Жените како научни работници сочинуваат речиси 45 отсто од научната работна сила во Кина / Фото: ЕПА

Експертите излегуваат со предлози како да се надмине полесно родовата нееднаквост

Унапредување на женските права и намалување на родовиот јаз

Кина ќе ги поддржува жените што тежнеат кон создавање кариера и играат поголема улога во образованието, науката и технологијата, како и во иновациите, промовирајќи на тој начин родова еднаквост и ослободувајќи го потенцијалот на женската работна сила во областа на науката, изјавија официјални лица и експерти.
– Научнотехнолошкиот развој во 21 век доведе до невиден прогрес во општествениот, економскиот и политичкиот статус на жените низ светот – рече Мејбл Лу Миао, генералната секретарка на Центарот за Кина и глобализација (ЦЦГ).
Меѓутоа, овој развој наедно донесе и нови предизвици, како што се родова нееднаквост, родово насилство и недоволно напредување во кариерата и женската застапеност во лидерските улоги, како што изјави таа за време на симпозиумот организиран од ЦЦГ и „Жените на ООН“.
Смрити Ариал, шефица на „Жените на ООН“ во Кина, истакна дека жените учествуваат со помалку од една третина во вкупната светска работна сила во професиите од областа на СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), но затоа тие учествуваат со мнозинство во рамките на неквалификуваната работна сила. Ариал истакна дека тоа ги доведува жените во ризик од можноста да бидат заменети со автоматизација и технолошки иновации. Една глобална анализа на 133 системи за вештачка интелигенција покажа дека над 44,2 отсто покажале родови предрасуди, што води кон понизок квалитет на услуги, нееднаква распределба на ресурси и поттикнување штетни стереотипи. Таа додаде дека е од клучно значење да се поддржат младите жени во едукацијата за СТЕМ и нивните кариери, да се воспостават женски примери и да се намалат родовото вознемирување и насилство, мотивирани од технолошкиот развој.

Жените и дигиталната сфера

Сидарт Чатерџи, постојан координатор на системот за развој на ООН во Кина, изјави дека дигиталниот јаз прерасна во ново лице на родовата нееднаквост, а исклучувањето на жените од дигиталниот простор има огромна економска и социјална цена.
Според извештајот на „Жените на ООН“ од 2022 година, исклучувањето на жените од дигиталната сфера во последнава деценија го намалило бруто-домашниот производ во земјите со низок и среден приход за речиси една илјада милијарди долари. Доколку овој тренд продолжи со несмалена жестина, се предвидува до 2025 година загубите да достигнат и до 1,5 илјада милијарди долари.
– Доколку сакаат да се справат со овој предизвик, владите, приватниот сектор и другите субјекти мора да инвестираат во програми засновани на докази, кои на жените и девојките им нудат ефикасен пристап и вештини за водење и обликување на дигиталниот пејзаж – смета Чатерџи.

Придонесот на кинеските научнички во работната сила

Чен Дали, заменик-директор на Одделот за меѓународна соработка и размена во кинеското министерство за образование, изјави дека Кина ѝ придава големо значење на поддршката на образованието и женските права.
– Во моментов Кина има 18,94 милиони средношколки, што претставува 48 отсто од вкупната средношколска популација во земјата – рече тој.
Исто така, студентките сочинуваат 53 отсто од вкупниот број студенти на додипломски студии во Кина, додека „женскиот“ процент кај постдипломските студии изнесува 51 отсто.
Жените како научни работници сочинуваат речиси 45 отсто од научната работна сила во Кина. Тие даваат свој клучен придонес во областите вселенски летови со екипаж, вселенски истражувања, компјутерски науки, медицина, како и во некои други области. Чен истакна дека Кина ќе продолжи да им дава поддршка на жените во нивниот стремеж кон образование и изградба на кариера во науката и технологијата, а ќе им обезбеди и зголемен број можности во сферата на донесување одлуки и во професионалната размена.