, меѓутоа не можат постојано да им купуваат или да им даваат пари, за кои знаат дека ќе завршат во рацете на нивните родители, кои, пак, според сведочењата, ќе си купат цигари или алкохол. Од ресорното министерство, пак, велат дека заштитата и постапувањето со децата на улица се комплексен проблем, кој бара мултисекторски приод што почива на темелите на изградена, организирана и стандардизирана вмрежена законска соработка на сите релевантни владини и невладини организации и институции

Проблемот со децата што питаат по фреквентни места се продлабочува, скопјани апелираат да се најде решение

Сѐ поголем е бројот на деца питачи на скопските крстосници. Некои од нив пуштени сами, некои во придружба на помали или поголеми браќа и сестри или пак родители, сите организирано дејствуваат на крстосниците. На еден дел е мајката, најчесто со мало дете в раце, а на другите делови од крстосницата се наоѓа по едно од неколкуте деца што ги има. Збирно место е средишната жардиниера или, пак, околните зелени површини доколку ги има.
Ако во непосредна близина има и некој маркет, тогаш тоа е полн погодок. Некои од децата стојат пред вратите на маркетот, каде што буквално ги напаѓаат минувачите, молејќи ги да им купат за јадење, меѓутоа не тоа што ќе им понуди случајниот минувач, туку нешто конкретно и скапо што тие го сакаат. Доколку не се согласи минувачот, мора да се подготви за напад. Има случаи граѓанинот да добие плуканица или да го влечат и тегнат, а често и да му паднат на колена пред нозе или да застанат пред автомобилот и да не го пуштат лицето да си замине.
И сето тоа трае со денови, па и месеци…

ЕДНО СЕМЕЈСТВО – ЕДНА КРСТОСНИЦА

Скопјани во последно време се чини како да се соочуваат со сѐ поагресивни дечиња питачи, кои доколку не го добијат посакуваното, веднаш се одмаздуваат. Граѓаните велат дека помагаат, меѓутоа не можат постојано да им купуваат или да им даваат пари, за кои знаат дека ќе завршат во рацете на нивните родители, кои, пак, ќе си купат цигари или алкохол. Тие тврдат дека се премногу нападни и агресивни.
– На крстосницата на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош и Втора македонска бригада, на сите четири патни правци стои понекој питач. Најчесто стои жена со мало бебе, а на другите делови се распоредени најверојатно нејзините деца. Тука, во близината имаме и маркет, па кога беше убаво времето, стоеја пред него и буквално нѐ напаѓаа. „Купи ми две кила брашно, кроасан од овој бренд, купи ми паштета ’аргета’…“ Ајде, ќе купев понекогаш, па кога ќе купев, братчето или сестричето се лутеше зошто не сум му купила нему, па плачеше, се фрлаше на земја, плукаше, па го тепаше братчето. На крајот ми се закани дека ако не му купам, ќе ме плукне… Сето тоа се случуваше пред мојот петгодишен син, кој навистина се исплаши од тоа што го виде. Јас не се трудам да го учам дека светот е розов, но не го учам ни дека треба да биде на улица. Напротив, му велам дека за да се има пари, мора да се работи и дека децата не треба да страдаат за ништо – вели Бисера Трајковска, жителка на Бутел 2.
Таа потенцира дека сликите што сите ги гледаат на оваа локација воопшто не се за занемарување.
– Голи и боси шетаат, се тепаат, се фрлаат по возилата… тоа се трауми за сите нас, а особено за малите дечиња, кои не ги разбираат овие работи. Понекогаш ќе ѝ викнам на мајката да ги однесе на училиште или во градинка, таа само ќе ме погледне и си ја врти главата. Трча од возило на возило. Да, разбирам дека нема пари и тоа е доста голем проблем, меѓутоа државата има механизми со кои им помага на овие категории граѓани. Зошто не сакаат да искористат помош, навистина не ми е јасно – потенцира Трајковска.
Дека се проблем и за самиот сообраќај потенцираат и возачите. Тие велат дека најлошо е кога ќе им паднат пари при претрчување на крстосницата.
– Не се грижат воопшто дали во моментот минува возило или не. Тие решиле дека треба да се токму среде крстосницата. Ми се случи детенце не поголемо од четири години да седи на средина и да игра. Да му е страв на човек да вози. Мало дете е, не може да му се верува. Којзнае што ќе му текне – вели Слободан Митревски, кој секојдневно минува од крстосницата одејќи кон своето работно место.

ВО МОМЕНТОТ СЕ ЗГРИЖЕНИ 70 ДЕЦА

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека заштитата и постапувањето со децата на улица е комплексен проблем, кој бара мултисекторски приод што почива на темелите на изградена, организирана и стандардизирана вмрежена законска соработка на сите релевантни владини и невладини организации и институции, како и поединци што се директно и индиректно вклучени во проблемот „деца на улица“.
Оттаму велат дека за подобрување на состојбата и меѓусебната координација во постапувањето помеѓу институциите и нивните одговорности во однос на децата на улица е подготвен Протокол за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица. За подготовка на овој важен документ, Министерството за труд и социјална политика формира работна група со претставници од МВР, МОН, МЗ, МП и НВО, со цел координирано постапување со децата.
– Со цел намалување на појавата од питање кај децата на улица и нивните родители, Министерството за труд и социјална политика преку центрите за социјална работа, а во координација со Министерството за внатрешни работи, формираа тимови што подготвија месечен план за спроведување теренски посети за сузбивање на социопатолошката појава питање, преземање конкретни чекори за намалување на појавата од питање кај децата на улица и нивните родители – информираат од МТСП.
Надлежните нагласуваат дека вистинскиот механизам за грижа на децата од улица е јакнењето на биолошките родители, преку издигање на образовното и културното ниво, континуирани заложби за јакнење на родителските капацитети, одговорното родителство и надминување на стереотипните однесувања, поврзани со припадност на одредена етничка група, мерки на Владата за надминување и сузбивање на сиромаштијата и вработување.
– На територијата на градот Скопје има три дневни центри за деца на улица и во моментот се згрижени 70 деца, со решение на ЈУ МЦСР Скопје. Основна улога на дневниот центар за деца на улица е отстранување на децата од улица и нивна инклузија, односно вклучување во општеството преку усвојување различни социјални вештини, како и работа со нивните родители и другите членови од семејството заради подигање на родителските вештини и свесноста од негативно влијание на улицата врз здравјето и животот на децата преку реализација на соодветни програмски активности – нагласуваат од ресорното министерство.

[email protected]